Фото: Игор Бансколиев

Во вчерашниот, прв дел на темата партискиот наспроти граѓанскиот активизам, ги анализиравме двата активизма: партискиот, канализиран преку политичките партии, и од друга страна граѓанскиот активизам, кој се одвива во рамките на цивилниот сектор, граѓанските здруженија, невладините организации… Имено, во основа на споменатите активизми е пронаоѓањето на вистинскиот пат за мобилизација и активирање на граѓаните, во контекст на пронаоѓањето решенија за широк и динамичен општествен просперитет. Но ако активизмите по дефиниција се совпаѓаат во делот на стремежот за просперитет, кај нас тие се судираат во делот од зафаќањето на бројот на граѓани: партискиот активизам се идентификува со тесен интерес, додека граѓанскиот активизам се обидува да мобилизира што поширока маса граѓани… А, всушност, судирот на концептите не треба да е таков.

Два концепта во пресрет на парламентарните избори (2)

Може ли партискиот интерес конечно да стане граѓански, односно граѓанскиот партиски? Ова е само продолжување на анализата на дилемите што се отворија во нашата експертска јавност во пресрет на предвремените парламентарни избори, а се однесуваат на тоа како, колку и на што би бил подигнат сензибилитетот на граѓаните за општествените случувања во нашата држава. Како политичките партии како битни чинители во политичкиот систем функционално ќе ги апсорбираат идеите и иницијативите на граѓаните (а не од своите партиски лидери)? Од друга страна, кога пак граѓанските активисти ќе се оттргнат од влијанието на одредени авторитети што им го стеснуваат делокругот на работењето, ги ставаат во функција на одредени општествени елити, заборавајќи го широкиот граѓански сектор во кој треба да дејствуваат во интерес на што поширока група граѓани и за многу поширок граѓански интерес?

Колку се слуша гласот на граѓаните?

Активисти во невладиниот сектор констатираат дека граѓанскиот активизам во Македонија иако во последен период има напредок во однос на неговото здружување за конкретни проблеми и барање решенија за нив, сепак „сегашниот систем на државата не дозволува граѓаните да бидат слушнати“!
Активистите велат дека ниту една политичка партија во овие 25 години не го прифатила граѓанскиот активизам онака како што треба, како поддржувач и коректор на сопствените грешки и, оттаму, многу тешко може да се говори дека во иднина партискиот интерес некогаш ќе стане граѓански.

Според зборовите на професорката Мирјана Најчевска, потребно е да се направи систем во кој државата ќе обезбеди услови граѓанскиот активизам и интересот на граѓаните директно да бидат слушнат од институциите и државниот апарат. Професорката нагласува дека основниот проблем е што воопшто зборуваме за партиски наместо за државен интерес.
– Во земјава партиите се оние што ги составуваат барањата на граѓанските иницијативи, што во суштина е погрешно. Оттука, сакам да истакнам дека партиите не можат да имаат граѓанска слика и нивните потреби. Тие си имаат партиска слика и во никој случај не можат да ја склопат таа вистинската слика на граѓанските организации, движења и нивните барања – истакна Најчевска.

На прашање дали и колку постои вистински граѓански активизам и колку всушност е вистинско граѓанското учество во нашето општество, Најчевска оценува дека промените што се направени во овој сектор во последно време полека навестуваат дека ситуацијата се менува на подобро.

– Со оглед на граѓанскиот активизам во последно време кај нас, можам да кажам дека има добар интерес во општеството. Во последен период здружувањето на граѓаните се прават вистински и конкретно се насочени да се однесуваат и да застапуваат јасно искажани цели и потреби на граѓаните. Во таа насока, сакам да истакнам дека имаме јасно профилирани граѓански здруженија што работат и се посветени во целост на граѓанската политика. Поставуваат легитимни прашања до власта и бараат конкретни решенија. Единствениот проблем, според моите размислувања, во овој момент е тоа што иако имаме граѓански сектор во земјава, од другата страна имаме партизирана држава, која не сфаќа дека државата не може да се сведе на функционирање и спроведување на политиките на едната или другата политичка провениенција. Оттука, сакам само кратко да истакнам дека има уште многу да се работи на тоа кога партискиот интерес ќе стане граѓански – вели Најчевска.

Кој е тој натпартиски интерес?

Петар Богојески, докторанд на УКИМ, во врска со партискиот и граѓанскиот активизам вели дека е дојдено време државниот интерес да го надвладее партискиот. Според Богојески, париите се „здодевни, компромитирани и милитарни организации, кои го ограничуваат граѓанинот“. Тој отворено тврди дека политичките партии „не дозволуваат да размислуваш со сопствена глава и ја тиштат креативноста“. Богојески одговорно тврди дека во партиите „нема место за идејата на граѓанинот и неговата визија“. Тој во јавноста пласира и еден т.н. Македонски концепт, во кој има еден „општ мотив за промена на состојбите во државата и конечно ставање на државните интереси над партиските“.

– Државниот пред партискиот интерес. Јас сум од оваа или онаа партија. Ако, биди си! Твоја работа, твоја определба. И јас сум дел од партија. Се надевам од идеолошки, а не од физиолошки потреби. Сега во овој момент на мојата партија ѝ одговара да се продлабочува граѓанското незадоволство. Не е важен државниот интерес, битно е ние да ќариме некој глас плус. Ааа извини, ти не си за во Македонскиот концепт. Ние работите ги гледаме обратно. Без разлика што ѝ одговара на мојата, твојата или на која било партија. Ако тоа не ѝ одговара на Македонија, тогаш не го поддржуваме. Зашто Македонија е нашата партија – пишува Богојески на таа тема во својата последна колумна.
Тој додава дека доколку во наредниот период не се охрабрат граѓаните да направат нешто, сѐ уште ќе живееме во ваква држава и вакво општество. Зашто Македонија е мојата, твојата, нашата партија – оценува Богојески.

[email protected]