Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу европски држави веќе ги враќаат рестриктивните мерки, а некои држави ја воведуваат и вонредната состојба. Македонските епидемиолози велат дека во моментов треба да се обидеме да се придржуваме кон најновите пропишани мерки

Додека бројките на заразени со ковид-19
постојано растат

Колку сме далеку, а колку сме блиску до нов карантин? Ќе ги гледаме ли истите слики од март и април годинава или граѓаните ќе успеат да се држат доследно до пропишаните препораки, додека бројот на позитивни на ковид-19 постојано расте? Периодот што следува го зголемува ризикот од ширење на коронавирусот, а со тоа можноста за нов притисок врз здравствениот систем, што може да биде сериозен проблем.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека со моменталната состојба сѐ уште сме далеку од воведување на карантините, но дека ситуацијата е загрижувачка.
Многу од европски држави веќе ги враќаат рестриктивните мерки, а некои држави ја воведуваат и вонредната состојба.
Македонските епидемиолози велат дека во моментов треба да се обидеме да се придржуваме само кон најновите пропишани мерки.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека протоколи за однесување постојат, но не се почитуваат, но карантин засега не е опција.

– Се разбира, ако понатаму премногу ескалира епидемиолошката ситуација, поради што би се заканило пречекорување на капацитетот на здравствениот систем, доаѓаат предвид рестриктивни мерки – таргетирани, не општи. Досега најголем хендикеп беше немањето пошироки ингеренции на инспекциите. Едноставно имаа врзани раце. Сега би требало да биде поинаку. Од големо значење е и да се обезбеди уште помасовно тестирање, без дисконтинуитет во викендите. Со постојните ПЦР-тестови тоа ќе биде мошне тешко, поради ограничениот капацитет на лабораториите. Меѓутоа, проблемот дефинитивно ќе биде надминат со примената на брзи, антигенски тестови, кои се изведуваат на самото место и даваат резултат за 15-20 минути – посочува Даниловски.
Венко Филипче, министерот за здравство, вчера за „Нова Македонија“ посочи дека засега не се размислува да се воведат полициски час и карантин, како рестриктивна мерка за ограничување на движењето на луѓето, со намера да се намали бројот на заболени.
Но на својот фејсбук-профил одговори на сите реакции што дојдоа изминатиот период, откако се воведоа дополнителни здравствени протоколи за кафулињата и сите угостителски објекти.

– Со повторна висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран. Иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак, се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки – вели Филипче.
Министерот разбира дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално на сите им е преку глава од коронавирусот.
Но додава дека заморот е уште поголем кај здравствените работници и тој како министер нема да дозволи да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лекување.

Според него, мерките и рестрикциите не се ничија желба или каприц.
– Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки што ни се на располагање за да се заштитиме. Како влада силно се заложуваме за спроведување на мерките и за казнување на оние што не ги почитуваат. Од денеска веќе и инспекциите имаат поголеми надлежности и тие максимално посветено ја работат својата работа. Верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани. Сепак, ќе повторам нешто во што силно верувам од самиот почеток. Ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании – заклучи министерот.


Во Турција затворски казни и до две години

Поради зголемениот број случаи на ковид-19 во земјата, турската влада неодамна најави дека планира дополнително да ги заостри мерките и за оние што ги кршат карантинските правила со затворска казна од три месеци до две години. Турската новинска агенција информира дека мерките се најмногу насочено кон оние што даваат неточни или нецелосни податоци во изјавите за нивните контакти.
Здравствените работници во Македонија посочуваат дека нам не ни се потребни силни рестриктивни мерки какви што најавува Турција, туку ни е потребно развојот на свеста да личи на оној што се применува, на пример, во Шведска.
Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести вели дека состојбите по ова прашање се исклучително тешки во Македонија.
– Во секојдневната работа ни е исклучително тешко да го спроведеме овој дел од процесот. Кај нас има случаи каде што дури и позитивните на болеста што имаат лесни симптоми не се самоизолираат, а камоли овие луѓе да ги пријават нивните контакти. Натаму, не е возможно сите физички да се следат од полицијата бидејќи треба да имаат луѓето чуство за општествена одговорност. Не може да се постави полицаец пред куќата на секој заболен во три смени, бидејќи тоа е невозможно и непрактично. Затоа сите треба да имаат осет како да се однесуваат и да придонесат кон државните напори да се справиме со пандемијата – вели Стојанов. А.С.