Карикатура: „Нова Македонија“

Она што предизвика внимание и најразлични коментари во јавноста е судирот на концепти во самата владејачка партија, односно различните гледишта на пратеничката Фросина Ременски и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на реформите. Но тоа и воопшто не е толку битно. Во основа, според добрите познавачи на безбедносните системи, предлози, идеи и различни концепти може и треба да има. Во таквиот контекст, за државата, институциите и за граѓаните е најважно токму преку ваквите полемики и дебати реформите да создадат високофункционален безбедносен систем, кој ќе им ја гарантира безбедноста на земјата и на нејзините граѓани

Реформите во безбедносниот сектор и функционален безбедносен апарат со кој ќе им се гарантира сигурност на институциите и на граѓаните е клучен предуслов за стабилен демократски амбиент и одржлив општествен раст. Токму затоа, разбирливо е зошто деновиве се кршат копјата за големата реформа на безбедносниот сектор. Вчера во Собранието на дневен ред се најде и точката за гореспоменатите реформи, а она што предизвика внимание и најразлични коментари во јавноста е судирот на концепти во самата владејачка партија, односно различните гледишта на пратеничката Фросина Ременски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на реформите. Во основа, според добрите познавачи на безбедносните системи, различни концепти, предлози, идеи и концепти може и треба да има. Во таквиот контекст, за државата, институциите и за граѓаните е најважно токму преку ваквите полемики и дебати, реформите да создадат високофункционален безбедносен систем, кој ќе им ја гарантира безбедноста на земјата и на нејзините граѓани.
Пратеничката Ременски, како исклучителен познавач на безбедносната проблематика, има визија, како што вели, за суштинска реформа на безбедносните служби. Соговорници од безбедносната фела велат дека тоа што таа не се согласува со министерот Спасовски не треба да се толкува како меѓусебна пресметка, туку демократска дебата за носење квалитетен закон.

Да потсетиме, од предложените 91 амандман, комисијата во Собранието прифати 54 амандмани. Несогласувања постоеја околу одредбата пратениците да учествуваат во селекција на лица од УБК, кои ќе бидат вработени во агенцијата, како и за посебната истражна мерка поврзана со лицата со прикриен идентитет да одлучува судот наместо директорот на новата агенција за национална безбедност. Прифатени беа амандмани со кои мандатот на директорот и на заменикот на агенцијата е прецизирано да биде четири години со право на реизбор, додека работниот стаж потребен за овие функции од 15 е намален на 12 години. Утврдено е дека треба да се направи безбедносна проверка на кандидатот за директор преку националните бази за безбедност за да се утврди дали има криминалистичко досие. Пратениците расправаа и за мерката набљудување, која може да ја применува агенцијата, при што беше нагласено дека тоа значи тајно прибирање оперативни податоци без тонско снимање.

Во сублимиран заклучок на оваа тема, експертите со кои се консултиравме истакнуваат дека во последно време е позитивно дека во јавноста се појавуваа многу судири на мислења и концепти поврзани со спроведувањето на реформите во безбедносниот сектор.

Според нив, токму овој судир на различни размислувања создаде клима за надминување на спорните точки во реформата од безбедноста. На почетокот се сметаше дека најголеми дилеми ќе се јават околу големите овластувања на премиерот, поточно околу фактот дека тој ќе го предлага директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и ќе раководи со координацијата на националната разузнавачка заедница, во која ќе се разменуваат информации од сите три тајни служби – новата агенција, агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, меѓутоа со текот на времето овие спорни точки се надминаа токму помеѓу лутите политички противници и се отстранија теснопартиските очила, во интерес на институциите, граѓаните, децентрализацијата и деконцентрацијата на извршната власт.

Универзитетскиот професор Златко Димовски, од Факултетот за безбедност, подобро спроведување на овие реформи.

– Мене лично ми е драго и ме радува фактот што во јавноста има луѓе што во моментов надвор од стегите на политиката и партиите имаат доблест да се обидат да понудат повеќе различни идеи и концепти со кои се промовираат различните ставови за подобро спроведување на реформите. Тоа е така бидејќи верувам дека оваа тема очигледно ги погодува сите во државата и затоа за многумина е исклучително битно како ќе се изврши нејзиното спроведување бидејќи потоа сите ние граѓаните ќе треба да живееме или да го трпиме, условно кажано, новиот безбедносен систем – вели професорот.

Но тој подвлекува дека него го охрабрува фактот на прекин на практиката политичките партии да имаа пресудно значење во оваа сфера, бидејќи тие само се пазарат заради политички интерес, а не ги гледаат пошироката слика и интересот на граѓаните, институциите и државата.

– Сметам дека оваа состојба треба да се пофали, а со тоа и да се направи напор да се прекине со практиката на инклузивност на партиите во овој процес во која пратениците се пазарат за одредени прашања без консултирање со пошироката заедница и да се прекине со практиката на преземање готови закони од други држави, туку да се почне процесот со изготвување домашни закони или приспособување на одредени закони за македонски потреби – резимира професорот.
Магдалена Лембовска, аналитичарката во „ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии“, вели дека е исклучителен напредок што партиските антагонизми полека се олабавуваат за сметка на поширок и повисок национален интерес.
– Добро е што двете страни успеаја да постигнат консензус, бидејќи она што секако сакаме да го избегнеме е уште еден закочен реформски процес. Сепак, останува впечатокот дека дебатите се водат помеѓу политичките партии наместо помеѓу професионалците, што повеќе асоцира на судир и приближување на политички интереси, а не на судир на концепти. Останува да видиме која ќе биде цената на овој консензус и дали на сметка на консензусот ќе трпи квалитетот на самата реформа – вели Лембовска.

Според неа, во актуелните случувања од друга страна, првпат имаме владејачка политичка партија што не зборува во еден глас, а сето тоа е исклучително позитивно за развивање на демократскиот капацитет на партиите, кој досега во голема мера изостануваше.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, смета дека во општеството во моментов е започнат првиот исчекор до некое евентуално идно реформирање на безбедносниот сектор, кој има можеби најголема важност за државата и за нејзините граѓани.
Трајанов додава дека сепак треба да се знае дека генерално ова е само првиот чекор од еден долг процес на реформите и во иднина останува уште многу да се сработи за на крајот да може да се каже дека сме добиле еден ефикасен безбедносно-разузнавачки систем.

Според Трајанов, добри безбедносни реформи се прават со искусни луѓе, со користење светски искуства и подалеку од политичките партии.
Трајанов се надева дека со актуелните реформи нема да се изврши само менување на името на агенциите, а сѐ друго поврзано со службите да остане исто односно да ги има истите потенцијали за злоупотреби.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека реформата на еден безбедносен систем комплетно се постигнува кога сето тоа се извршува во согласност со еден широк потенцијал на искусни луѓе во областа, кои користат светски искуства.
Тој потсетува дека токму реформите во оваа област се едни од суштинските што од нас ги бара Европската Унија, но нивното спроведување е исклучително важно за функционирање на современото општество, бидејќи стабилен државен апарат може да создаде клима во која ќе се развијат и сите други области во Македонија од економијата, здравството, образованието, туризмот и други.
Тој истакнува дека за поздравување е фактот дека во процесот се опфатени и власта и опозиција, но и академската заедница и експерти бидејќи се создава темел за еден широк професионален пристап за решавање на ова прашање.

Фото: Дарко Андоновски