Фото: Игор Бансколиев

Повеќето од финансиските пакети наменети за Авганистан, одобрени од Вашингтон, завршуваа на приватните сметки на оние што од заднина управуваат со американската надворешна политика, како и кај одредени генерали, политичари и бизнисмени. Добро е познато дека во текот на својата кариера, американските генерали финансиски се двапати „нахранети“: еднаш со добивањето заслужена пензија, а вториот пат со сместување во советничките структури на моќните корпорации

Со повлекувањето на Американците и нивните сојузници од Авганистан, се појави реална закана од голем бегалски егзодус. Притоа, сите знаеја дека овој егзодус ќе се движи во насока на „демократскиот рај во ЕУ“. За ваквото мислење постојат доволно аргументи уште од 2015 година, кога во текот на првиот масивен бегалски бран, на просторот на Европа се вселија повеќе од еден милион емигранти. Неуспешниот пилот-проект на бриселските „волшебници“ (во соработка со неолибералните предводници од структурите на американскиот естаблишмент), кој резултира со внатрешен политички раскол, од кој Европа до денес нема закрепнато (не случајно дојде и брегзит) и кој поттикна голем број други процеси на штета на прокламираната интеграциска политика на Брисел и желбата за јакнење на внатрешната кохезија.

ЕУ отстапи од своите идеолошки начела и стратегии и од меѓународното право и презентира лажен хуманизам и лажна демократија и грижа за човекови права

Имено, слабата или никаква контрола за време на стихијниот или лажен, т.е. псевдоорганизиран влез на мигранти на просторите на Унијата, предизвика цела низа безбедносни проблеми, кои вклучуваат радикализација на состојбата во европските општества и зачестена појава на исламски тероризам, што граѓаните ги доведува до очај – пред сè, поради фингираната борба на државните структури против самите причинители на овие појави, кои беа одамна заборавени на европска почва – уште од времето на палестинско-израелските пресметки и терористичките акции на ПЛО и радикалните левичарски организации. Причините, освен пробивот на маси луѓе низ европските граници (со дупки како швајцарско сирење), вклучуваа и сè уште ги вклучуваат и неуспешната асимилација на мигрантите, нивното отфрлање на начинот на живот на средината што ги примила, односно на европските културни норми и традиции на автохтоното население.
Оние што во ЕУ со години не беа во состојба или не сакаа да ја видат погубноста на своите политики и застарените рецептури во новите глобални геополитички околности, чиишто контури јасно почнаа да се исцртуваат уште на почетокот на новиот милениум преку низа елементи што не смееја да останат незабележани (пред сè, тука е брзиот подем на Кина и враќањето на старата слава на разрушеното „руско царство“, за кое сметаа дека е засекогаш уништено) – сега ги жнеат горчливите плодови на својата кратковидост и убеденост во „безгранична семоќ“.
Перцепцијата на САД и на ЕУ за конечниот „крај на историјата“ (за која, доведен во заблуда, пишуваше американскиот професор со јапонско потекло, Френсис Фукујама), кој им овозможува да прават сешто каде што ќе посакаат – сега доаѓа да ја наплати сметката. Не само што никој во светот веќе не им верува туку сè помалку им верува и нивната домашна јавност – што за нив е многу поопасно.
Се чини дека бриселските „мудреци“ се наполно свесни за ова, сфаќајќи дека е дојдено времето за „исправање криви дрини“, па дури и ако тоа значи отстапување од нивните свети идеолошки начела и стратегии, базирани на лажен хуманизам и лажни демократија и грижа за човекови права – сето тоа исклучиво заради геополитички цели и ништо друго, а најмалку хуманост.
Поради ваквите состојби, во рок од само две-три децении до темел го разрушија европското културно и традиционално наследство – со векови потпрено на христијанството, што од Европа секогаш чинеше најдобро и најпривлечно место за живот и дојденци од целиот свет.

