Фото: Игор Бансколиев

Домашните слави и претстојните празници со поинаков обем, а со иста суштина

Колку македонските православни верници оваа есен и зима, кога бројот на позитивни случаи константно расте, ќе се одлучат да ја зачуваат традицијата на масовни семејни слави од една страна, или ќе го спречат можното ширење на коронавирусот преку апстинирање од домашните визити од друга страна.
Речиси секое второ семејство во земјава овој период од годината има домашна слава или именден, кои ги слави во кругот на блиските и пријателите.
Со празникот Света Петка, кој се одбележуваше пред два дена, во периодот што доаѓа почнуваат најголемите зимски слави, како Митровден, Архангел Михаил, Свети Климент, Свети Никола.
Прашањето што си го поставуваат многу верници што имаат домашни слави е како ќе изгледа чествувањето на празниците во услови на пандемија.
Епидемиолозите се децидни и сметаат дека овој период граѓаните треба да се воздржат од масовни групирања, а со тоа и дека секој празник и слава можат да се организираат само во домот со оние со кои живеат.
Отец Бобан Митевски вели дека е најважно да биде испочитуван верскиот аспект на одбележување на славата со одење во црква и носење леб.

– Не мора да се вика свештеник да го прави тоа во домашни услови. И не е задолжително дека славата треба да се прослави масовно, туку може и само со најтесното семејство – посочува отец Митевски.
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија соопштија дека во пресрет на претстојните црковни празници, кои православните христијани ги чествуваат како домашни празници и имендени, Синодот, следејќи ја со загриженост општата здравствена состојба, упатува апел да се почитуваат безбедносните мерки за јавни собири, а домашните прослави да се одбележуваат според препораките.
– Свештенство, кое е упатено во особеностите и традициите на празнување, да се придржува кон препорачаните здравствени мерки при извршувањето на црковните потреби и на чиновите во храмовите или при посетата на домовите – посочуваат од МПЦ-ОА.
Во пресрет на периодот во кој голем број на семејства низ државата ги чествуваат домашните православни празници и Комисијата за односи со верските заедници упатува апел овие празнувања да бидат исклучиво во кругот на членовите на семејството.

– Ескалирањето на состојбата со коронавирусот е придружена со изразена локална трансмисија на вирусот, па секое непочитување на мерките за заштита од здравствените власти и секое собирање на луѓето може да биде погубно. Секое семејство што одбележува домашен празник да ја препознае опасноста по јавното здравје што би ја предизвикало со повикување гости, но и секој добронамерен кон семејството што прославува годинава да се воздржи од физичко присуство. Традицијата не е загрозена таа ќе опстои, но колективното здравје е во сериозна закана! – посочуваат од оваа институција.