И повторно понуда за „компромис“ на домашното политичко мени. Имено, неделава вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, истакна дека очекува овој период да се постигне компромис за отворените прашања со Бугарија. Меѓутоа, според аналитичарите, перцепцијата на македонскиот народ на терминот политички компромис по многу нешта се разликува од онаа на просечниот Европеец. Зошто?! Затоа што во македонската јавност и кај македонскиот народ овој збор има горчлив вкус што навестува форма на политички пораз за битни прашања од национален интерес, прифаќање уцени и ултиматуми…

Најфаталниот израз во домашната политика:

Во изминатите години од осамостојувањето, па до денеска, од различни причини и мотиви на домашен или на меѓународен план од нашата држава се бараа најразлични отстапки по суштествени прашања. Притоа сите тие суптилни или јавни притисоци и отстапки на кои бевме принудувани беа спакувани под превезот – „компромис“. Такви болни компромиси сите овие изминати години Македонија имаше многу. Почнувајќи од промената на знамето на државата, потоа името на државата, договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, откажувањето од нашето малцинство, па сѐ до најновите барањата да се откажеме од историјата, јазикот итн. И на домашен политички план се правени болни компромиси со територијалната поделбата на локалната самоуправа, со Законот за двојазичност, со законите за борците на ОНА, со амнестијата, со законите за употреба на знамињата итн.
Но сите овие „компромиси“ и договори за битни политички прашања подоцна или порано го покажуваа своето вистинско лице, и скоро секогаш тоа било на штета на граѓаните и на државата. Најновата етапа на употреба на зборот компромис во политичка конотација може и деновиве да се слушне од македонските политичари, како министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Зоран Заев или лидерот на опозицијата Христијан Мискоски. Но овој збор ништо помалку не се употребува и од „медијаторите“ во спорот со Софија, односно првите луѓе на Европската комисија и парламентот во Брисел и во говорите на политичките елити кај источниот сосед. Сите тие повикуваат и алудираат на некој компромис. Но прашањето е каков компромис и што, всушност, подразбираат под тоа?

Османи: Компромис за отворените прашања со Бугарија

Хронолошки гледано наназад, последна ваква изјава даде неделава вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој истакна дека очекува овој период да се постигне компромис за отворените прашања со Бугарија.
– Очекувам дека овој период ќе го искористиме за да разговараме и да се обидеме да постигнеме компромис и договор во рамките на Договорот за добрососедство што го имаме постигнато со Бугарија – рече Османи.
Премиерот Зоран Заев, пак, во телевизиско интервју истакна дека со експремиерот на Бугарија, Бојко Борисов, се договориле веднаш по изборите кај источните соседи да започнат разговори за можно компромисно решение на отворените прашања. Заев е убеден дека до тоа може да се дојде.
Претходно, лидерот на опозицијата, пак, Христијан Мицкоски, посочи дека притисокот од ЕУ треба да биде насочен кон Бугарија и таму да се бара компромисот. Многу често и во минатото домашните политичари го користеа изразот компромис. Јавноста ја памети и изјавата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој прашан за значењето на овој збор едноставно одговори: „Разумен компромис е разумен компромис“.
Терминот компромис го искористи неодамна и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, кој истакна дека Албанија сама ќе продолжи на европскиот пат, доколку Македонија не успее да постигне компромис со Бугарија за историските прашања.

Колкава е политичката цена на компромисот

Во меѓувреме, политиколозите и комуниколозите со кои се консултиравме даваат свое видување на значењето и димензија на зборот компромис во Македонија. Според нив, овој често употребуван термин, во македонската јавност и народ има горчлив вкус и е збор што во суштина навестува форма на политички пораз за битни прашања од национален интерес, прифаќање уцени и ултиматуми на штета на македонскиот народ.
Политикологот и универзитетски професор Михаил Вит вели дека перцепцијата на македонскиот народ на терминот политички компромис по многу нешта се разликува од онаа на просечниот Европеец.
Според професорот, деновите во плурализмот не биле благонаклонети кон Македонија, а таа како послаба страна во меѓународните процеси секогаш, на своја штета и лична сметка, требало да ги прифаќа резултатите од меѓународните случувања.
Професорот Вит нотира дека и на домашно поле македонските политички елити се чини дека ги водат битките, како на пример оние со економијата или оние со спречување на пандемијата очекувајќи дека ќе бидат поразени како и оние поврзани со ЕУ и со НАТО-аспирациите.
– Македонскиот народ е народ со широки гради и тој, се чини, секогаш за „мирот во куќата“ е подготвен на голем број отстапки само да се стабилизира политички Балканот. Оваа пракса некогаш мора да престане и е добро за промена да се „покажат политички заби“ кога се решаваат идентитетските прашања со Бугарија – вели Вит.
Професорот советува дека терминот компромис има своја античка вредност и значење, кое е поблиску до зборот консензус отколку до зборот пораз. Вит објаснува дека македонските политичари треба да се угледаат на начинот на употреба на зборот компромис од страна на најмоќната жена во европската политика.

