Сериозните неправилности утврдени од страна на ДЗР кај Уставниот суд може да бидат проблем во долгоочекуваните пристапни преговори на Македонија со Европската Унија (ЕУ), во кои едно од главните поглавја е токму владеењето на правото, а однесувањето на судовите, вклучувајќи го и Уставниот суд, кој особено треба да се грижи за почитување на уставноправниот поредок на земјата, е сосема спротивно на европските практики

Редица незаконски дејства утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во работењето на Уставниот суд, поради што јавноста со право се прашува како да очекува вистински реформи во судскиот систем кога и самите судови се извор и генерираат непочитување и кршење на законите.
Ова особено може да биде проблем во долгоочекуваните пристапни преговори на Македонија со Европската Унија (ЕУ), во кои едно од главните поглавја е токму владеењето на правото, а однесувањето на судовите, вклучувајќи го и Уставниот суд, кој особено треба да се грижи за почитување на уставноправниот поредок на земјата, е сосем спротивно на европските практики.

Примери од незаконско работење во делот на материјално-финансиското работење

Имено, ДЗР утврдил дека Уставниот суд вршел јавни набавки со склучување договор наместо со тендер, занемарувајќи го законски утврдениот праг од 12.610 евра вредност на годишно ниво, во најголем дел за набавка на мобилни телефони, за резервација на авиобилети и за реализација на разни патувања.
Од ДЗР при ревизијата забележале уште и дека Уставниот суд со измена на Деловникот (наместо со закон) си утврдил додатоци на платите на уставните судии, а 30 години не внесува рокови колку може да трае една претходна постапка по поднесена иницијатива, во кој рок треба да се стави на расправа, а нема рокови кога треба да се одлучи по една иницијатива.
Покрај тоа, судот не донел програма за работа, не воспоставил внатрешна ревизија, ниту сметководствена евиденција за набавка и издавање материјали. Од ДЗР изразуваат сомнеж и околу „вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи“.
Познавачите на состојбите во судството сметаат дека ова испраќа една лоша слика за македонскиот судски систем.
– Уставниот суд испраќа иста порака како сите судови во Македонија, дека е далеку од функционирањето на правниот систем како што треба и правната држава. Ако еден суд ги крши правилата, а Уставниот суд треба да се грижи за уставноста и законитоста на прописите во Република Македонија, пораката е страшна. Ова токму потврдува дека правниот систем е целосно разнебитен и, за жал, на коленици – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него, изјавите на нашите политичари дека судството доживува реформи токму со оваа констатација на ДЗР се доведуваат во целосна контрадикторност.
– Нема Р од реформи, нема судство како трета власт, едноставно е разнебитено и во една катастрофална состојба во која нема никој доверба, а еве и ова докажува дека ако Уставниот суд ги прекршува правилата, што останува за другите. Дополнителен проблем е што нема санкционирање на таквите работи. Прописи се кршат и во други земји, но следуваат санкции, нема недопирливи и нема луѓе над законот. За жал, тоа кај нас не функционира – констатира Давидовиќ.

Што е полошо, неефикасното работење или пропустите во материјално-финансиското работење

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, смета дека лоша слика за Уставниот суд повеќе остава неговото неефикасно работење отколку некои други неправилности во делот на материјално-финансиското работење.
– Повеќе би рекол дека има недисциплина, а таа ја гледам во неостварувањето на местото и улогата на овој орган околу тоа дали навреме ги работи предметите што ги има, а очигледно тука има доста согледби дека не секогаш реагира навреме имајќи предвид дека одделни предмети се чуваат по две-три години во фиока, така што од тој аспект многу повеќе загрижува и може да се цени работата на судот отколку дека Уставниот суд не се држи до правилата за материјално-финансиско работење – вели Ивановски.

Според него, доколку ДЗР констатирало неправилности, тој извештај треба да биде поднесен до надлежните служби и никој не треба да бега од одговорност.
Сличен став има и универзитетскиот професор Борче Давитковски, кој смета дека ако ДЗР утврдил неправилности, извештајот треба да го прати до Управата за јавни приходи (УЈП), до Обвинителство и до Државната комисија за спречување на корупцијата, но проблемот го лоцира во непостапувањето кога станува збор за државни органи.
– Овие органи, под услов да го разгледаат извештајот, треба да поведат или да не поведат иницијатива. По правило кога се работи за забелешки за работењето на државни органи, тие само информираат дека се известени и понатаму ништо не се случува. Да беше некој градоначалник од опозиција, веднаш, како што вели народот, ќе беше качен на криво магаре. Тоа е нашата стварност – вели Давитковски.
Тој истакнува дека надлежните служби треба да утврдат дали имало неправилности и ако има индиции за незаконско работење, треба да се поведе соодветна постапка.