Притоа (за дежурните критичари на ваквите ставови) нагласувам дека припадноста на европските држави кон христијанската цивилизација нема ама баш никаква врска со моќниците од водечките структури на клучните европски држави, кои низ историјата христијанството го злоупотребувале за свои ситни интереси, колонијални амбиции и валкани проекти, кои на народите во светот им имаат причинето толку многу зла, поради што многу од нив со текот на времето ги намразија и Европејците и христијанството.
Злоупотребата на која било религија за политичка или друга намена, на крајот најмногу им штети на верските заедници, кои немаат апсолутно ништо заедничко со политиката или проекцијата на моќ, што дополнително го зголемува гревот на структурите што се занимаваат со таквата злоупотреба. Затоа и не толку одамна сведочевме на бришење од лицето на земјата на цели христијански заедници во Ирак и во Сирија од страна на џихадистите на т.н. Исламска држава, со молчаливо посматрање на западните сили, од кои многумина и денес лажно се колнат пред Библијата кога ја преземаат власта. Со радикализација на политиките, но сега во спротивен правец, не би било ништо чудно доколку на Западот жртви на прогон станат муслиманските заедници – нешто што никако не би смеело да се толерира. Но за да се спречи ваквото сценарио, муслиманските заедници мора да ги почитуваат законите на државите во кои живеат. Секако, најдобра превенција за ваков развој на настаните би била внатрешна пресметка помеѓу т.н. умерен исламизам и оној радикалниот. За жал, ретко сме сведоци на вакви позитивни промени, што се претвора во голем проблем што постои и надвор од територијата на Европа, каде што на крајот последиците би можеле да им се удрат од глава на умерените муслимански поединци.

Досегашните трансатлантски сојузници се обвинуваат за заедничките неуспеси и погрешните процени

Очигледно, сето ова ги натера челниците и клучните структури на бриселската бирократија да го сменат пристапот кон новиот бегалски проблем, кој веќе се надви на европскиот хоризонт и поради кој тие сега изгледаат целосно дезориентирани. Доволно е само да се види како во последниве денови и недели, на политичко, но и на медиумско ниво (само прочитајте што пишуваат деновиве британските весници за крахот на американската кампања во Авганистан), досегашните прекуатлантски сојузници се обвинуваат за заедничките неуспеси и погрешните процени.
Јасно е дека новата ситуација повеќе нема да може да функционира по паневропски модел. Југот на Европа веќе се задушува со бегалци од Африка, а истокот на ЕУ ни порано не сакаше да прима странци, па сигурно нема да го прави тоа ни сега. Дури ни Германија нема да може да чекори по старите патишта, уверува деновиве Ангела Меркел. Бројот на бегалци што оваа земја е подготвена да ги прими овој пат е многу помал од оние еден милион во 2015 година. Наводно, се спомнува бројка од околу 10.000 Авганистанци, но ни тоа не е потврдено.
Брисел сега бара начин сево ова да го прикаже како продолжување на почитувањето на „европските вредности“, но истовремено сепак да постави цврсти бариери на надворешните граници на ЕУ. Тој добро знае дека во наездата од авганистански и други бегалци (што ќе им се придружат), сигурно ќе има и од оние радикални елементи, кои настанатиот хаос сакаат да го искористат за своја инфилтрација во Европа, а сето тоа под маска на страв од талибанскиот режим.

