Фото: Игор Бансколиев

Нема никаква правна логика, ниту основа, законите што се изгласани со двотретинско мнозинство (системски закони) да бидат усогласувани со закон изгласан со просто мнозинство (како што е Законот за јазиците). Ваквата состојба не само што креира атмосфера на кардинална правна несигурност во државата туку потврдува уште еднаш и дека Законот за употреба на јазиците и во овој поглед излегува од рамките на Уставот, тврдат правните експерти

Настрана партиско-политичката еквилибристика во однос на толкувањето на препораките на Венецијанската комисија, правните експерти во своите одвоени изјави, независно анкетирани и прашани, дејствуваат усогласено, концизно, небаре синхронизирано со мислењата дека ставот на Венецијанската комисија за употреба на Законот за јазиците е кристално јасен и треба да се спроведе, без поговор.
Имено, експертите со полно уважување на таа институција недвосмислено поаѓаат од премисата дека ако се побара мислење од Венецијанската комисија, тогаш неопходно е почитта „да ја искажете, и тоа долгорочно, со градење доверба не само со Венецијанската комисија туку и со Европската комисија, ЕУ, со тоа што препораките од Венецијанската комисија ќе ги преточите во законски норми“!

Правните експерти унисоно стојат зад ставот дека „како држава самите се девалвираме, бараме нешто што не сме подготвени да го примениме, ја омаловажуваме Венецијанската комисија и го прекршуваме правниот систем и правната сигурност во државава.
Уште повеќе, правните експерти со кои се консултиравме сублимираат дека веројатноста за дерогирање на повеќе системски закони донесени со двотретинско мнозинство е голема, со оглед на фактот што „спорниот закон за јазиците е донесен со просто мнозинство“. Во тој контекст, сега имаме парадоксален случај, каде што еден закон што е изгласан со просто мнозинство му наметнува норма на друг закон што е изгласан со две третини, односно системскиот закон, и со тоа се дерогира „посилниот“ закон. Тоа е, како што тврдат легалистите, односно правните експерти со кои се консултиравме, феномен каде што повторно „политиката ги зауздува правото, законите и постапките“. Според нив, тоа е или „правно непознавање на работите или политикантство за да се задоволи краткорочно некој коалициски интерес“. Според нив, целосно е во право Венецијанската комисија, која тврди дека со овој закон ќе направи повеќе штета во правосудниот систем отколку корист. Експертите потсетуваат дека и досега „на ниедна странка во правосудниот систем не ѝ било ускратено правото да го користи јазикот што ѝ е мајчин“…

– Уште кога се носеше Законот за употреба на јазиците, укажував дека целата постапка е невообичаено изнасилена, беа прескокнати многу процедури, а и со многу елементи законот е спротивен на Уставот. Самиот закон за употреба на јазиците се темели на членот 7 од Уставот, а во постапката при неговото донесување требаше да се почитува амандманот 18, според кој, одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците треба да се донесе со двотретинско мнозинство. Но во собраниската процедура пренебрегнат е овој амандман, со што Законот за употреба на јазиците е во спротивност и со членот 131 од Уставот. Значи, донесен е без почитување на двотретинското мнозинство, само со Бадентерово мнозинство, па, според тоа, не може да се наметне како закон со кој треба да се усогласуваат системски закони, изгласани со двотретинско мнозинство, со кои се уредува судскиот систем, локалната самоуправа, државните органи… – вели уставниот судија Трендафил Ивановски.

Ивановски цени дека Венецијанската комисија е сосема во право во однос на забелешките за неиспочитуваната законска процедура при донесувањето на Законот за употреба на јазиците и смета дека треба да се имплементираат нејзините препораки, но пред сѐ законот да се преработи и да биде во рамките на Уставот.

– Мора да се почитуваат и применат укажувањата на Венецијанската комисија и да се направат интервенции во законот. Според мене, најсоодветно е да се донесе нов закон со внесени забелешки на истиот текст, кој ќе биде изгласан со двотретинско мнозинство. Сѐ друго е неуставно! По извештајот на Венецијанската комисија, веќе би можел да се активира и Уставниот суд, во кој веќе има неколку претставки токму за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците и да помогне да се расчистат сите недоумици. Но сега, пред избори, не треба да се брза со измените, зашто може да се направат уште поголеми грешки. Ваков каков што е, Законот за употреба на јазиците е промашен закон, со многу фелери, а пред сѐ неуставен. И секој обид за усогласување системски закони со него, ќе нѐ одведе во поголеми правни небулози, кои ќе ги закочат реформите во судството. Ми се чини дека додека не поминат изборите, овој закон ниту ќе се применува, ниту ќе се менува – заклучува уставниот судија Трендафил Ивановски.

Фото: Игор Бансколиев

Венецијанската комисија со најголема критика за инспекторатот

Во оригиналната верзија на заклучоците на Венецијанската комисија, една од најголемите критики е за институцијата Инспекторат. За него се вели дека му се дава можност несразмерно да се применува присила, санкција, глоба и сл., за да може предвидените законски решенија, да бидат наметнати. И за ова некои експерти во јавноста обрнуваа внимание, предлагајќи да се почека мислењето на Венецијанската комисија. Уставниот судија Трендафил Ивановски смета дека со тоа што законот беше испратен до Венецијанската комисија откако беше усвоен, комисијата ќе биде ставена пред свршен чин и дека нема да навлезе целосно во проблематиката.
– Но комисијата темелно го обработи законот и со право укажува дека надминувањето на европските стандарди за малцински права може само да доведе до дополнителни компликации во примената и практиката на правната држава – вели Трендафил Ивановски