БУГАРСКИТЕ ВЛАСТИ ИЗЛЕГОА СО НАОДИТЕ ОД УВИДОТ ЗА ТРАГИЧНАТА СООБРАЌАЈКА

Заштитната ограда во која удри автобусот на „Беса транс“ е според стандардите што важеле во 2002 година, а единствената промена на патот е во знаците, меѓу кои е и оној за брзината, која била ограничена на 90 километри на час, а потоа зголемена на 120 километри на час, но тоа не е причината за несреќата, изјави бугарската министерка за регионален развој Виолета Комитова.
Таа, соопштувајќи ги резултатите од увидот на патот Драгичево – Долна Дикања, каде што се случи тешката автобуска несреќа, во која загинаа 45 лица, ја исклучи брзината како причина за несреќата, додавајќи дека пожарот е главниот виновник за големиот број настрадани патници.
– Патот има долга историја. За жал, жртвите не можеме да ги вратиме. Ова е невообичаена катастрофа. По магистралите сме виделе многу катастрофи, превртени камиони итн., но овде имаме пожар, кој, според мене, е прва причина за толку загинати, а кој не знаеме како настанал – кажа Комитова.
Бугарската министерка за регионален развој посочи дека проектот на оваа делница не бил ни за магистрала ни за автопат, а брзината во оваа делница требало да биде 90 километри на час и не е познато зошто во 2013 година брзината е зголемена на 120 километри на час.