Во програмата на СДСМ, еден од најчестите зборови е терминот „развој“, испишан 398 пати, додека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ најфреквентен е терминот „проект“, кој е споменат 775 пати. Кои други зборови и изрази доминираат во програмите?

Чија мантра ќе биде повпечатлива

Кои зборови, изрази или изреки најмногу ги користат во своите програми двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во предизборието? Одговор на ова прашање, во периодот кога актуелната кампања се наоѓа во финишот и последната седмица на своето одржување, може да се добие со употребата на една интересна алатка на интернет.

Имено, програмата „Ворд клауд“ е еден од многуте лесно достапни софтвери со кои може да се направи „пребројување на клучни зборови“ во испишани документи. Овој наш новинарски „експеримент“ нема амбиција за подлабока статистичка анализа, но дава интересни показатели за изворната нишка што се пронижува во арматурата на партиските мислења и ставови во нивните политички програми и платформи.

Во програмата на СДСМ

Во програмата на владејачката партија СДСМ, насловена „Можеме“, се испишани вкупно 268 страници. Еден од најчестите зборови е терминот „развој“, кој е напишан 398 пати.
Понатаму, оваа партија во својата програма, пишувајќи за евроатлантските аспирации на земјата, го испишала акронимот НАТО точно 76 пати.
Во истиот контекст, кратенката ЕУ, која, се разбира, се однесува на Европската Унија и аспирациите за приклучувањето, е спомената точно 116 пати. Поврзано со претходно споменатото, именката „Европа“ или придавката „европски“, заедно пресметани како збир се испишани 91 пат.
СДСМ зборот „Македонија“ во својата кампања го споменала 158 пати, а додавката пред името Македонија, односно географската одредница „Северна“ е спомената точно 77 пати.
Во партискиот документ на социјалдемократите зборот „инвестиција“ е испишан 138 пати. Зборот „граѓани“ – 219, а зборот „развој“ – 171 пат.
И името на болеста предизвикана од коронавирусот, зборот ковид-19 е присутен во изборната програма, и тоа 15 пати.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која е насловена „Обнова“, на 340 страници се образложени планираните активности на партијата.
Имено, во овој партиски документ најчесто се појавува терминот „проект“, кој е споменат 775 пати. Зад него по бројност, во партиската изборна програма, се наѓа терминот „рок“ испишан во програмата 633 пати.
Понатаму, на листата на фреквентни (клучни пребарувани) зборови се: „буџет“ – 441 пат споменат, „корупција“ 159 пати, „Македонија“ 313 пати, „мерка“ 168 пати, „развој“ 130.
Натаму следува акронимот ЕУ, испишан 74, заедно терминологијата Европа, европска, европски со дополнителни 119 пати споменување во програмата.
Во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ, зборовите „право“ и „правосудство“ се споменуваат 70 пати, „инвестиции“ 65 пати, „економија“ 61 пат, „вработување“ 44 пати, „изградба“ 40 пати, акронимот НАТО 17 пати, „даноци“ 14 пати.
За издвојување е фактот што одредницата „Северна“ за уставното име на државата не е напишана ниту еднаш.

Дали честотата на употребуваните изрази влијае на електоратот?

Во еден мал сублимат може да се констатира дека низ пребарувањето на „најчесто употребувани изрази“, од вкупно 608 странци од двете изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се покажува дека безмалку еднакво и двете партиски програми изобилуваат со термини поврзани со изградбата на инфраструктурата, патиштата, железниците, инвестиции во здравството и образованието.
Политикологот Милан Стефаноски, коментирајќи ги состојбите со пребаруваните зборови, смета дека она што сакаат да го постигнат партиите во својот мандат, навистина наједноставно и најлесно може да се препознае по честотата односно фреквентноста на одредени клучни зборови, изрази или изреки.

Тој како индивидуа и восприемач на најчесто употребуваните изреки и изрази во партиските програми добива впечаток дека низ изборната програма и кампања на партијата СДСМ се пронижува нишката дека доколку СДСМ ја задржи власта, „ќе продолжи со унапредување на евроатлантските патишта на земјата и ќе се труди да го зголеми развојот на стопанството“.
Од друга страна, опсервирано според истиот критериум, имено според бројот на најчесто употребувани изрази и нивното значење, изборната програма и кампања на партијата ВМРО-ДПМНЕ се темелат на „реформи, инвестиции и борба со корупцијата“.

[email protected]