И досега се чувствуваа последиците од падот на наталитетот, но во комбинација со коронавирусот оваа појава станува уште поприсутна и позагрижувачка

Наталитетот и коронавирусот

Престижниот американски неделник „Блумберг бизнисвик“ во својата неодамнешна статија, од своите опсежни новинарски опсервации и анализи, излезе со една многу смела констатација дека под влијание на коронавирусот луѓето станале неплоден, загрозен вид!
Во статијата е направена сликовита паралела со пандите, а тоа е дека и тие повеќе не се размножуваат во заробеништво во домашен притвор, како што на повеќето луѓе почна да им личи карантинот.

Од опсежната новинарска анкета се извлекува заклучок дека изолацијата и карантинот влијаат дестимулативно, исто како и во заробеништво, и дека тоа е причината зошто во спалните соби низ Америка брачните двојки донесуваат одлуки „што можат да влијаат врз здравјето на економијата, исто толку одлучувачки како и одлуките донесени од политичката елита во Вашингтон“!

Вербата за подобар живот е силно поврзана со плодноста на населението
Зад овие многу сериозни зборови се крие многу обичен човечки дефицит на денешната генерација (Американци, Европејци…) – недостиг од активен брачен живот. Имено, во согласност со народната мудрост дека мажите и жените што се соочуваат со карантин и се затворени во четири sида нема да направат ништо друго, освен активно да уживаат во бракот и сексот, се очекуваше дека епидемијата на коронавирусот ќе донесе и нешто добро, „беби бум“ сличен на оној што Америка го имаше по Втората светска војна.
Но се случи токму спротивното, бидејќи кога 18 милиони Американци останаа без работа, не е изненадувачки што многу парови не се расположени за продолжување на своето потомство. Таквото однесување покажува дека оптимизмот и вербата за подобар живот се силно поврзани со плодноста на населението. Одложувањето на основање или проширување на семејството поради сегашната криза, според американските демографи, на крајот сепак станува конечна одлука, која потоа се претвора во трајна демографска загуба што понекогаш има карактер на лична трагедија.

Имено, за некои парови и семејства одложувањето на раѓањето на посакуваното дете може да биде тивка, но трајна трагедија. Особено затоа што просечната Американка, ако тоа ѝ дозволуваат околностите, посакува да има две до три деца. Ако потрае пандемијата на короната, многу жени нема да можат да си ја остварат својата желба. На долг рок, тоа би значело свет без деца што, според експертите, и нема многу смисла.

Предлози за нови финансиски стимулации за создавање поголемо семејство
Економистот Чарлс Џонс од престижниот универзитет „Стенфорд“, неодамна предложи имплементација на „политика на раѓање“ што ќе се обиде да им понуди на паровите финансиски стимулации за создавање што е можно поголемо семејство. Зад оваа идеја стојат едноставни економски причини, кои Џонс ги објасни со тврдењето дека ниските стапки на наталитетот создаваат маѓепсан економски круг во кој помалку деца значат помалку економска активност во иднина, што, пак, значи пад на животниот стандард и на крајот биолошко исчезнување на нациите, државите или човештвото.
Наспроти тоа, сликата на светот без деца за многу Американци, како резултат од кризата, не е толку одбивна, така што короната донесе многу поголема продажба на средства за контрацепција и за прекин на бременоста.
Имено, по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, многу Американци почнаа да прават домашни резерви на контрацептивни средства, а многу жени се одлучија за потрајни решенија, така што производителите на т.н. вагинални прстени забележаа нагло зголемување на продажбата. Според научните истражувања, САД демографски стоеја горе-долу добро на почетокот на 21 век.

