Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражување во Холандија и во Кина откри нова негативна страна на корона-кризата

Новото „нормално“ значително го промени животот на луѓето на сите континенти. Стравотните бројки на заразени и починати од последиците на коронавирусот ги натераа луѓето да се повлечат и затворат во своите домови, менувајќи ги комплетно своите навики, притоа стравувајќи за својот, но и за животите на своите најблиски. Во таква ситуација човечкиот организам е подложен на нови предизвици, со кои сѐ потешко се справува, особено што заклучувањето на кое се изложени луѓето трае веќе речиси една година.
Психолозите и физиотерапевтите уште од самиот почеток укажуваа на можните последици од ова затворање во сопствените домови и начините како да се ублажат тие. Последниве денови стручната јавност дискутира уште за еден нов феномен, кој бара сериозен пристап ако сакаме да ги избегнеме посериозните последици по нашето здравје.
Имено, поради карантинот, онлајн часовите и ограничените контакти, за време на коронавирусот сите гледаме во екрани, таблети и во мобилни телефони, дури и почесто од вообичаено. Повеќето луѓе го минуваат времето дома, а надвор излегуваат многу малку. Поради постојаното фокусирање на објекти во нашата близина, на очите им недостига неопходниот поглед кон далечината, укажуваат научниците.

Што е „карантинска кратковидост“

Најновите истражувања во Холандија и во Кина покажуваат дека поради мерките против коронавирусот, кратковидоста е зголемена пред сè кај децата, феномен што е наречен „карантинска кратковидост“, објави деновиве „Дојче веле“.
Испитувањата на повеќе од 120.000 деца на возраст од шест до 13 години минатата година во Кина покажаа драстично зголемување на дијагностицирани случаи на кратковидост. Кај децата на возраст од шест до осум години дури е трипати повеќе отколку предминатата година. Кинеската студија наведува дека во таа возрасна група видот се влошил просечно за -0,3 диоптрија.
Ова драстично влошување на видот кај децата предизвикува посебна загриженост, затоа што на рана возраст се одлучува дали некој ќе биде кратковид и ќе има потреба од очила. Кратковидоста најчесто се јавува во училишна возраст и се влошува во текот на целиот живот. Колку побрзо се појави, толку ќе биде поизразена.
Ако очното јаболко на возраст од шест до десет години брзо расте, тоа значи губење на видната острина во далечина. И тешката кратковидост, исто така, го зголемува ризикот од одвојување на мрежницата, катаракт преку покачен интраокуларен притисок или, подоцна, слепило.

Според институтот „Бриен холден визион“, до средината на овој век околу пет милијарди луѓе ќе бидат кратковиди. Во индустријализираните земји кратковидоста значително е зголемена. Ова се поврзува со променетиот животен стил: сѐ помалку време поминуваме надвор, а сѐ повеќе и повеќе пред компјутер или мобилен телефон. Постои дури и директна врска со образованието. Колку е повисоко нивото на образование, толку е поголем ризикот од кратковидост.
Во Азија има натпросечно многу кратковиди деца. На пример, по Втората светска војна имало од 20 до 30 проценти кратковиди 20-годишници во Хонгконг, Тајван и Јужна Кореја, а денес има повеќе од 80 проценти. Но и во Европа околу половина од младите се кратковиди.

Зошто долготрајниот карантин им е непријател на очите

Ризикот од кратковидост би се намалил ако не се гледа премногу долго во некој објект во непосредна близина, без оглед дали станува збор за мобилен телефон или книга. Одлучувачки фактор се растојанието и редовното вртење на погледот, како и гледањето во далечината.
Ризикот првенствено се намалува со редовно останување надвор, бидејќи дневната светлина го забавува понатамошниот раст на очното јаболко. Интензитетот на светлината во просторијата во просек е од 300 до 500 лукса, а во природата на сонце и до 100.000. И истражувањата во Скандинавија покажуваат дека кратковидоста се влошува во сезони со помала дневна светлина.
Прекумерната употреба на електронски медиуми, според научниците, не предизвикува само миопија – последиците може да бидат и заматен вид или кривогледост. Покрај тоа, користењето мобилен телефон навечер исто така може да предизвика несоница.
– Големиот процент сина светлина на екраните спречува лачење на хормонот мелатонин, што го прави лицето дремливо – вели професорката Никол Етер, директорка на очната клиника во Универзитетската болница во Минстер.
Таа советува да се избегнува користење на овие уреди најмалку два часа пред спиење.

На очите им се потребни одмор и светлина

Родителите треба да ја ограничат употребата на дигиталните медиуми, особено на малите деца.
– Од медицинска гледна точка, компјутер, мобилен телефон или таблет се целосно несоодветни за деца до тригодишна возраст – истакнува проф. д-р Бетина Вабелс од Универзитетската очна клиника во Бон.
Таа препорачува ограничување и употреба на овие медиуми за деца на возраст од четири до шест години до максимум 30 минути на ден.
– Од медицинска гледна точка, кај децата од прво до четврто одделение во основно училиште, користењето на медиумите на ден треба да биде најмногу еден час, а до два часа на ден од десетгодишна возраст натаму – вели професорката.
Овие совети не се однесуваат само на децата и младите туку и на возрасните. И на нивните очи им треба редовна пауза. Затоа, колку е можно почесто погледнете подалеку од екранот и погледнете во далечината, а секако поминувајте време надвор од домот.