Фото: Маја Јаневска-Илиева

Практиката на предвремени парламентарни избори создаде перцепција меѓу македонските граѓани дека тоа е вообичаена постапка, која, без разлика дали е во интерес на општеството, се бара и се применува кога се смета дека тоа е од политички интерес на власта или на опозицијата

Уште од прогласување на независноста и во текот на своето самостојно постоење како држава, Македонија има изборна практика од серија предвремени изборни циклуси, што беше особено изразено во последните 11-12 години. Тоа практично значи дека во тој временски период немало македонска влада што дошла до крајот на еден четиригодишен мандат. Од друга страна, пак, таквата практика на предвремени парламентарни избори создаде перцепција меѓу македонските граѓани дека тоа е вообичаена постапка, која без разлика дали е во интерес на општеството, се бара и се применува кога се смета дека тоа е од политички интерес, на власта или на опозицијата. Но каде е тука интересот на граѓаните.

Неодамна на протестот пред Владата на РМ, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара предвремени парламентарни избори, кои би се одржале наредната година, заедно со претседателските избори.
– Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските мора да има. Ајде да подготвиме чист и еднаков терен за сите политички партии исто како што беше во 2016-та – повика Мицкоски.
Од друга страна, и владејачката коалиција деновиве преку политички потези и реконструкција на Владата настојува да го зголеми парламентарното мнозинство. Во вакви околности на тенко мнозинство и за власта би претставувало предизвик да обезбеди поголема стабилност за спроведување на нејзините политики за што еден од начините секако е и преку нови избори.
Сепак, и покрај изнесените аргументи на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за потребата од предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските, од една страна, плановите и комбинаториките на власта од друга страна и истовремено покрај стекнатата навиката на македонските граѓани да излегуваат често на избори, сепак сиве овие години останува неразјаснето дали во општеството се случуваат квалитативни промени со толку чести изборни циклуси, која е ползата за граѓаните или главно сѐ се сведува на онаа народната – симни се Мурто да се качи Курто. Бидејќи сета политичката прагма на македонското општество во последнава година е целосно насочена кон решавањето на проблемот околу спорот за името, што на Македонија ѝ е наметнат од Грција, ова прашање може повторно да се користи како изборна муниција како и на претходните изборни циклуси.

– Барањето на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е очекувано. Искрено, моето очекување беше дека ќе побараат и за термин порано, на пример веќе во септември. Од друга страна, актуелната влада, предводена од СДСМ повеќепати истакна дека нема потреба од нови избори и дека тие не планираат да ги свикаат предвремено, меѓу другото и заради стабилност потребна за развој на економијата. Деновиве се шпекулираше и со можни избори есенва, заедно со евентуалниот референдум, што можеби ќе ѝ биде потребен на Владата, за да обезбеди над 50 отсто одѕив за референдумот, а и потврда (или пораз) на референдумскиот предлог. Но, за тоа е рано да се дискутира кога сѐ уште нема договор меѓу владите за спорот со Грција, а потоа и евентуален национален консензус, односно поддршка и од опозицијата – размислува прагматично првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски.
Иако моментот на идентификување на придобивката за граѓаните со решението на проблемот со Грција, што (според Владата) би довело до забрзана евроатлантска интеграција на Македонија, во поттекст на тоа размислување сепак останува да се одговори за легитимноста на општествениот интерес во барањето за предвремени парламентарни избори.

Но каде е тука интересот на граѓаните, односно легитимноста и потребата на ваквите барања во поширок општествен контекст

– Ако согледувањата се дека пресуден момент за одржување на предвремените парламентарни избори, на крајот од 2016 година беше наративот за постоење режим, недемократско владеење на тогашната власт…, една година подоцна резултатите на актуелната влада таквиот наратив го прават проблематичен. Имено, по една година од работата на оваа влада, констатирани се проблеми по три клучни точки: запоставена економија, проблеми во практикувањето на демократијата, евроатлантските интеграции, де факто и понатаму се заглавени со проблемот со Грција – легитимно е опозицијата да бара предвремени извори. Навистина, тоа не значи дека тоа барање и ќе биде прифатено од Владата – вели политикологот Жидас Даскаловски.
Во период на интензивни случувања во надворешнополитичката активност на Владата со нејзините обиди да најде обострано прифатлива солуција (и за Македонија и за Грција) за тридецениското проблематично прашање, кое се провлекува од независноста, се чини дека терминот што го бара опозицијата за предвремени избори од овој миг изгледа како далечна иднина, во која многу нешта можат да се променат. Односно, дали во март, 2019 година, предвремените избори ќе ѝ одговараат само на опозицијата или и актуелната владејачка партија (СДСМ) тогаш ќе има поинаков интерес?
– Ако е барањето за избори во март заедно со претседателските е и заради заштеда на трошоци (да нема посебни избори за парламент и за референдум), можеби е тоа добар момент за трите работи одеднаш… Секако, ако има основа за тоа, односно договор со Грција, ако не сега – тогаш до крајот на годината – вели Александар Кржаловски.
Во врска со прашањето дали бараниот термин за предвремени избори е многу далечен за прогнози во чиј интерес би биле, Жидас Даскаловски смета дека прогнозите за политичките резултати се секогаш хипотетички.

– Популарноста во политиката, особено кога има интензивна динамика на случувања, многу брзо се менува. Па од денешен аспект не би можело да се каже во чиј интерес би се одвивале настаните до март, наредната година. Евентуално, може да се оцени како рационално барањето за поврзување со претседателските избори за намалување на трошоците и поврзување на изборните кампањи – размислува Жидас Даскаловски.
Од друга страна, за граѓаните изборите имаат смисла доколку влијаат на подобрување на квалитетот на живеењето преку активни програми и политики со кои реално ќе се зголеми животниот стандард на сите граѓани, но истовремено избраните народни претставници да ги штитат и бранат државните и националните интереси, уставното име и идентитетот на македонскиот народ.