Во таа смисла, најелегантно решение беше одлуката за доделување азил на бегалци да се препушти на самостојната волја на секоја поединечна членка на ЕУ, нешто што на 3 септември лично го најави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, зборувајќи на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи во Словенија, која е тековен претседавач со Советот на ЕУ. Дали се работи за инстинкт на бриселските бирократи за самоодржување на власт или, пак, за вистинска грижа за зачувување на Европа и нејзините народи од новата опасност од исток – проценете сами.
Меѓутоа, тоа не е сè. ЕУ (како порано на Турција), наводно, сега има намера да им плати на државите што се соседи на Авганистан за приемот на бегалци од оваа земја. „ЕУ обсервер“ и „Ла Вангардија“, повикувајќи се на извори блиски до структурите на ЕУ, кои сакаат да останат анонимни, пишуваат дека наводно се работи за Иран, Таџикистан и Пакистан. Европската гранична служба Фронтекс „ќе ги затвори сите канали за можен премин на илегални мигранти од Турција, Белорусија и Русија“, кои би можеле да ја искористат ситуацијата како стратегиско оружје против ЕУ. Доколку дојде до инвазија на авганистански мигранти од територијата на овие земји, се наведува дека Брисел веднаш ќе им воведе санкции. Само ќе додадеме дека е симптоматично тоа што Русија и Белорусија веќе и онака се под остри санкции на Западот, па би им било сосема сеедно доколку им воведат и нови. Исто така – на пример, еве, Таџикистан да прими и 100.000 Авганистанци, што ќе се случи со преостанатите приближно милион и нешто?
Во 40-милионскиот Авганистан големата криза веќе е започната, луѓето може да бегаат од глад, сиромаштија и невработеност, а притоа елегантно да се повикуваат на стравот од новиот режим. Значи сите тие би оделе на Запад. Пакистан – и самиот економски нестабилен – нема повеќе можности за прием, зашто таму пристигнаа повеќе од три милиони Авганистанци. Иран (слично како и Турција во 2016 година) околу ова можеби ќе може да тргува со ЕУ, зашто е во фаза на јалови виенски преговори со Западот околу своите нуклеарни програми и американските санкции за извоз на нафта. Но европското давање финансиска поддршка на овој „тврд“ конкурент од Блискиот Исток не би им се допаднало на Израел и на САД, кои би морале да прават отстапки. Сепак, доколку ЕУ остане цврсто на својот став околу ова прашање, Вашингтон и Тел Авив не би можеле да направат којзнае што. Поради сево ова, земјите-членки на ЕУ не чекаат заеднички договори или службени дозволи од надлежните структури во Унијата, туку дејствуваат самостојно. Покрај Унгарија (која почна прва и на која никој веќе не ѝ се потсмева, освен дежурните платеници во мејнстрим-медиумите или т.н. невладини организации), од неодамна тука е и Бугарија, а од пред неколку дена и Полска.
Во таа смисла, Полска распореди војска на границата со Белорусија, а Бугарија на границата со Грција и со Турција. Посебно интересна е Бугарија, која сфати „колку е часот“ откако Албанија навести дека студентските домови и хотели (кои беа празни поради ковид-19) целосно се окупирани од илегални мигранти, уредно „доставувани“ со преполните американски авиони, но и дека албанската гостољубивост заврши, поради што бегалците почнаа да се трансферираат кон Косово.
Од друга страна, Турција веќе од порано беше изјавила дека таа нема да стане дом за Авганистанците, туку ќе биде само транзитна точка на нивниот пат кон Велика Британија и Франција. Звучи весело, нели? Поинаку и не можеше да биде, кога дилетантите и опортунистите од ЕУ со години си играат државници и висока политика!

Што и кому му остана од Авганистан?

Пред сè, Авганистан претставува фијаско за американската политика, која водеше главен збор таму (без неа сигурно немаше да дојде до никаква воена операција во Авганистан од страна на ЕУ). Ништо чудно, со оглед на тоа што, исто како порано Советите и Британците, немаа доволно познавања и почит кон историјата на оваа држава. За Кандахар, како сегашна духовна престолнина на талибанците, сега знаат сите, но малкумина знаат дека овој град потекнува уште од времето на Александар Велики, кој го основал и му дал име Искандар (според локалното име за Александар). Од тогашно време постои и поговорката дека е лесно да се влезе во него, но тешко е да се излезе. Со други зборови, на овие простори не се војува само во последниве 100, 200 години, туку долго време пред Христа.
Со американското повлекување паднаа многу маски, при што е најмалку важно дали во сето тоа Бајден ја изгубил ориентацијата или не. Таа е одамна изгубена од страна на САД, кои беа длабоко опиени од семоќта добиена по победата во Студената војна. Тамошниот естаблишмент веќе одамна не знае во кој свет живее, а уште помалку знае што и како треба да се прави.
Како бесно куче одеднаш пуштено од синџирот, Американците започнуваа една војна по друга – ни сами не знаејќи зошто. Поточно, причините ги знаат само тесен круг поединци, кои лично стоеја зад плановите околу тие војни. А сè, како и секогаш кога станува збор за САД, се темелеше на лична добивка – што во суштина претставува највисок идеал во американското општество речиси уште од неговото формирање. Начелото „она што е добро за ’Џенерал моторс‘, тоа е добро и за САД“ важеше како во минатото така и денес.
На што беа трошени 42 милијарди долари годишно за авганистанската војска, која ниту според големината на државната територија, а ниту според нејзината структура и бројност, никогаш не може да има вакви расходи? Десет години по ред Вашингтон ѝ ја доделуваше оваа сума на авганистанската војска (значи вкупно 420 милијарди долари), за таа на крајот да се распадне за само три дена. Меѓутоа, не смееме да бидеме наивни и да сметаме дека тие пари дошле во Авганистан и завршиле во џебовите на корумпираните генерали и политичари во Кабул. Иако е несомнен факт дека авганистанските политичари и воените заповедници се доста корумпирани, сепак не се во толкава мера како оние од Западот – пред сè оние во САД – каде што сè поминува многу лесно по пат на лобирање или класично забошотување.

