Фото: Игор Бансколиев

Најновите истражувања откриваат дека вакцините и мутациите го менуваат и опасниот вирус

Дали симптомите можат да бидат вистинска слика за сомнеж дека некој е заразен со ковид-19 или, пак, година и пол по појавата на коронавирусот, општопознатите симптоми веќе не ја даваат генералната слика на лице инфицирано со коронавирус?
Дали со мутациите се сменија и симптомите? Имаат ли и какви се симптомите на лицата позитивни на вирусот, кои претходно примиле вакцина? Каква улога игра вакцината во симптомите на оние што се позитивни на вирусот?
Сите овие прашања се предизвик за науката, која постојано врши анализи, кои покажуваат дека различните влијанија на вирусот имаат и различни правци на развој на симптомите.
Она што со сигурност може да се потврди е дека првите најважни симптоми од 2020 година не се исти со симптомите сега, а една од причините е тоа што сега најмногу заразени има кај помладата популација.
Минатата година, сувата кашлица и треската беа јасни симптоми дека сте позитивни на ковид-19. Меѓутоа, ако се појавеа главоболки и болки во екстремитетите, тогаш се работеше за случај на грип. Кивање, течење на носот и воспалено грло беа симптоми само на настинка.
И тогаш настанаа симптоми на губење на чувството за мирис и за вкус, што е јасна индикација за инфекција со САРС-КоВ-2.
Според микробиологот Никола Пановски, сѐ уште не може да се даде прецизна анализа за состојбата кај нас, зашто сѐ уште имаме мал процент на вакцинирани лица, а и со тоа мал процент на вакцинирани, кои во меѓувреме го прележале вирусот.
– Имунизацијата кај нас почна подоцна од европските земји, а населението доминантно треба да е вакцинирано со кинеската вакцина, зашто таа најмногу ја имаме – посочува тој.

Според него, симптомите на оние што се вакцинирани се поблаги, а честопати и немаат симптоми. Тоа значи дека тие се потенцијални ширачи на болеста. Затоа сметам дека не ни врши работа вакцинален пасош.
– Помладите повеќе заболуваат сега зашто во најголем број тие не се вакцинирани. Тие проаѓаат лесно, но ја шират заразата лесно. Сега поентата е да не ја шират болеста кај постарите и ризични категории луѓе. Ова уште повеќе важи за постарите лица што не се вакцинирани. Се плашат од вакцината, ама имаат ризик од помладите, особено кога ќе тргнат на училиште – заклучува Пановски.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека процентот на граѓани што се заразиле со коронавирус и покрај примени две дози вакцина е многу мал. Од околу 330.000 ревакцинирани граѓани, 92 заболеле од ковид-19.
– Тоа значи дека процентот на заболени лица што се ревакцинирани е навистина многу мал, некаде околу 0,02 проценти, што е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината и апелирам повторно сите граѓани да се свесни дека тоа е единствниот начин да се смени сликата за пандемијата – посочува Филипче.
Најмалку со една доза се вакцинирани 500.000 лица и се очекува до крајот на август сите тие да примат и втора доза.

Кои се најчестите симптоми на вакцинираните лица?

Веќе е познато дека вакцинираните лица исто така можат да се заразат со коронавирус. Но податоците потврдуваат дека тие обично имаат лесни симптоми, зашто вакцината спречува тешки, па дури и опасни по живот случаи на ковид-19.
– Сепак, оние што биле вакцинирани, пријавиле помалку симптоми, кои траеле пократко, што сугерира дека имаат поблаги форми на болеста и побрзо закрепнуваат – пишува во истражувањето.
Симптомите што ги добиле вакцинираните со две дози биле слични со симптомите што обично ги поврзуваме со обична настинка. Погрешното толкување на овие симптоми може да биде незгодно и можно е токму тоа, според истражувањето, да довело до ширење на делта-варијантата во Велика Британија.
Кај невакцинираните губењето на чувството за мирис не е чест симптом, а исто така и отежнатото дишење. Овие состојби покажуваат дека претходно познатите симптоми се менуваат како што се менува вирусот.

Кај помладите има променета клиничка слика

Тековната студија во Велика Британија објави податоци за симптомите. Во „Студијата за симптоми на ЗОЕ-ковид“, заразените лица ги пријавуваат своите симптоми преку апликација. Соодветно на тоа, симптомите очигледно се сменија, што (не мора да е) но може да биде последица на делта-варијантата, која сега претставува 99 проценти од инфекциите во Велика Британија (податоци од 12 јули 2021 година).
Германскиот вирусолог Кристијан Друстен се осврнува и на резултатите од студијата и на изјавата на Тим Спектор, епидемиолог и водач на студијата ЗОЕ.
Вели дека општата слика за симптомите е променета затоа што сега сѐ повеќе стари лица се вакцинирани и нивната студија покажува дека сѐ повеќе заразени се помладите. Кај помладите луѓе, симптомите обично одат во насока на општа инфекција слична на грипот, со главоболка, болки во грлото и малку покачена температура. Големата кашлица, која беше толку типична кај постарите пациенти, сега е помалку регистрирана – објаснува епидемиологот Друстен.
Тој вели дека тоа би го припишал помалку и на делта-варијантата, а повеќе на фактот дека помладите сега сѐ почесто заболени, затоа што постарите се повеќе вакцинирани.

Младите да се тестираат иако не се чувствуваат многу болно

Двајцата епидемиолози велат дека ако едно лице се сомнева дека е заразено, секогаш е правилна одлука да биде тестирано и да се држи на дистанца.
– Потребно е да се предупреди населението, особено помладата популација, која сега е заразена, да биде внимателна, дури и ако не се чувствува многу болно. Не треба само да размислуваат дека тоа е само настинка – велат тие.
Неодамнешното истражување на универзитетот „Гутенберг ковид-19“ од Мајнц покажа дека повеќе од 40 отсто од сите заразени луѓе не знаат дека имаат или имале коронавирус.
Авторот на студијата, Филип Вајлд, потврди дека не треба да се откажуваме од тестирање поради статус на вакцинација или ниска инциденца, зашто тоа е важна мерка за следење на динамиката на пандемијата.


Симптоми на ковид-19 по две дози вакцина

– главоболка
– течење на носот
– воспалено грло
– кивање
– губење на чувството за мирис

Кои се најчестите симптоми кај невакцинираните лица?

– главоболка
– воспалено грло
– течење на носот
– треска- постојана кашлица