Фото: Игор Бансколиев

Ако не знаеш кој си и што си, не можеш да бидеш ниту демократ, ниту да функционираш и да се легитимираш во современиот свет, вели професорката Наде Проева

Регионална иницијатива против историските ревизионизми на Балканот

Наместо историјата да се третира како наука и да биде регистратор на настани, историски вистини, факти и хронологија, таа сѐ повеќе е третирана како варијабилна алатка на некои сегашни земји и државни гарнитури, особено кога настаните што се случиле во минатото почнуваат да се гледаат и толкуваат низ диоптрија на политички потреби и интерес.

Историските ревизионизми на посилните држави

Сѐ поизразен е трендот историјата да се ревидира според актуелните политички амбиции и проекции за иднината, па често се слуша дека за да се оди напред во иднината, не треба многу да се гледа во минатото, туку да се тежнее кон некаква наднационална историја…
Неодамна, кон средината на јуни, годинава, во Белград (Србија) беше објавена декларацијата насловена „Да ја одбраниме историјата“, како завршница на регионалниот проект „Кој прв почна: историчарите против ревизионизмот“. Во овој проект учествувале и се потписници и историчари од Македонија.
– Во државите создадени со распадот на СФРЈ силно е присутен ревизионистички пристап кон минатото. Историскиот ревизионизам е злоупотреба на историската наука, намерно и пристрасно искривување на претставата за минатото. Тој подразбира приспособување на минатото за современите политички потреби, издвојување и нагласување на посакуваните и фабрикување на непостојните податоци, селекција на историските извори, исфрлување на сѐ она што не им одговара на политичките идеи и програми. Наспроти ова се наоѓа посакуваното унапредување на научните сознанија, откривањето на новите историски извори и новите толкувања на веќе познатите извори, примената на нови методологии и парадигми, постојаното преиспитување и реконтекстуализација – кои се задолжителни состојки на работата на историчарот.

Злоупотреби на историските факти и од медиумите

Сите држави имаат свои одредени политики на историјата, но
националистичките идеологии и војните довеле до тоа, во и кон државите создадени со распадот на СФРЈ, злоупотребата на историската наука да биде особено изразена. Историската наука се користеше за психолошки да се подготват војните, како и по војните да се одржува политиката заснована на експлоатација на националистичките страсти. Историската наука ја злоупотребуваа политичарите, медиумите, многу интересни групи, но и самите историчари, се вели на почетокот од декларација за одбрана на историјата. Потоа се наведени десетина принципи кон кои се препорачува да се придржуваат историчарите од регионот во својата работа, но и барања од потписниците на декларацијата до историчарите научници, до политичките елити, националните парламенти и европскиот парламент, и другите државни и европски институции да не ја злоупотребуваат историјата за политички интереси.
– Од домашните и од европските парламенти: да престанат да носат закони, резолуции, преамбули и други акти со кои се наметнува „историска вистина“ и подобно толкување на минатото, бидејќи со тоа директно се вклучуваат во прекројување на историјата и опасни манипулации со минатото – се вели во едно од барањата на декларацијата.

Поединци од историските комисии, под контрола на политичарите, генерираат ревизионизам?!

Регионалната иницијатива пред сѐ се однесува за државите произлезени од поранешна Југославија, значи вклучувајќи ја и Македонија. Но нашата земја и национална историја се предмет на атаки, притисоци и ревизионизам и од соседите, кои историски имале претензии од различна форма. Токму сегашните историски комисии се полето на судир на кое веќе извесно време се присутни обидите да се преиспитува и ревидира македонската историја. Во македонската јавност сѐ повеќе се наметнува дискурсот дека од прифаќањето на историските ултиматуми на соседите, односно од откажувањето од сопствената историја, зависи влезот на Македонија во Европската Унија.
– Поддржувам голем дел од содржината на оваа регионална декларација за одбрана на историјата, односно основната премиса – политиката да не се меша и да не ја злоупотребува историјата, како и тоа историјата да не се користи за ширење омраза, идеи за одмазда, дискриминација и кршење на човековите права… Сепак, не можам да пронајдам логика во идејата дека историјата е наднационална. Тоа личи на бришење на нациите, што воопшто не го решава проблемот на националшовинизмот. Наднационална историја не може да функционира, освен во тоталитарни режими каде што бришат или премолчуваат историските факти.

Историјата е она што се случило и се изучува за да не се повтори. Не може да се избегнува дека нацизмот и фашизмот се случиле, со преименување на Денот на победата над фашизмот во Денот на Европа. Сите историски факти треба да се стават на маса и тие што биле на погрешната страна на историјата да се самолустрираат и да се извинат – вели Тодор Чепреганов, поранешниот директор на Институтот за македонска национална историја.
Историчарот Чепреганов вели дека тој како научник, не знае што би пишувал како наднационален историчар, а идеите за наднационална историја се спротивни со состојбата кога и ние во Македонија, а и многу други држави имаат институти, музеи, установи за национална историја.

Џонсон: Не можеме да ја фотошопираме историјата

– Британскиот премиер Борис Џонсон, соочен со протестите и уривањето на спомениците на личности од британската историја, кои во денешен контекст се обвинети како расисти, трезвено кажа: „Не можеме да ја фотошопираме историјата“ и тоа е здрав однос на современ политичар спрема сопствената национална историја. Многу од историските случувања и историските личности не можеме да ги цениме според актуелниот политички контекст и општествени вредности. Историските факти не треба да се кријат и да се премолчуваат. Можете да ги скриете од една генерација, но тие ќе се појават во наредната генерација, со дополнителна мистификација од усното прекажување. Како што се случи во Македонија со повеќе историски личности од периодот по Втората светска војна, како Ченто… Со криење на историските факти само се создаваат поголеми проблеми за иднината. Со декларација не можете да направите нешто да се заборави – вели Чепреганов.
Истовремено, тој го поставува прашањето, зошто идејата за наднационална историја се појавува во мултинационални и мултиконфесионални држави, како оние произлезени од поранешна Југославија.

– Европа не може да се носи со срамот и стравот од крвавиот распад на државата Југославија и во обидот да се поедностави комплексноста на причините за таквите состојби, сѐ се сведе на обвинување за национализмот. Европската Унија и меѓународната заедница не ги сакаат комплексните проблеми и односи на Балканот, па како поедноставно решение го сметаат бришењето на нациите преку концептот на создавање наднационални (анационални) граѓански држави. Во реалноста тоа значи решавање на еден проблем со создавање поголем – вели Чепреганов.
Идејата на регионалната декларација за одбрана на историјата ја поддржува и професорката по античка историја од УКИМ, Наде Проева, најмногу во основната идеја за немешање на политиката преку злоупотреба на нејзината научна димензија. Но и таа, во поглед на идејата за наднационалност на историската наука пристапува со воздржаност и сомничавост.

– Кај нас национализмот погрешно се изедначува со шовинизам, додека секаде во светот национализмот се доживува како кохезивна вредност на едно општество и држава. Националшовинизмиот можеби беше една од причините за крвавото распаѓање на Југославија, но секако не беше единствената. Но таквата оцена ја направи модерна идејата за анационалност (наднационалност). Се чини дека денес ако си анационален, тогаш си и модерен. Но ако не знаеш кој си и што си, не можеш да бидеш ниту демократ, ниту да функционираш и да се легитимираш во современиот свет – вели професорката Наде Проева.