Фото: Маја Јаневска-Илиева

Имаат ли државните институции утврдени правила како треба да бидат облечени граѓаните ако посетуваат некоја државна институција? Доколку постојат такви правила за облекување, или популарно наречено кодекс на облекување, дали тие правила се доволно познати во јавноста и дали се објавени? Овие прашања деновиве ги отворија повеќе наши читатели, кои сведочеа за настани од изминатиов период на „пеколни“ горештини, во кои повеќе наши сограѓани биле вратени од редарските служби на некои институции зашто немале соодветна облека на себе

Институциите тренираат строгост или граѓаните се либерални во однос на стилот на облекување

Имаат ли државните институции утврдени правила како треба да бидат облечени граѓаните ако посетуваат некоја државна институција? Доколку постојат такви правила на облекување, или популарно наречено кодекс на облекување, дали тие се доволно познати во јавноста и дали се објавени?
Овие прашања деновиве ги отворија повеќе наши читатели, кои сведочеа за настани од изминатиов период на „пеколни“ горештини, во кои повеќе наши сограѓани биле вратени од редарските служби на некои институции зашто немале соодветна облека на себе. Притоа, тие не добиле никаков одговор што институцијата во која требaло да влезат подразбира за „прикладна облека“ или соодветен кодекс на облекување за влез и посета на државниот орган или институција.

Пропишан кодекс на облекување и за вработените и за посетителите

Времињата се менуваат, а граѓаните и институциите треба да се приспособуваат. Некои институции имаат построги правила на кодекс на облекување, а некои полабави, но сепак граѓаните и вработените се тие што треба да ги испочитуваат. Кодексот на облекување, всушност, претставува збир од правила што се однесуваат на облекување на луѓето во зависност од пригодата во која се наоѓаат. Ако пригодата, просторот или институцијата изискуваат одреден кодекс на облекување, тогаш тоа треба да се почитува, бидејќи со тоа се почитува и дигнитетот на институцијата, на граѓанинот и на општеството, генерално.
Познато е дека кога се оди на работа или на состанок, покрај начинот на говорење, потребно е да мислите и на тоа како сте облечени.
Многу е важно облеката да дава впечаток на професионализам и сериозност, но тоа не значи дека мора да се жртвуваат удобноста и стилот. Постои некој општ образец кога е во прашање деловниот кодекс на облекување.
Во секој случај, во врска со ова, се обративме до повеќе државни институции дали постои и каков е тој кодекс на облекување според кој граѓаните треба да се придржуваат.
Од Секторот за односи со јавноста на Владата посочија дека кодексот на облекување е ист и за вработените, како и за посетителите во оваа институција.
– Тие не треба со облеката да предизвикуваат впечаток на непристојност. На официјални настани да користат формален деловен кодекс на облекување, преку кој ќе изразат почит кон колегите и странките. Неприфатлива е облеката што се користи вообичаено во домот, при спортски настани или во ноќните клубови-посочуваат оттаму.
Од Управата за јавни приходи велат дека нема пропишани правила за кодекс на облекување за странки што ги посетуваат просториите на институцијата заради извршување одредена обврска, но се применуваат општите правила на соодветно облекување при посета на јавна институција.
– На несоодветно облечените странки им се укажува за значењето на кодексот на облекување и им се овозможува завршување на обврските само на шалтерите на институцијата – посочуваат од УЈП.
Професионалниот изглед на вработените е регулиран и во ,Кодексот на однесување на вработените во Управата за јавни приходи, каде што е пропишано дека вработениот во Управата за јавни приходи со својот изглед мора да прикажува професионализам и уредност.
За вработените во Управата за јавни приходи начинот на облекување е регулиран во членот 19 од Кодексот за административни службеници.
– Административниот службеник посветува внимание на изгледот и начинот на облекување, за да не предизвика впечаток на непристојност и нарушување на угледот на администрацијата. Формалниот начин на облекување ја изразува неговата почит кон службата, но и кон колегите, соработниците и странките – се вели во кодексот.

Можат ли граѓаните да ги знаат официјалните кодекси за
облекување при влез во одредена институција?

Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, основачка и директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол, вели дека граѓаните не можат да ги знаат официјалните кодекси за облекување при влез во одредена институција.
– Ако на некој од граѓаните му се забрани влез во одредена институција каде што отишол по документи, поради несоодветно облекување, веројатно дека истата таа институција има пропишан одреден кодекс на облекување.Тој кодекс на облекување треба да биде јавно објавен, зашто последна работа на која мислите, на пример ако одите да вадите патна исправа, е облекувањето – вели Лукреција.
Според неа, важно е при влез во одредена институција да не изгледаме како да одиме на плажа, значи да ни бидат барем покриени рамениците и колениците.
Лидија Ѓорѓиева, дизајнерка и професорка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, вели дека нејзините ставови во врска со „пристојното“ облекување се доста отворени.

– Кој е тој експерт што ќе диктира што е пристојно, а што не е и со кое право? Ако зборуваме за граѓаните што бараат услуга од институциите, само ќе потсетам дека тие постојат како сервис на граѓаните, а не обратно. Ајде да искарикирам, ако некој нудист влезе во УЈП, негов избор, но самиот ќе си има безбедносен проблем, мене ми е сеедно – вели таа.
Според неа, не можеме да претендираме дека сме толерантно и мултикултурно општество каде што се еднакво застапени правата на сите граѓани, без разлика на пол, етничка припадност или сексуална ориентација, а од друга страна да ограничуваме кој како треба да се облекува.
– Реално се залагам за шаренило на улиците, за креативност и индивидуалност во стилот на облекување, па дури и да е со лош вкус, ако тој/таа се чувствува ок, тоа е сѐ што е потребно. Секако, доколку некој чувствува потреба од мој совет, тоа е веќе нешто друго, тоа е дел од мојата работа и секогаш можам да направам некој да изгледа подобро, пософистицирано – вели Ѓеоргиева.
Смета дека идејата за „фешн полис“ и моден диктат му припаѓа на минатото.
– Ајде, малку порелаксирано да гледаме на работите, а доколку можеме да едуцираме или да советуваме, тогаш е сѐ во ред. Разлика постои можеби само кога влегуваме во некој верски објект, бидејќи таму храмот си ги наметнува јасно и гласно своите правила и сметам дека е прашање на духовна почит и општа култура да се однесуваме соодветно, но тоа е веќе друга тема – заклучува таа.

[email protected]