Зад затворени врати пратениците од собраниската комисија за избори и именувања, вчера, без дискусија и едногласно со 13 гласа „за“ донесоа одлука разрешување на Катица Јанева, која е во притвор како осомничена за предметот „Рекет“.
Според претседателот на комисијата, Илија Димовски, сега комисијата ќе го достави предлогот до спикерот на парламентот Талат Џафери, кој, пак, треба да закаже седница, но за тоа нема конкретен рок. Димовски нагласи дека материјалот од Советот на јавни обвинители бил доволно уверлив за да се донесе одлука за разрешување на Јанева.

Според процедурата, конечната одлука за разрешувањето на Јанева треба ја донесат пратениците на пленарна седница со двотретинско и Бадентерово мнозинство, која треба да ја закаже претседателот на Собранието Џафери. Како придружен документ на заклучокот до пратениците ќе биде доставено и мислењето по ова прашање на четирите најголеми партии.
Истовремено со собраниската одлука за разрешување се отвораат и правните врати Советот за јавни обвинители да ѝ го одземе мандатот на обвинител, односно да не може повеќе да се занимава со професијата обвинителство. Таква одлука може да донесе советот поради истрагата за предметот „Рекет“ и основаното сомнение на Обвинителството за нејзините постапки и злоупотреба на службена должност и тргување со влијание.

На само еден ден пред собраниската комисиска расправа за разрешувањето на Јанева, таа од притвор испрати писмо со кое дополнително ги усложни состојбите.
Јанева до СЈО и до Јавното обвинителство испрати полномоштво со кое ги овластува обвинителите од нејзиниот досегашен тим да му ги предадат сите предмети на државниот јавен обвинител, вклучувајќи ги судските предмети, истрагите и предистражните постапки.
Обвинителката Фатиме Фетаи вчера пред почетокот на рочиштето за предметот „Монструм“ изјави дека „не треба да нѐ интересираат ситници и моментни настани“, односно треба да се гледа поголемата слика, повисоката цел. Фетаи вели дека во моментов треба да се најде начин со кој нема да се дозволи тие што се огрешиле пред законот да избегнат да одговараат.