Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Охридско Езеро е на котата 693,09 метри надморска височина, што е еден сантиметар под природниот минимум. Уште подраматична е состојбата со Преспанско Езеро, чиј водостој е речиси половина метар под дозволениот минимум

Алармантен пад на нивоата на водите во Македонија

Драматично се паднати нивоата на сите езера во Македонија, а особено забележлив пад има на Преспанско и Охридско Езеро, како и на повеќето вештачки езера во земјава.
Поради ниското ниво на Охридско Езеро и акумулациите што се поврзани со ова сливно подрачје, на почетокот на месецот Владата донесе одлука да се прекине со производство на електрична енергија од хидроцентралите, за да се зачува природниот минимум на езерата.
Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Охридско Езеро е на котата 693,09 метри надморска височина, што е еден сантиметар под природниот минимум.
Уште подраматична е состојбата со Преспанско Езеро, чиј водостој е речиси половина метар под дозволениот минимум.
Празнењето на Преспанско Езеро во голема мера беше поврзано со лошата хидролошка состојба во земјава изминатите годините, зимите без снег, долгите сушни периоди, но и производството на струја преку хидропотенцијалите по должината на реката Црн Дрим, која истекува од Охридско Езеро, а кое под карстот на Галичица е поврзано со Преспанско Езеро по принципот на врзани садови.

„Нова Македонија“ пред почетокот на пандемијата, во февруари, во неколку наврати, пишувајќи за оваа појава, тревожеше за празнењето на Преспанско Езеро, истовремено алармирајќи дека ваква судбина ќе ги очекува и другите езера во земјава ако не се преземе нешто.
– Последните години сведоци сме на чести осцилации на Охридско Езеро, како и на другите водни ресурси кај нас, но и пошироко. Таквиот неповолен хидролошки тренд е комбинација на фактори што се должат пред сè на климатските промени и човечката негрижа. Оттаму, приоритет несомнено треба да биде грижата за водните ресурси и пред сè нивно паметно искористување – вели Зоран Спиркоски, научен работник и експерт од областа на рибниот фонд и живиот свет во езерото и аквакултура.
Драматичното намалување на нивото на езерата влијае и врз загрозувањето на растителниот и животинскиот свет, нарушувајќи ги целокупниот екосистем и природните живеалишта на многу видови. Цветањето на зелените алги во Охридско Езеро во ноември дополнително го вклучи алармот дека нивото на водата во езерата е загрижувачко.

– Климатските промени што се случуваат можеме да ги забележиме од ден на ден. Погледнете ги Преспанско и Охридско Езеро, секој ден нивоата стануваат сè пониски. Државата мора да подготви сериозна стратегија и да преземе итна акција ако сака да ги спаси езерата. Треба да престане да го третира Охридско Езеро како акумулација, односно да го контролира испустот на вода за да работат хидроцентралите. Како што празнат вода од Охридско, го празнат и Преспанско, а ако продолжат годините без снег и врнежи, тогаш ќе останеме без езерата во некоја скора иднина – вели Цветан Талевски, еколошки активист.
Според него, државата мора да најде начин производството на струја од хидропотенцијалите да го замени со сончеви, ветерни и гасни централи.
– Во услови на климатски промени, производството на струја од хидроцентралите повеќе не може да се смета за производство од обновлив извор, оти водата не само што не се обновува туку и неповратно ја снемува. Затоа, Македонија како сончева земја треба да се насочи кон изградба на огромни сончеви централи, ветропаркови и на крајот гасни централи. Сето тоа ќе влијае врз почиста животна средина, а истовремено нема да се исцрпуваат водните ресурси – предлага Талевски.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека презеле низа активности за подобрување на состојбите на животната средина во земјава, вклучувајќи ги и состојбите со езерата, нешто што како негативна забелешка беше наведено и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.
– Работиме на подобрување на мониторингот на водите на целата територија и меѓуинституционална координација, а веќе е формирана експертската група и во тек е формирање на прекуграничниот комитет за заштита на Преспанско Езеро – посочуваат од Министерството.

Токму прекуграничната соработка надлежните ја наведуваат како клучна, бидејќи сите три природни езера во земјава делумно им припаѓаат и на соседите, на Албанија и на Грција, така што е потребен ангажман и од нивна страна за да се спречи празнењето на водите. И покрај најавите, засега нема некаква координирана акција на трите земји во насока на спасување на езерата.
Останува надежта дека зимава ќе има нешто подобра хидролошка состојба и повеќе снег на планините, за да може барем малку да се дополни водата во езерата и во реките, со што ќе се купи време во спроведувањето некаква акција за спас на овие природни богатства. Во спротивно, тие неповратно ќе бидат загубени, за сите.