Фото: Игор Бансколиев

Звучи изненадувачки и чудно, но процесот на миграција што некогаш ги испразни македонските села, сега почнува да се одвива во обратна насока и граѓаните сѐ повеќе ги согледуваат предностите на руралното живеење, подалеку од градската врева. Од Заводот за статистика официјални податоци за интензитетот на миграцијата очекуваат во јуни годинава, додека локалните власти потврдуваат дека има голем интерес и барања за живеење на село

ПАНДЕМИЈАТА JА ЗАВРТИ МИГРАЦИЈАТА ВО ОБРАТНА НАСОКА

Oткога е присутна пандемијата во земјава, сѐ повеќе има интерес за живот на село и сѐ повеќе луѓе сакаат да избегаат од урбаните средини. Бегството на граѓаните од градските средина и бетонската џунгла станува сѐ поактуелно и понагласено последниве 14 месеци, откако започна и пандемијата на ковид-19. Малку звучи изненадувачки и чудно како токму процесот на миграција, кој некогаш ги испразни македонските села, сега почнува да се одвива во обратна насока и граѓаните сѐ повеќе ги согледуваат предностите на рурално живеење што подалеку од градската врева. Од Заводот за статистика официјални податоци за интензитетот на миграцијата очекуваат во јуни годинава. Сепак, постојано доаѓаат потврди од локалните власти за миграција на жителите од град во село. Од општините велат дека немаат официјални бројки, но имаат информации за барања за градба во руралниот дел на општините од лица што сега живеат во градските населби.
– Точно е дека луѓето што имаат викендички и куќи или често одат или отидоа да живеат во селата Љубанци и Љуботен, или одат кај роднини, особено сега за време на пандемијава. Само од мојата улица има неколкумина што заминаа да живеат во селото Љуботен. Немаме официјални податоци, некаква статистика за тоа колкумина мигрирале од град во село, но од она што го дознаваме од секојдневната комуникација со граѓаните, дефинитивно е така, има мигрирање град – село што се потврдува и со барањата на одобренија за градба, луѓето поради пандемијава бараат прибежиште од урбаната средина во селата. Ако пред дваесетина-триесетина години многу од жителите на селата од Скопска Црна Гора се населиле во населбите во општината Бутел, сега дефинитивно тие што имаат таму куќи и имаат можност се враќаат да живеат на село. Има доста што градат викенд-куќи и куќи во селото Радишани, Љуботенски Пат – вели Ирена Илиева, одговорна за односи со јавноста во Општина Бутел.

Слична е и состојбата во општината Ѓорче Петров, а како што велат оттаму во последно време селото Кучково станува сѐ поатрактивен локалитет, особено за викенди, кога се забележува зголемено присуство на граѓани, од кои најголем дел уживаат во природата на отворено.
– Голем дел од општината Ѓорче Петров се простира во таканаречен рурален дел, кој изобилува со природа. По населеното место Даме Груев до Кучково населението живее во куќи. Но голем дел и од оние што живеат во згради во урбаниот дел на Ѓорче Петров за време на пандемијата ги користат викендичките што ги имаат главно во селото Кучково. Верувам дека зголеменото транзитирање од урбаниот кон руралниот дел на општината во изминатиот период се должи на тоа што граѓаните на ваков начин се штитат од пандемијата, користејќи ги можностите да бидат настрана од метежи, да избегнат движење по влезови и лифтови, заради зачувување на сопственото здравје и здравјето на семејството – вели Лепа Ѓоргиевска Јакимовска, одговорна за односи со јавност во Општина Ѓорче Петров.

Слична ситуација има и во други македонски општини, граѓани што живеат во градските средини да мигрираат по селата, а оние што сѐ уште се работно ангажирани само чекаат да се пензионираат и да заминат од градот да живеат на село.
– Го прележавме коронавирусот двајцата, но откако почна пандемијава постојано од Битола, иако живееме во куќа, бегаме на село. Ја обновуваме старата куќа во селото Градешница, кое се наоѓа близу државната граница со Грција, во општината Новаци. Селото е на надморска височина од 800 метри и во него тече чистата и бистра Градешка Река, која извира од Козјак, а водата од неа може дирекно да се пие. Чистата природа и чистиот воздух се лек за душата и бегство од урбаната средина, во која сега пандемијата е голема опасност, а во семејството имавме случај близок да се зарази вторпат – велат сопружниците Благоја и Славица Ќиќерковски. Тие имаат намера штом Благоја се пензионира тука во Градешница да ги прочистат белите дробови од сите последици што им ги оставил ковид-19 и од долгогодишното загадување од РЕК „Битола“, каде што тој е вработен целиот свој работен век.