Дебатата на Комисијата за европски прашања за законот за јавно обвинителство почна со барање на опозицијата точката да се отстрани од дневен ред, бидејќи според неа текстот на законот бил донесен со кршење на процедурите. Пратеникот Илија Димовски го повтори ставот дека овој текст стигнал во Собранието без да биде договорен на владина седница.

– Знаеме дека овој текст на законот не е ист со првичниот кој беше договорен на владината седница. Јасен е нашиот став не може предлагачот да менува запирки и точки по своја волја, но увидовме дека не се само запирки туку сосема нов текст со изменети членови на текстот. При тоа, без да има владина седница, претседателот на владата одлучува да го повлече и достави нов. Почитување на процедурата е услов за почитување на демократијата – рече Димовски.

Предлогот на пратеникот не беше усвоен од мнозинството членови на комисијата. Расправата по законот почна со образложение на законот од страна на министерката за правда Рената Дескоска, која ги отфрли наводите дека се прекршени процедурите.

– Значи се работеше за технички пропуст. Во собранието пристигна текстот на неусогласениот закон. Увидовме дека тоа не е тој текст и побаравме оваа техничка грешка да се отстрани. Значи текстот мораше да се повлече и да се достави договорената верзија со забелешките на пратеничките групи – рече Дескоска.

Образложувајќи го текстот на законот Дескоска рече дека со овој закон ќе се постигне целта, односно ќе има финасиски независно обвинителство кое ќе гони организиран криминал и корупција при што сите предмети кои се започнати од СЈО ќе ги преземе и процесуира ова обвинителство. Таа рече дека на потранспарентен начин и со заострени критериуми ќе се врши избор на државниот јавен обвинител.

– Има обезбедено финансиски гаранции со утврдување на дел од буџетот кој ќе се даде на обвинителството и посебни гаранции за обвинителството за организиран криминал и корупција. По барање на една од пратеничките групи, шеф на обвинителството на организиран криминал и корупција ќе биде избран од страна на обвинителите, а оној кој ќе има најмногу гласови, ќе биде избран од страна на Советот за јавни обвинители – рече Дескоска.

За законот има поднесено два амандмани од независниот пратеник Панчо Минов и Сурија Рушиди од Алијанса на Албанците. Комиската расправа според процедурите ќе трае два дена по што текстот по скратена постапка треба биде усвоен со мнозинство од 80 пратеници.

Седницата за ЈО е прекината поради церемонијата за ратификување на протоколот за НАТО и ќе продолжи утре.