Фото: Игор Бансколиев

Анкета на „Нова Македонија“ со граѓаните и со политичките аналитичари

Справување со коронавирусот, закрепнување на економијата, обезбедување на функционирањето на правната држава, реформи во државната администрација и продолжување на преговорите со ЕУ се клучните пет чекори што треба да ги преземе идната влада, а кои се исчекуваат од граѓаните.
Ова е сублимираната констатација на направената поширока анкета со граѓаните на нашата држава низ повеќе градови во републиката. Во контекст на анкетата и идните пет чекори што треба да ги преземе Владата по нејзиното оформување, се консултиравме и со повеќе политички аналитичари и политиколози.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека, според неговата оцена, најпотребно е новата влада како приоритет да ги постави пред себе: устоличување на владеењето на правото во државата преку борбата со корупцијата и организираниот криминал, закрепнување на економијата, реформи во државниот модел за државната администрација, продолжување на преговорите со ЕУ и справување со пандемијата.
– Јас верувам дека како примат над сите овие пет главни постулати треба да биде наметната борбата со коронавирусот и заштитата на македонските граѓани од ова заболување, а сето тоа ќе биде основа за понатамошно спроведување на агендата на оној што ќе ја формира власта во земјата – вели Арсовски.
Пиар-експертот Синиша Пекевски, пак, размислува дека земјата пред себе има само два фокуса, а тие се: заздравување на економијата и обезбедување на правната држава. Ако овие две работи се исполнат од страна на власта, натаму е лесно да се набројат другите работи што граѓаните ги очекуваат од идната власт во Македонија.
Според него, во групата на итни политики што би биле приоритет за Македонија се обезбедување ефективно дејствување на државата во услови на пандемија, зајакнување на капацитетите на образованието и продолжување по курсот за членство во ЕУ, откога го обезбедивме членството во НАТО.

Политикологот Милан Стефаноски, пак, оценува дека одговорот на дилемата лежи во тоа дека наредната влада ќе треба на граѓаните да им го заштити здравјето, да им обезбеди економски предуслови за добивање плата, да ги намали трошоците за живот, да им гарантира безбедност на имотот и, пред сѐ, да го заштити унитарниот карактер на земјата.

Мнозинството за извршната власт моделирано под превезот на тајноста поради пандемијата?

Во контекст на актуелните случувања и во период кога се водат преговори за формирање на идната власт во земјата, она што буди интерес кај домашната јавност е фактот дека овие комуникации меѓу партиите за формирање мнозинство во Македонија се вршат под превезот на тајноста и преку т.н. тајна партиска дипломатија. За споредба, доколку се следеа сличните процеси на изминатите политички циклуси, состојбата во преговарањето беше јавна, а партиските центри лицитираа за формирање владино мнозинство и преку јавни изјави на лидерите, како и преку публикувани информации и соопштенија во медиумите.
Познавачите на состојбите констатираат дека ова оформување на владејачко мнозинство се разликува од сите други во минатото, пред сѐ, поради пандемијата на коронавирусот и токму затоа тајната дипломатија го има својот удел во приказната.
Арсовски истакнува дека тајното преговарање е актуелно во овој момент во политиката бидејќи бројките на освоени мандати се екстремно слични.
– Преговарајќи во тајност партиите се обидуваат да не ги разгорат страстите во јавноста и да си обезбедат за себе подобра позиција во процесот за оформување влада. Дополнително, калкулациите сега се такви што во секој момент можат да се формираат четири различни мнозинства, партиите го знаат тоа и затоа молчат пред граѓаните – вели Арсовски.

Според Арсовски, она што е најбитно во оваа приказна е дека, за жал, партиите и натаму кога формираат владејачки коалиции сѐ уште тргуваат од партиските интереси во договорите, притоа не гледајќи да ги задоволат реалните потреби на државата.
– Односно, кога се преговара за тоа кој да биде министер на одреден сектор, партиите не гледаат кој е најдобрата личност за оваа функција во редот на владејачката коалиција, туку само е битно кое министерство на која партија ќе ѝ се додели. Па од таа логика партиите што ќе ја сочинуваат власта не го избираат најспособниот пример професионалец за министер за финансии туку ја избираат само партијата од чии редови ќе биде министерот. Додека политократијата наместо меритократијата ни ги поставува министрите дотогаш ќе имаме случаи на лоши решенија за министри во земјата, а во услови на живот со пандемијата ваквата распределба на секторите не е добредојдена за граѓаните – резимира Арсовски.

Од друга страна, пак, Пекевски мисли дека партиите преговараат тајно затоа што меѓународната заедница влијае врз процесот што ќе оформи мнозинство.
Според него, странските дипломати имаат големо влијание во овој процес и веќе на сите им е јасно кој ќе ја оформи Владата, само партиите треба да се договорат кои лица ќе бидат министри и ништо повеќе.
Политикологот Стефаноски смета дека тајните преговори на партиите се одвиваат во овој момент поради две причини.
– Првата причина е бидејќи во тајност е полесно да си договориш како сака партијата да профитира од својот резултат, а во овој процес на тргување да не ти замерат гласачите. Втората причина поради која се преговара на овој начин е сензибилноста на времето кога се формира Владата. Во овој период кога земјата се бори со ковид-19, не е потребно да зовријат страстите врз меѓуетничка основа, кои секогаш се на високо ниво кога се прави влада. Партиите го знаат тоа и затоа тргувањето за формирање влада го кријат од обичните граѓани – вели Стефаноски.

[email protected]