Наводно, Американците потрошиле трилион долари за Авганистан. Ајде да не бидеме наивни – ваква огромна сума пари внесена во земјата би требало да биде видлива на ваков или онаков начин – без оглед на степенот на корупција на нејзините политичари. Но се разбира дека не е така! Поголемиот дел од тие пари за Авганистан – одобрени од Вашингтон – во основа никогаш не излегоа од територијата на САД, туку завршуваа на приватните сметки на оние што од заднина управуваат со американската надворешна политика, како и кај одредени генерали, политичари и бизнисмени. Добро е познато дека во текот на својата кариера, американските генерали финансиски се двапати „нахранети“: еднаш со добивањето заслужена пензија, а вториот пат со сместување во советничките структури на моќните корпорации, чии интереси, додека се на врвот на својата кариера, уредно ги задоволуваат.
Во основа, познатата синтагма дека војната некому му е брат потекнува токму од САД.
Целата таа „нечистотија“ околу Авганистан полни две децении се камуфлираше со звучни изјави за развој на авганистанската демократија, транспарентни избори, пофалби од типот „Авганистан е главен американски сојузник надвор од НАТО, кој ја предводи борбата против корупција“ и што ли уште не. Во меѓувреме се изнаоѓаа нови и нови поводи за продолжување на американската интервенција: најпрвин тоа беше симнувањето на талибанците од власт, борбата против Ал каеда, ликвидацијата на Осама бин Ладен, па воведување демократија и враќање на Авганистан на вистинскиот пат… А за цело тоа време Американците не изградија ниту една единствена фабрика или некој поважен инфраструктурен објект во оваа држава (сетете се само на споменатите трилион долари!). Но затоа отвораа центри за демократизација и за ЛГБТ-заедници, организираа развој на политички процеси и други активности, поврзани со вредности што авганистанското општество никогаш не ги прифаќало, ниту пак ќе ги прифати во времињата што идат.
Се разбира, на крајот сето тоа пукна како меур од сапуница. Последиците само што не почнале да се чувствуваат, зашто авганистанската корупциска „црна дупка“ им одговараше на сите: се переа пари од секого и од сè, се тргуваше со дрога и оружје, профитираа разни „кучиња на војната“ и приватните компании за вакви или онакви услуги. По воениот дебакл, „црната дупка“ одеднаш пресуши. Кој по неа во Вашингтон ќе може да критикува и обвинува други влади и држави за корупција, кога севкупната светска корупција е помала од онаа што на годишно ниво се случуваше на авганистанската територија или, пак, беше поврзана со Авганистан – веќе полни 20 години?
И што е уште полошо за САД, поразот во Авганистан силно ќе влијае врз процесите и политичките сили во американското општество – уште посилно одошто го направи тоа поразот во Виетнам. Овие промени засега се непознати, но сосема е сигурно дека ќе бидат долготрајни и ќе имаат далекосежни последици не само за Вашингтон туку и за светот во целина.
И конечно, може да се запрашаме – кому и што му остана од Авганистан? На Американците им остана дрогата, на Кинезите ресурсите, а на Германците и на ЕУ им останаа само бегалците. Оттука, дали му е воопшто некому чудно што сега сите меѓусебно се расправаат околу тоа кој е виновен за целиот овој хаос?

Зоран Метер, „Геополитика“