Фото: Игор Бансколиев

Сима Лакдавала, експерт за вируси на дишните патишта од Универзитетот во Питсбург, смета дека ова откритие би можело да ги натера луѓето да ја подобрат вентилацијата во затворени простори

Изолиран жив примерок на коронавирус од аеросоли

Тим истражувачи од Универзитетот во Флорида успеаја да изолираат жив примерок на ковид-19 од аеросоли, кои беа собрани на растојание од два до нешто помалку од пет метри, од пациенти што се хоспитализирани поради заразеност со коронавирусот.
„Токму ова го баравме. Сметам дека се работи за недвосмислен доказ дека заразниот вирус се наоѓа во аеросолите“, изјави Линзи Мар, експертка за вируси што се шират преку воздух, која не учествуваше во истражувањето.

Наодите до кои дојдоа научниците беа објавени на интернет минатата недела, но сѐ уште не се рецензирани. Сепак, тоа не значи дека тие не поттикнаа лавина од дебати во круговите на научната заедница. „Ако ова не е цврст и непобитен доказ, тогаш не знам што е“, напиша Мар минатата недела на Твитер.
Меѓутоа, некои од експертите велат дека сѐ уште е нејасно дали количеството вирус што се наоѓа во некој аеросол е доволно да зарази некого. Истражувањето не беше лесно да се спроведе, со оглед на фактот што дијаметарот на аеросолите изнесува 5 микрометри, а испарувањето дополнително ја намалува нивната димензија. Обидите за „фаќање“ на овие минијатурни капки најчесто го оштетуваат вирусот што се наоѓа во нив. „Многу е тешко да се земе примерок од биолошка супстанција од воздухот што може да биде употреблива за каква и да е намена“, рече Шели Милер, инженерка што ги проучува квалитетот на воздухот и болестите што се пренесуваат преку него.
„Мораме да собираме примероци многу внимателно и мудро, ако сакаме да бидат слични на оние што луѓето ги вдишуваат.“

Сите претходни обиди за испитување на ширењето на вирусот преку аеросоли паѓаа во вода токму поради погрешните техники за земање примероци. Некои истражувања беа неуспешни поради тоа што методите беа премногу експериментални и нереални, додека кај други, научниците го „сечеа“ вирусот за време на собирањето мостри. Еден од научните тимови успеа да го изолира вирусот, но не успеа да докаже дека изолираниот вирус е заразен, пренесува хрватски „Јутарњи лист“.
За разлика од своите колеги, научниците од Универзитетот во Флорида ги зачуваа мострите со тоа што најпрвин ги зголемуваа со помош на водена пареа, а потоа ги префрлаа во течности заситени со сол, шеќер и протеини, успевајќи на тој начин да го зачуваат патогенот. Овој метод на собирање мостри беше пофален од страна на уредничката на списанието „Техники на атмосферски мерења“ Робин Шофилд, инаку атмосферска хемичарка на Универзитетот во Мелбурн. Истражувачите го примениле истиот метод додека земале примероци од воздухот во болничките соби, но тогаш не можеле да го изолираат коронавирусот поради присуство на други респираторни вируси, кои се развивале побрзо од него.

Примероците за потребите на ова истражување беа собрани во соба за третман на пациенти со ковид-19, во болницата „Хелт Шендс“, која се наоѓа во состав на Универзитетот во Флорида. Ниту еден од пациентите во собата не беше подложен на медицински зафати за кои се знае дека произведуваат аеросоли. Примероците беа собирани на место што е оддалечено 2 метри од пациентите и на место што е речиси 5 метри далеку од нив – многу поголема дистанца од онаа јавно препорачаната, за која е утврдено дека ги намалува шансите за инфекција со ковид-19. Резултатите од собирањето беа успешни и во двата случаја, а генетската анализа на вирусот покажа дека тој е идентичен на оној што бил пронајден кај пациент што неодамна бил примен на лекување.
Воздухот во просторијата се менуваше шест пати дневно, а самата соба беше опремена со ефикасни филтри и други безбедносни мерки, кои требаше да го деактивираат вирусот пред пуштањето нов воздух во просторијата. Вирологот што ја предводеше екипата истражувачи, Џон Ледницки, изјави дека веројатно поради тоа успеале да пронајдат само 74 вирусни честички во еден литар воздух. Имено, затворените простории со послаба вентилација, како што се, на пример, училиштата, може да содржат многу поголем број вирусни честички.

Некои други научници сметаат дека врз база на овие откритија тешко би можело да се заклучи колкав е степенот на опасност од зараза. „Не сум многу сигурна дека овој број на вирусни честички е доволен за да инфицира некого“, изјави Ангела Расмусен, виролог од универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.
Шофилд вели дека одржувањето дистанца од два метра во затворен простор ја губи важноста, додавајќи дека на малите аеросоли им требаат приближно 5 минути да преминат од едниот до другиот крај на собата, дури и во случај кога воздухот во неа не циркулира.
„Препорачаната физичка дистанца води до забуна, бидејќи луѓето мислат дека така се заштитени додека се во затворен простор, а всушност не се“, објасни таа. Мар вели дека препораките биле дадени во време кога се сметало дека вирусот може да се пренесе само преку големи капки. „Колку поголема дистанца држите, толку подобро за вас“, додава Мар.
Сима Лакдавала, експерт за вируси на дишните патишта од Универзитетот во Питсбург, смета дека ова откритие би можело да ги натера луѓето да ја подобрат вентилацијата во затворени простори.