Со наталитет од 2,1 деца по жена, државата беше во многу подобра форма од Европа, што се стрмоглавува кон демографска катастрофа со 1,59 дете по жена.
Но како што стојат работите сега, и Америка се соочува со европската демографска катастрофа со оглед дека стапката на наталитет се спушти на 1,7 дете по жена.
Во врска со ова, се поставува прашањето колку е сигурен здравствениот систем, односно колку може да им обезбеди на детето и на мајката. Дали има доволен број на градинки каде што родителите можат да ги сместат своите деца кога се тие на работа? Дали нивната плата ќе биде доволна за нормален живот? Дали нивната работа ќе биде безбедна? Затоа, не треба да изненадува фактот што истражувањата покажале дека во моментов, третина од американските жени чекаат подобри времиња да почнат со планирање на семејство, а само една шестина во моментов сакаат деца, без оглед на тековната криза.
Според истражувањето на престижната институција „Брукингс“, во САД во 2021 година ќе се родат меѓу 20.000 и 500.000 помалку бебиња отколку во 2019 година. Смртните случаи од коронавирусот треба да се додадат на овој пад. На долг рок, тоа би значело помалку Американци што би живееле во 22 век, со што се поставува прашањето за иднината на Соединетите Американски Држави. Геополитичарот и стратег Џорџ Фридман, познат по своите врски со американското разузнавање и воениот естаблишмент, предвидува дека во втората половина на овој век, САД ќе бидат демографски, културолошки и политички трансформирани од имигранти од Јужна Америка.

Како стојат работите во Македонија?
Во Македонија не е правено истражување дали за време на карантинот во месеците март, април, мај годинава, брачните парови затворени дома работеле на зголемување на семејствата, односно дали планирале деца и не може да се извлече заклучок дали карантинот влијаел негативно или позитивно на нивната емоционална состојба.
Но тоа може да го покаже статистиката за природниот прираст на населението, но дури во првото тромесечје на следната година, зашто за раѓање на едно дете се потребни девет месеци.
Последната статистика за Македонија е токму за периодот за време на карантинот во земјава, односно за второто тримесечје годинава, која покажува висок пад на наталитетот во ова тримесечје во споредба со минатата година за 6,5 отсто. Во ова тримесечје се родиле 4.596 живородени деца. Лани во истиот период се родиле 4.693 деца. Разликата се 97 помалку родени деца во едно тримесечје.
Бројот на умрени лица во второто тримесечје од 2020 година бележи зголемување од 3,0 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 5.064 лица, а од нив умрени доенчиња се 51.
Природниот прираст изнесува минус 468, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Минатата година белата чума стигна и во Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаа минимален раст на населението.

Инаку, последните 25 години во земјава, бројот на новородени деца паднал за 11.576, или тоа значи дека во 2019-та се родиле 11.576 деца помалку, отколку што биле родени во 1994 година. Во 2019 година се родиле 19.845 деца, а во 1994 година се родиле 31.421 дете.
Од друга страна, за 25 години бројот на починати се зголемил за 4.797 лица, односно во годината кога Македонија влезе во негативниот природен прираст починале 4.797 лица повеќе отколку што починале во 1994 година. Во 2019 година починале 20.446 лица, а во 1994 година 15.649 лица.
Статистиката покажува дека со ваков тренд, во следните 25 години Македонија ќе има драстично помалку население.
Од 1994 до 2019 година, кога и официјално се случи негативен природен прираст, секоја година опаѓа бројот на новородени, а расте бројот на починати лица. Разликата е 171.387 луѓе повеќе родени за овие 25 години.
Ако продолжи тој тренд, за 25 години во Македонија ќе има околу 200.000 помалку население.
Демографот Дончо Герасимовски вели дека со намалување на бројот на живородени деца, автоматски се зголемува бројот на умрени лица и природниот прираст на државата оди во негатива.
Според него, клучен фактор за оваа состојба, покрај намалувањето на наталитетот, е и иселувањето од земјата, што директно влијае на стареењето на населението.

– Се иселува работоспособно население. Тоа значи дека во иднина сѐ повеќе ќе навлегуваме во длабока старост на населението. Според некои процени, за 50 години од сега, се очекува драстично намалување на бројот на македонското население – посочува Герасимовски.
Социолозите, пак, сметаат дека треба да се преземат мерки за стимулација на наталитетот, преку разни бенефиции за жената, за да има таа можности и услови за репродукција, наспроти мерките за стимулирање трето и четврто дете, кои не дале плод.