Станува ли комедијата алатка и тренд во светската политиката преку чија популарност комичарите ги освојуваат политичките функции наспроти своите опоненти. Оваа дилема е актуелна во светската, регионалната и домашната јавност по серијата битни политички настани.

Хронолошки гледано наназад, најсвеж пример во кој комичар се кандидира за политичка функција е регистриран во Германија, во која, според пишувањата на американскиот магазин „Политико“, политичарот што се занимава со комедија Мартин Зонеборн се обидува да освои пратеничко место на претстојните избори во ЕУ.
Профилирајќи го Зонеборн, магазинот пишува дека тоа е човек што не е типичен политичар. Според медиумот тој не сака да ја реформира ЕУ ниту, пак, размислува за иднината на Унијата, туку едноставно тој е личност што преку јавно искажана сатира ги искажува апсурдите на политичкиот систем во Европа.

„Политико“ пишува дека комичарот веќе еднаш претходно врз основа на својата слава освои политички мандат. Имено, во 2004 година Зонеборн основал партија под име Партија, а десет години подоцна, со само 0,6 отсто гласови влегол во Европскиот парламент, а со тоа има и добри шанси на европските претстојни избори на 26 мај да го повтори тој успех.

Претходно ваков случај беше регистриран во Украина, кога на неодамнешните претседателски избори во земјата победи комичарот Володимир Зеленски, освојувајќи ја победата во вториот круг над неговиот претходник, бившиот претседателот Петро Порошенко.

Натаму, во светската политика има повеќе слични вакви примери. Исландскиот комичар Јон Гнар во 2008 година ја основал партијата Најдобра партија и на изборите истата година станал градоначалник на Рејкјавик.

Во информациите за Гнар стои дека во изборната кампања тој ветува бесплатни крпи на базени и поларна мечка во зоолошката и истовремено истакнал и дека ќе ги прекрши сопствените ветувања. Во Италија комичарот Бепе Грило се смета за пионер на пробивот на комичарите во политиката, кој во 1980-тите бил еден од најпопуларните во земјата.

Грило по основањето на „Движењето пет ѕвезди“ на парламентарните избори во 2018-та победи и формира влада со десничарската „Лига“, но поради автомобилската несреќа што ја предизвикал и за која е осуден во 1981-та, Грило не смее да врши политичка функција, туку раководи со партијата што е на власт. Џими Моралес, кој бил еден од најпознатите комичари во Гватемала, во април 2016 се кандидира за претседател на државата, а половина година подоцна, по победата на изборите, станува шеф на државата. Еден од најпознатите комичари на Ерменија, Хајк Марутијан, лани во септември учествуваше во локалните избори на земјата и со 80 проценти освоени гласови во првиот круг извојува победа и стана градоначалник на ерменскиот град Ереван.

Во меѓувреме, слични вакви примери се регистрирани и на политичката сцена на Балканот. На претседателските избори кај северниот сосед во 2017 година комуникологот и комичар Лука Максимовиќ-Бели по бројот на гласовите ја изгуби претседателската трка од актуелниот шеф на српската држава Александар Вучиќ.

Истата година и во Словенија комичарот Марјан Шарец не успеа да ја добие политичката трка. Според пишувањата на словенечките медиуми, Шарец се прославил низ тамошната јавност со имитации на Осама бин Ладен, Фидел Кастро и Јанез Дрновшек. Во 2010-та влегол во политиката и станал градоначалник на Камник, а за претседател се кандидирал во 2017-та и тесно загубил во вториот круг. Но тоа не го обесхрабрило – една година подоцна неговата Листа Марјан Шарец станала втора по сила партија во парламентот, а во август 2018 застанал на чело на малцинска влада. Комичарот, кој е активен политичар во моментов, се залага за легализација на марихуаната и за правата на хомосексуалците и го поддржува правото на абортус.
Колумнистот на белградскиот магазин „Време“ Андреј Ивањи на оваа тема пишува дека како може што политичарите да станат комични, така и комичарите може да станат политичари.

Според него, разликата е во тоа што комичните политичари не сакајќи се комични и по правило паѓаат од власт, додека комичарите во светот покажуваат дека знаат како да ја зграпчат власта, бидејќи ги засмејуваат луѓето и им поттикнуваат оптимизам.
Во контекст на актуелните случувања, од македонски агол за обележување е фактот дека во земјава комичар од овој профил засега не се обидел да победи на изборна трка. Како куриозитет може да се протолкува само настанот во кој парламентарецот Амди Бајрам без сериозна кандидатура најави дека ќе учествува на неодамнешната претседателска трка. Веднаш по оваа негова најава, пламнаа социјалните мрежи со поддршка за Бајрам, но тој одлучи официјално да не учествува на изборите.
Актерот и комичар Раде Рогожаров вели дека не се согласува со актуелниот тренд во кој комичарите стануваат дел од општата клима со која преку политиката се врши манипулација со гласачите.

– Не сум приврзаник на тоа дека актерите, па макар и најдобрите во својата професија, треба да се дел од политиката. Се сомневам дека нивното вклучување во политиката, па дури да е и за највисоките позиции за земјите, ќе постигне нешто добро. Во случајов, тоа е само актуелен тренд на промовирање едни искривени вредности и критериуми во општеството преку комедијата.

Рогожаров комичарите во политиката ги доживува и како релативизирање на општествените вредности и критериуми и адаптирање на нивото на реалноста на она што го бара народот.

– Сепак, за мене реалноста и политиката не се седумка на лото и гласање на „Евровизија“, туку е многу повеќе од тоа – вели Рогожаров.

Шоуменот Горан Ѓуровски-Ѓуро, кој е дел од екипата на ТВ-емисијата „Зевзекманија“, смета дека светот и Европа на ова поле доцнат со години зад Македонија, бидејќи нашите партии и политичарите одамна се комичари и со сатирични лидери.

– Токму затоа, јас ако би се кандидирал некогаш во политиката, би изгубил. Бидејќи сметам дека сум премногу сериозен за нашава политичко-сатирична сцена – вели Ѓуро.

[email protected]