Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комуниколозите ги анализираат слоганите на претседателските кандидати

На секоја кампања ѝ се потребни три едноставни комуникациски техники, а тие се порака, аргументи што ја поддржуваат пораката и ефективен слоган, кој е всушност лична карта на кампањата, велат комуниколозите. Дали ваквите стандарди се исполнети и кај нас во пресрет на почетокот на кампањата за претседателските избори

Иако претседателската кампања официјално сѐ уште не е започната (почнува на 1 април), политичките партии и нивните кандидати веќе почнаа да ги објавуваат изборните слогани со кои ќе бараат поддршка од граѓаните Нешто помалку од седум дена од официјалниот почеток на трката за избор на новиот шеф на државата, партиите преку своите кандидати Стево Пендаровски на СДСМ, Гордана Сиљановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Река од Алијансата за Албанците и Беса влегуваат во трката за претседател на државата со различни ветувања, но и по малку слични слогани. Под слоганот „Заедно напред“, кандидатот на владината коалиција, Стево Пендаровски, ќе ја започне кампањата за шестите претседателски избори во нашата земја. Слоганот на Пендаровски бил договорен на работна средба на Централниот изборен штаб на СДСМ и коалицијата. Како што соопштија од партијата, слоганот ја одразува суштината на програмата на Стево Пендаровски, која се темели на заедништво, на обединување на граѓаните и на забрзан развој на земјата на патот кон НАТО и ЕУ. Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Сиљановска сѐ уште не се обелоденува слоганот со кој ќе се бара поддршка од граѓаните. Сепак, според одредени најави, Сиљановска многу веројатно ќе го задржи слоганот од последната конвенција на партијата во Струга, „За честита Македонија“ или ќе се определи за слоганот „Право и правда за Македонија“, кој исто така се користеше во јавноста. Третиот кандидат во претседателската трка, поранешниот амбасадор д-р Блерим Река, влегува во трката за претседател на Република Северна Македонија со слоганот „За Републиката“, што, според неговото објаснување, значи држава што функционира врз основа на владеење на правото, а не врз основа на владеење на поединецот.

Претседателските кандидати Гордана Силјановска и Стево Пендаровски на речиси секојдневни средби со граѓаните

Ваквата констелација на работите отвора дилема во домашната јавност дали и колку слоганите на претседателските кандидати ќе имаат влијание врз определбата на граѓаните за кого да гласат на претстојните избори.

Пораките се јасни, ефектот од нив допрва ќе се види, велат комуниколозите и политиколозите, откако претседателските кандидати ги објавија слоганите под кои ќе настапат на изборите.

– На секоја кампања ѝ се потребни три едноставни комуникациски техники, а тие се порака, аргументи што ја поддржуваат пораката и ефективен слоган. Пораката треба и мора да биде создадена пред слоганот. Во идеална комбинација, слоганот ќе го долови духот на пораката на моќен и концизен начин. Пораките и слоганите треба да ги опфатат потребите, барањата и вредностите на граѓаните – вели Викторија Кафеџиска, професорка по комуникологија од Меѓународниот балканскиот универзитет.
Според неа, без разлика колку и да паѓаат во искушение, кандидатите треба да одбегнуваат да зборуваат за она што тие ќе го сторат, туку треба да зборуваат за тоа како ќе ги подобрат животите на луѓето.

– Секоја порака треба да биде чисто школски дефинирана и тоа ќе биде најмудрата одлука. Во исто време, пораката треба да биде кратка и јасна, а да ја сумира замислата од програмските идеи на кандидатите. Кога граѓаните ќе го видат слоганот, тоа треба да биде лајтмотив, кој, впрочем, ќе ја отслика целата тема на кампањата што треба да ја води во овој случај претседателскиот кандидат. Тоа во исто време е најтешко, но мора да ја отслика програмската определба на кандидатот за да биде разбрана од народот – објаснува Кафеџиска.

Професорката по комуникологија во исто време вели дека пораката треба да биде мудро избрана, бидејќи гласачите се изморени од неопределени слогани.
– Само напред и напред Македонија се класични пароли и слогани што веќе не минуваат кај граѓаните. Ние сме мала земја и приближно знаеме кој кандидат за што ќе се залага. Слоганот е тој што ќе ѝ даде лична карта на целата кампања. Оттука, единствено доколку соодветствува слоганот со програмскиот дел од кампањата, кандидатот ќе може да се обрати пред гласачите. Тој во исто време мора да биде многу блиску до она што го зборува кандидатот и за што ќе може да се врзе и понекој неопределен гласач, што всушност е и најтешко – додава професорката Кафеџиска.

Меѓутоа, професорката подвлекува дека во земјава политичките партии многу ретко се решаваат да вклучат соодветни експерти во своите тимови и, наместо стручни лица, се ангажираат кадри што не се кадарни за пишување говори и водење пиар-кампања слична на развиените демократии.

Слично размислува и политикологот Атанас Козарев.

– Слоганот многу влијае, бидејќи е сублимат на политичката порака за кампањата. Тој по правило треба да биде краток, концизен и на едноставен начин да ја пренесе емоцијата со која претседателските кандидати ќе настапуваат на изборите – завршува Козарев.

[email protected]