Кога може да се очекува ставање под контрола, односно целосно запирање на пандемијата на ковид-19? Експертите велат дека сѐ зависи од два аспекта. Едниот е колективниот имунитет, а вториот е процесот на вакцинација. Европските држави се во предност поради напреднатиот процес на вакцинација, а Македонија, пак, во еден степен, е во предност со колективниот имунитет. Сепак, без вакцина не може скоро да се очекува брз резултат­

Се гледа ли крајот на пандемијата, дали мутациите можат да ја искомплицираат состојбата, колку колективниот имунитет, а колку вакцината ќе придонесат за враќање на животот во нормала? Сите овие дилеми висат како предизвик во месеците што доаѓаат, особено за процесот на имунизација. Засега има доста охрабрувачки резултати од Израел, држава што веќе вакцинира половина од населението.
Анализите покажуваат дека вакцината дава резултат. Кина веќе подолго време ја држи состојбата под контрола, а слично е и во Кореја.
Но какви се процените за Европа и за регионот, особено за Македонија? Кога може да се очекува ставање на вирусот под контрола, а кога целосно запирање на пандемијата?
Експертите велат дека сѐ зависи од два аспекта. Едниот е колективниот имунитет, а вториот е процесот на вакцинација. Европските држави се во предност поради почнатиот процес, а Македонија, пак, во еден степен, е во предност со колективниот имунитет. Но, сепак, без вакцина не може скоро да се очекува брз резултат. Особено важно, велат експертите, е вакцинацијата да се одвива секаде паралелно, за да се спречи ширењето на вирусот. Главен проблем засега е нефункционалноста на системот „Ковакс“, што предизвика трка по вакцини.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека системот „Ковакс“ потфрлил, зашто богатите земји ги разграбале вакцините, дури и идното производство.
– Ова е „Титаник“ во планетарни размери. Сиромашните беа оставени сами на себе. Единствена шанса остана директната набавка од производителите. Србија мудро изигра, ја батали политиката и успеа да понуди шведска маса на вакцини!

Вакцинираат со темпо од над 30.000 лица на ден. Досега имаат вакцинирано над 400.000 граѓани. Ние чекаме Собранието да мрдне од мртва точка, со обезбедување легална основа за да внесеме вакцини. Кинеските вакцини ни се реална надеж. Понудената помош од соседите е симболична – посочува Даниловски.
Според него, нас нѐ спасува веќе постигнатиот колективен имунитет, од околу 45 отсто.
– Затоа бројките не се астрономски, туку опаѓаат. Сите на Балканот имаме над 30 проценти колективен имунитет. И се наѕираше крајот на пандемијата во наредните два-три месеци. И наеднаш мутанти на видикот, кои се закануваат пандемијата да се разгори по вторпат. Закана за втора пандемија? Не баш. Стекнатиот имунитет штити и од британскиот мутант. Само што ќе потрае малку подолго. Ќе има ли драстичен пораст на бројките? Не верувам. Само да не се опуштиме премногу. Станува очигледно дека само со колективен имунитет не се решава пандемија, поради што вакцините се неопходни. За да не се умира толку колку што се умира и за да не останат инвалиди огромен број од оние што ја прележуваат болеста – објаснува епидемиологот.
Според него, земјите од Истокот и Западот се разлика небо и земја, зашто тоа е работа на менталитетот, односно извонредно развиено чувство за колективниот интерес.
– Кај нас (на Западов, воопшто) саде индивидуалисти, егоисти, толпа без кохезиона сила – чувството за заедништво. И тоа му се одмазди на Западот (и нам).

Поминавме и поминуваме како боси по трње. Да се надеваме дека нема да дозволиме мутантите да нѐ исправат пред поправен испит. Да се надеваме дека извлековме поука. Иако се сомневам. Однесувањето во врска со вакцините (на богатите) покажува дека не се свесни дека сите ние – и богатите и сиромашните – сме делови на еден затворен систем на споени садови! (Чиста физика!) И дека ако некои делови од тој систем останат епидемиски жаришта, сите други делови ќе бидат под ризик – нагласува епидемиологот.
Првите истражувања покажуваат дека досегашната имунизација во Израел го намалила бројот на болнички случаи и заразени од ковид. Во оваа земја се вакцинирани 56 отсто од населението. Секој ден се вакцинираат по 200.000 луѓе. Со двете дози на „Фајзер“ веќе се имунизирани 70 отсто од лицата над 60-годишна возраст. Веќе се познати и првите ефекти на ваквиот обемен и брз процес на вакцинација. За израелските лекари тоа е доволен доказ дека вакцинирањето може да ја запре пандемијата, но парадоксално е дека, и покрај ваквите резултати, земјата е во трет карантин, кој му се припишува на брзото ширење на мутираниот сој на вирусот.

[email protected]