Од ЈП „Национални шуми“ велат дека им имаат издадено 1.000 дозволи на регистрирани собирачи на билки. „Алкалоид“ откупува билки преку откупната станица во Скопје, од собирачи на билки со кои има склучено договори и кои се обучени за тоа

Природните услови во Македонија овозможуваат опстанок и развој на голем број растителни видови, поради што нашата држава се вбројува во земјите со богат биодиверзитет. Во последно време, откако светот се соочи со пандемијата на коронавирусот, посебен акцент и внимание беа ставени на лековитите билки и растенија, чие собирање има голема традиција. Покрај придобивките за здравјето, кое, нели, секогаш е на прво место, заработката од билки им е добредојдена на луѓето што останаа без егзистенција, а собирањето билки им донесе некаков приход. Оние што сериозно се занимаваат со ова добиваат упатства и прирачници од ЈП „Национални шуми“, откако ќе се регистрираат како собирачи. Од претпријатието велат дека им имаат издадено 1.000 дозволи на регистрирани собирачи на билки. „Алкалоид“ откупува билки преку откупната станица во Скопје, од собирачи на билки со кои има склучено договори и кои се обучени за тоа. Најчесто откупуваат билки што се диворастечки, од строго контролирани региони, собрани по начелата за одржливо собирање. Најмногу откупуваат лист од коприва, плод од шипинка, коњски опаш, цвет од бозел, плод од бел трн, ајдучка трева, лист од бреза, жолт кантарион, ситница и многу други. Контролата на квалитетот ја вршат според строго пропишани регулативи за квалитет на лековити билки. За секоја откупена билка, како и за оние што ги набавуваат од увоз, постојат документи во кои се дефинирани сите физичко-хемиски микробиолошки параметри, тешки метали, пестициди и други параметри, кои се испитуваат за секоја серија на откупена т.е набавена билка. Анализите на овие параметри се изведуваат во нивните лаборатории, но соработуваат и со неколку надворешни акредитирани лаборатории во државава, како и надвор од неа. За нив велат дека од особено значење е квалитетот на влезните суровини што ги користат во производството на нивните производи.

Лековитите билки имаат пред сѐ традиционална, но сѐ повеќе и научно базирана употреба. Чаевите што се приготвуваат од лековити билки се користат како редовен вкусен пијалак во секојдневната исхрана, при наједноставна настинка, па до состојби на нарушено здравје, за сериозни индикации. Од билките што најмногу ги откупуваме, би ги издвоила плодот од шипинка, коњскиот опаш и ситницата, кои се користат најчесто во комбинација за подобрување на функцијата на уринарниот тракт. За истата состојба се користи и листот од бреза, најмногу поради диуретичниот ефект што го предизвикува. Од друга страна, сѐ позначајна е употребата на плодот од бел трн, и тоа поради поволното дејствување при детоксикација на организмот, како и дејството на заштита на црниот дроб – вели Маја Стефкова, сениор-менаџерка од „Алкалоид“.
Собирачите на билки задолжително се евидентирани и регистрирани во подружниците низ земјава.
Пријавувањето и регистрацијата на собирачите на билки се вршат во сите 30 подружници на ЈП „Национални шуми“, каде што истовремено се добиваат и детални информации за целокупниот систем на одржливо користење, негова контрола и законски обврски на сите учесници во оваа област – појаснуваат од ЈП „Национални шуми“.

Голем број шумски растенија и нивни делови се користат во нашата традиционална медицина. Најчесто собрани диви растенија и нивни делови од природата се плодови од модра смрека, мечкино грозје, шарпланински чај, жолт кантарион, диво оригано, корен и цвет од јаглика, корен од валеријана, шипинка, боровинка, малина, капина, бозел, црн слез, корен од бел слез, семе и корен од коприва, глуварче итн. Копривата е актуелна пролетва и пушта млади ливчиња двапати во годината, кон крајот на летото, а се консумираат младите листови сушени или свежи како чај, може да се користат за пита, да се консумираат испржени со јајца или од нив да се направи чорба. Листовите од глуварчето се сметаат за фантастичен диуретик и прочистувач.
За комерцијални цели и извоз најчесто се собираат обичен вргањ, црн вргањ, боров вргањ, летен вргањ, јајчарка, лисичарка, жолто еже, рујница, црна труба, смрчки, ѓурѓевка, ливадарка.
– Во ЈП „Национални шуми“ минатата година имаме склучено договори со десет правни субјекти за собирање и откупување на други шумски производи што се регистрирани во регистарот на откупувачи. Нивните договори се со важност од една година. Лековити билки може да собираат физички лица што имаат извадено дозволи. Таквите дозволи ги издава ЈП „Национални шуми“ преку своите подружници, по цена од 400 денари.
Собирачи на билки има на целата територија на нашата држава, но најмногу има во Малешевијата (Берово и Пехчево), Македонски Брод, Демир Хисар, Осоговскиот Регион, Велешкиот Регион и други региони – информираат од Секторот за подигање, одгледување, екологија и лов при ЈП „Национални шуми“.С.К.