Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите истражувања досега од изборни циклуси низ годините, па и со децении, покажуваат дека двете најголеми македонски партии освојувале најголем дел од гласовите, дури и до 70 проценти, но речиси секогаш државата потоа била сѐ поподелена, нејзините стратегиски интереси загрозени, а граѓаните разочарани. Како да се излезе од овој магичен круг на меѓусебни политички поделби на сметка на континуираното пропаѓање на државата и вербата на граѓаните во подобра иднина

ПАРТИИТЕ ПРЕД ПРЕДИЗВИК – ОБЕДИНУВАЊЕ ЗАД ЗАЕДНИЧКИ ЦЕЛИ ИЛИ ТРАЈНО разединети

Понудата на премиерот Зоран Заев до опозициската ВМРО-ДПМНЕ за формирање заедничка влада за национален спас изминатиот викенд одново ги поттикна размислувањата во јавноста дали конечно двете партии можеби нашле заеднички јазик за фундаменталните, стратегиски цели во интерес на државата и граѓаните, или, со други зборови, заеднички именител на обединување, опстојување и прогрес на државата, наместо постојаните политички поделби и расцепкувања.
Во момент кога македонските граѓани секојдневно се соочуваат со бескрајни меѓупартиски расправања на релацијата власт – опозиција, понудата за заедничко коалицирање дојде како гром од ведро небо, оставајќи ги затечени сите, па и самата опозиција, која првично прифати, за еден ден подоцна целосно да ја отфрли ваквата идеја. На ваквата понуда се спротивставија и коалициските партнери на СДСМ во власта, ДУИ и ЛДП, кои не сакаат широка влада, бидејќи им се кратат ингеренциите.
Сето ова партиско расправање повторно ги изнесе на виделина тесноградите интереси на партиските врхушки, и од власта и од опозицијата, кои наместо да ја погледнат пошироката слика за стратегиските цели и бенефицијата за државата, сè гледаат низ призмата за тоа колку добива, а колку губи нивната партија.

Од друга страна, сите истражувања досега од изборните циклуси низ годините, па и со децении, покажуваат дека двете најголеми македонски партии освојувале најголем дел од гласовите, дури и до 70 проценти, но речиси секогаш државата била сѐ поподелена, нејзините интереси загрозени, а граѓаните разочарани. Како да се излезе од овој магичен круг на меѓусебни политички поделби на сметка на континуирано пропаѓање на државата и вербата во подобра иднина.
Во време кога земјата се наоѓа под постојана закана од соседна Бугарија, која бара целосно обезличување на македонскиот народ, кога здравствената криза ја фрли на колена економијата, а луѓето од ден на ден стравуваат за своето здравје, но и за своите работни места, да се тера партиска политика на сметка на државните интереси е неодговорен и себичен однос на политичарите кон државата и граѓаните, тврдат аналитичарите.
Сигналите на разочараност кај гласачкото тело од ваквиот однос на политичарите кон државата стигнуваат последните неколку изборни циклуси, кога почна да расте бројот на граѓани што не излегуваат на избори, незадоволни токму од раздорот меѓу најголемите македонски партии, кои расправајќи се меѓу себе, дозволија да се разнебитува државата. Така, низ годините, дозволиме други да ни ги кројат судбината и иднината, да го изгубиме името, да ни се наметне двојазичноста и редица други пропусти и слабости, кои се резултат токму на немањето заедничка стратегија за тоа кои се стратегиските фундаменти на државата што ќе им обезбедат развој и благосостојба на сите граѓани.
Без оглед на заднината на предлогот на Заев, сепак треба добро да се промисли дали не треба да им се стави точка на поделбите и двете најголеми македонски партии да се обединат околу еден заеднички именител – заштитата на националните интереси.
А токму поделбите изминатите 30 години доведоа до тоа, без оглед што во Собранието секогаш седеле повеќе од 80 пратеници Македонци (понекогаш и до 100 пратеници), клучните одлуки за националните интереси да зависат од помал број пратеници од албанските партии, кои буквално диригираа со иднината на земјата, ставајќи ги нивните желби и барања над државните.

