Фото: Игор Бансколиев

Пандемијата наметнува целосно дигитално преструктурирање на Македонија

Дали Македонија е подготвена да функционира онлајн? Дилемата е исклучително актуелна периодов кога живееме во нова ковид-реалност. Сѐ повеќе јавноста, граѓаните, институциите и државата сфаќаат дека без онлајн кореспонденција, комуникација, одржување меѓусебни институционални, но и приватни канали на комуникација, општествениот живот ќе се закочи и ќе се блокира. Тоа важи во сите сегменти на општественото живеење, од законодавство, до извршна власт, правосудство, банкарство, економија, стопанство…

Техничката опременост најголем предизвик за правосудството

За водење на судските процеси на интернет, реален оптимизам првпат изрази министерот за правда Бојан Маричиќ, кој истакна дека судството може да функционира и онлајн. Во обраќањето, по повод Европскиот ден на правдата, Маричиќ посочи дека пандемијата донесе нови предизвици за правосудството и бара нови решенија како да функционира системот – да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата.
Експертите со кои се консултиравме, пак, велат дека онлајн судењата се добра новост, но тие во практиката тешко можат да профункционираат на долги патеки бидејќи, според нивните перцепции на теренот, „слаби се техничките можности секаде и еднакво да се спроведуваат овие правни настани“.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека иницијативата за водење интернет-судења преку видеоврски е спроведлива во нашите судови, но не секаде, туку само во големите градови и во оние судници во кои има технички услови за спроведување на судењата.
Илиев потсетува дека овој начин на дејствување не е новост за македонските судови, бидејќи на овој начин се вршело земање изјави од сведоци, кои поради безбедносни или други причини не биле во нашата држава или им била скриена локацијата од која се јавуваат.
Сепак, Илиев оценува дека во суштина вршењето на овие судења доаѓа во судир со законите, бидејќи кај нас сѐ уште нема пропишано законски мерки за водење на процесите на овој начин.

– Јас лично дополнително не гледам голема корист од овој тип водење на процесите, но истовремено верувам дека науката и практиката во правото треба да прогресираат – вели Илиев.
Тој вели дека ако државата одлучила да спроведува вакви судења, тогаш треба и да ги оспособи судовите да функционираат како оние во големите градови, затоа што во сегашните услови сѐ уште имаме судници во кои записниците се изработуваат со машина за чукање.
Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, пак, во своја изјава на оваа тема нагласува дека освен законските пречки за одржување онлајн судења, друг проблем со кој се соочуваат судовите, ако веќе се создаваат услови за ваков начин на судење, е фактот дека поголемиот дел од судовите во државата не се технички опремени за вакви постапки.
– Ние сите сме загрижени за состојбата, ни пречи на сите и на Судскиот совет и на судиите, и на претседатели на судови. Ќе мора да се бара некое решение, некој излез од таа состојба – вели Здравев.
Дополнително, тој посочува дека во овие случаи постои еден проблем поради тоа што не може да се спроведе онлајн судење ако на тоа не се согласи обвинетиот.
– Мора во иднина да се менуваат процесните закони за да може да се предвиди можност и за онлајн судење – вели Здравев.

Нужна е интензивна подготовка за онлајн седници во законодавството

Во контекст на актуелните случувања, и во законодавниот дом е актуелна дилемата дали има техничка подготвеност за покривање на сите детали поврзани со такво учество во работата на парламентот. Во моментов во парламентот владее разлика меѓу пратениците од власта и од опозицијата како да се реши ова прашање. Дебатата е нужна, имајќи предвид дека никој не може да го предвиди текот на епидемиолошката состојба, која исто така може да се одрази врз работата на парламентот. Опозицијата прва испрати сигнал дека не се согласува со онлајн седници, а власта ја поздравува потребата од промена на функционирањето на парламентот за да се воведе и работа од далечина.
Во меѓувреме, високи преставници на парламентот брифираат дека техничката можност за спроведување на овој чин е овозможена и за нејзино активирање се очекува само согласност од политичките партии.

Македонија во огромна мера е подготвена за функционирање онлајн?

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, кој е вклучен во владините политики за дигитализација на земјата, во својот осврт на настаните вели дека ако ги земеме предвид официјалните статистички податоци, кои укажуваат дека над 80 отсто од домаќинствата во 2019 година имале пристап до интернет, тогаш сам се наметнува одговорот дека Македонија во огромна мера е подготвена за функционирање онлајн ако тоа е неопходно.
– Моето лично убедување како човек, но и професионално мислење е дека дигиталното, далечинското или ако сакате онлајн работењето е придобивка плус, особено во вакво време на пандемија предизвикана од коронавирусот и неопходноста за зачувување на безбедноста и здравјето на секој од нас – вели Кордалов.
Тој потсетува дека истовремено е важно да бидеме внимателни кон сите граѓани што немаат пристап до интернет или, пак, имаат недоволно квалитетен интернет, како и граѓаните што немаат доволно дигитални вештини.
– Исто така, мора многу да внимаваме правилата да важат за сите, односно да не се јави чувство на дискриминација или привилегираност на еден наспроти друг сектор (пример: државен наспроти приватен и слично) – објаснува Кордалов.
Според него, токму затоа, како излез од ваквата состојба, е неопходно институциите да вложуваат многу средства и ресурси за намалување на дигиталниот јаз помеѓу граѓаните, кој често е диригиран од социјалните поделби во нашето општество.

– Би истакнал и дека доколку сакаме да бидеме развиено и богато општество, повеќе од неопходно е секој од нас да ја прифати и искористи дигитализацијата како придобивка. Ќе дадам неколку примери: работа преку интернет (особено за младите генерации што е понекогаш и единствена причина поради која не се иселуваат); можност за истовремена комуникација со роднини, пријатели и соработници од целиот свет; можност за нарачки и испорака до дома на производи од целиот свет; учење на далечина и поголема достапност на стипендии за учење, студирање, пракса и работа низ целиот свет… Сугестија и до политичарите: да не ја користат дигитализацијата како тема за дневнополитички поделби, туку е потребно таа да обединува. Назадувањето во овој процес ќе биде на штета на секој наш сограѓанин, затоа е важно да се настапува обединето во оваа сфера за брз напредок и побогат живот за секого – резимира тој.

[email protected]