– Меркел во своја изјава за надминувањата на германските проблеми годинава изјави дека секој мора да сфати дека треба малку да ја помести својата позиција и тогаш ќе има шанса да се постигне договор, иако по него никој нема да биде среќен – вели професорот.
Комуникологот Бојан Кордалов објаснува дека ако се анализира зборот компромис, особено во политички контекст, тој подразбира изнаоѓање решение со кое две страни или повеќе ќе се сретнат на половина пат.
Сепак, терминот компромис од особен агол на македонската јавност има посилни конотации кон изнаоѓање некое одредено решение за политички проблем, во кој и двете страни се незадоволни од договорот.
– Нашите политичари во плурализмот многу го експлоатираат терминот компромис и тој, како што напоменав, има негативен контекст во македонската јавност, тој асоцира на непосакувано решение и има преносно значење што е истрошено и скоро секогаш на наша штета од одредено случување. Политичарите треба да знаат дека оваа терминологија, која има негативен, наратив треба да се промени и наместо збор што значи ретерирање, да започнат да се употребуваат слични термини што значат прогрес, акција и политичка битка што води до успех. Такви терминологии што мотивираат, наместо терминологии што демотивираат, на пример многу користат американските политичари. Ако се изанализираат нивните говори, ќе се види дека наместо компромис како во Македонија, таму се користат зборовите разбирање и соработка. Не навлегувајќи во семантичка дебата, овие термини значат поинаку за одреден политички проблем, бидејќи не е исто кога ќе се каже дека Македонија трага кон компромис и Македонија трага кон разбирање или соработка по одредено прашање – вели Кордалов.

Тој објаснува дека многу е важно и да не се употребува терминот проблем во македонската политика, кој како зборот компромис се одомаќини во секојдневните изјави.
– На местото на проблем во изјавите на политичарите, ако се употреби на пример терминот предизвик ќе пренесе порака дека станува збор за иницијатива за која се има позитивна намера да се реши отколку никогаш да не се реши – вели Кордалов.
Тој поентира дека оваа терминологија е доволно употребувана во македонската политика и таа не треба да се избегнува од употреба, но би требало да се замени во иднина со терминологија на модерната светска политика, која означува прогрес наместо назадување.
– Ако излеземе на улица и направиме обична анкета меѓу луѓето во Македонија, слободно ќе заклучиме дека мноштво од анкетираните ќе имаат негативни асоцијации од зборот компромис во македонската политика. Токму затоа предизвик во нашата политика во иднина, освен успешно надминување на состојбите на домашно и на надворешно поле, треба да има и комуникациска надградба во говорите на нашите политичари – резимира Кордалов.


Три диференцијации на зборот компромис

Маја Величковска, истражувачката на организацијата Општествен развој – ИСППИ, смета дека подолго време често го среќаваме зборот компромис.
– Компромис во бракот, компромис на работното место, компромис во политиката, компромис со децата. Кога на Гугл ќе го внесете терминот компромис во полето за пребарување, ќе добиете резултати од Дигиталниот речник на македонски јазик, сајтови на медиуми со теми за политика, сајтови на претежно женски магазини за љубов и врски и форуми на кои се дебатира на темата компромис за… – истакнува таа.
Според Величковска, терминот компромис е поврзан со терминот компромитиран, а нејзиното уверување за овој заклучок се темели на англиското привју што значи термин со широко значење. Според неа, имено, во англискиот јазик поимот компромис има широко значење и се употребува и како именка и како глагол.
Таа потсетува дека компромисот, според Речникот на Кембриџ е дефиниран како именка за спогодба меѓу страни со различни позиции, со која луѓето ги намалуваат своите барања или го менуваат своето мислење за да се спогодат.

– Во англискиот јазик зборот компромис, во истата форма претставува и глагол. За глаголската форма, Речникот на Кембриџ познава три диференцијации: 1 – компромис како спогодување, со прифаќање и намалување на своите барања или менување на своето мислење за да се спогодиш со некого; 2 – компромис како намалување на стандардите, прифаќање со попуштање на сопствените цврсти принципи или намалување на сопствените стандарди или морал; 3 – компромис како штета, ризикување со последица штетен ефект кон нешто – истакнува таа.
Според неа, во македонскиот јазик компромис е именка од машки род. Величковска напоменува дека со компромис се означува постигнувањето спогодба меѓу две или повеќе страни, постигната со заемни отстапки.

– Од именката се изведува и придавка, која се употребува за нешто што е постигнато со компромис: компромисен договор, компромисно решение. Постои и именка од женски род, која според англискиот превод е синоним на компромис, но според македонскиот јазик е негова варијација, односно има значење во негативен контекст во однос на некоја спогодба или релација. Компромитација се дефинира како уривање на угледот на некого, предизвикување неповолно мислење, односно состојба на тој што е компромитиран. И оттука зборот компромитација се доведува во врска со глаголот компромитира, кој се дефинира како направи, прави да се изгуби доверба во некого, да се создаде неповолно мислење. Второто значење на глаголот компромитира, во формат „се компромитира“ означува изгуби, губи углед, реноме, се срамоти, се осрамотува – поентира Величковска.

[email protected]