Се случија неразјаснет воен конфликт, нефункционална територијална поделба, рамковни вработувања без никакви критериуми, неможност да се спроведе обична статистичка операција за пребројување, компликации со двојазичноста и уште мал милион работи што ќе испливаат на површина наскоро, само затоа што македонските политички партии не гледаат подалеку од партискиот двор и нивниот интерес.
Поради тие причини се поставува прашањето зошто да нема коалиција во која би влегле сите партии што ќе освојат доволен број гласови на изборите и кои би се обединиле околу еден заеднички именител – Македонија, а министерските места потоа да се распоредат според остварените резултати на изборите.
Ваквата коалиција во никој случај нема да биде на штета на партиите на Албанците, кои се залагаат за подобар живот, бенефиција, работни места, повисоки плати за сите граѓани во земјава. За таквите прогресивни и конструктивни опции секогаш ќе има место во власта.
Идеологиите на партиите не би се загрозиле, но националните интереси на државата би се издигнале над партиските и би станале еден вид „устав“ што беспоговорно ќе се почитува од секоја нова влада во иднина.
Една Германија покажа дека кога станува збор за државните интереси, во иста влада може да седат и демохристијаните на Меркел заедно со социјалдемократите, што е доказ колку партиските интереси се второстепени кога станува збор за напредокот на државата.
И Бугарија и Грција токму врз примерот на Македонија на најдобар начин покажаа како се обединети за нивните национални интереси. Таму, без оглед кој е на власт, државната стратегија во надворешната политика останува во континуитет веќе 70 години.
Поради тие причини можеби и една обединета македонска влада ќе биде многу посилна во очите на соседите, но и на другите земји, кои ќе бидат свесни дека повеќе нема да можат да настапуваат од позиција на уцена.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека во изминатите 30 години токму поради неединството меѓу партиите државата не изградила стратегија и став по клучните прашања.

– Македонија нема стратегија, нема изградено став. Во Собранието треба да има став за одредени државни работи, конкретно сега за проблемот со Бугарија и затоа постојано ни се најавуваат и еден добронамерен и друг добронамерен преговарач. Проблемите не може да се решаваат со посредништво, туку потребно е градење државен став што ќе го почитуваат сите – вели Јањатов.
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека државните интереси трпат поради раздорот во македонското политичко ткиво.
– Ниско историско развојно ниво на општеството не овозможува развој на успешни договарања, препознавање и почитување трајно и долгорочно на државниот и националниот интерес. Затоа е тешко да се помират тие структури во иста влада, во исто функционирање и слично. Апсолутно, државата трпи кога партиите се караат. Нема подобрен меѓународен статус ако внатрешнополитичката ситуација не е стабилна и не напредува – вели Андревски.
Тој смета дека во Македонија е невозможно да се договори влада на широка коалиција токму поради поимањето на власта од страна на партиите.
– Кај нас почесто се сфаќа освојувањето на власта како добивање право на плен што се распределува во рамките на политичката структура што е на власт – истакнува Андревски.
Тој потсетува дека обидите за широки коалициски влади во минатото не дале резултати.

– Ако се направи ваква широка влада, според моето гледање, таа ќе биде помалку функционална отколку кога би била владејачка структура што ќе има свои коалициски партнери и која ќе може да се соочува со предизвиците. Чекорот е многу бавен. Ние економската структура на општеството не ја придвижуваме. Не ги решаваме долгорочните проблеми од типот на квалитетно живеење, стандард и демократскиот простор што треба да се отвора и постојано да се издигнува. Значи тие два големи правца на развој, економски во најширока смисла и демократски, ние не ги постигнуваме, а постојано имаме други теми на кои го трошиме времето – појаснува Андревски.