Невозможно е да нема повратен удар на големата афера во Македонија,
бидејќи долго време феноменот „бугарски пасош“, како пократок пат за ЕУ,
во државава беше исклучително популарен. А во таквиот контекст, бугарските пасоши беа и барани и делени како алва, и легално и нелегално, велат безбедносните експерти

Две недели по избувнувањето на скандалот во Бугарија околу нелегалното издавање бугарски пасоши, односно давање бугарско државјанство на лица од балканските држави што се надвор од ЕУ, и три дена по апсењето на четворица осомничени по оваа основа од Србија (од Пирот, Димитровград и Ќуприја) под сомнение за примање мито и фалсификување документи, во Македонија засега состојбата е на „динамичен статус кво“!? На изглед нема бранување и сѐ е мирно, а под површината сепак нешто „работи“…
Имено, иако нашата земја беше посочена како „лидер во регионот“ во однос на тоа колку граѓани поднеле барање за бугарски пасош, сѐ уште ниту од истрагата во Бугарија, а ниту кај нас, нема никакви информации за досегот на краците на бугарскиот октопод во нашата земја.

Според безбедносните експерти, невозможно е да нема повратен удар на големата афера со пасошите во Македонија, бидејќи долго време феноменот „бугарски пасош“ како пократок пат за ЕУ (и како таков заради бенефициите како граѓанин на ЕУ) во државава беше исклучително популарен. А во таквиот контекст, бугарските пасоши беа и барани и делени како алва, и легално и нелегално.

За потсетување, со години одвреме-навреме во билтените на нашето министерство за внатрешни работи беа и соопштувани информации за приведувани лица со фалсификувани бугарски пасоши. Во тие многубројни информации се вбројува и случајот со пребегнатите разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошкоски, кои беа уапсени во Грција со фалсификувани пасоши, од кои едниот на име на Македонец, а вториот на име на Албанец. Затоа, тешко дека долго ќе можат да се игнорираат индикациите дека фалсификуваните „штанцани“ пасоши и државјанства не се присутни и во Македонија. Но на организираниот трансграничен криминал, секако, енергично треба што побргу да му се стави крај, особено, како што алегорично истакнуваат соговорниците, за индиции за вакви сторени кривични дела, кои „имаат заднина со подлабоки политички, па и национално чувствителни референци“.

Најновите информации поврзани со настанот одат дотаму што во јавноста од извори од бугарските истражни органи проструи веста дека на Балканот за добивање бугарски пасоши се плаќал поткуп дури и во биткоини. Обвинителството во Бугарија информира дека при претресите, покрај пронајдените пари имало и адреси на биткоин-паричници.

– Во собраните докази има пронајдено и адреси на биткоин-паричници и има докази дека дел од паричните средства од поткупите бил трансфериран во виртуелни валути – вели за софиските медиуми обвинителот Ангел К’нев.

Во меѓувреме, во јавноста се огласи и првиот човек на Бугарскиот културен клуб, Лазар Младенов, кој за порталите изјави дека неговата организација нема никаква поврзаност со аферата во Бугарија и тврди дека не е вклучен во издавањето уверенија на македонски државјани што имаат бугарски документи а не ги исполнувале условите.

За истрагата што се води во Бугарија, од македонската влада велат дека се комплетно подготвени и стојат на располагање во расветлувањето на случајот доколку за тоа постојат наоди што иницираат потреба за истрага.

– Истрагата е нешто што се случува во соседна Република Бугарија. Македонија, македонската влада и македонските истражни органи, се разбира доколку се укаже потреба за тоа, стојат на располагање да помогнат доколку одредени наоди иницираат дека постои нешто што треба да се истражи во Македонија – вели портпаролот на македонската влада, Миле Бошњаковски.

И од нашето министерство за внатрешни работи добивме информација дека тие не добиле барање од бугарска страна да се вклучат во истражните дејства, но доколку се случи тоа, веднаш ќе постапат според законските овластувања. 

Софиската агенција за Бугарите во странство