Фото: Маја Јаневска-Илиева

Засега домашните здравствени власти велат дека карантинот не е опција, но немаат јасен одговор кој е планот Б, како да се одговори најсоодветно за да не се случи сериозен удар врз здравствениот систем од евентуално преголем број заболени на кои ќе им биде потребно болничко лекување

Има ли Македонија јасна стратегија како ќе се справува со коронавирусот во овој есенско-зимски период, дали карантините треба да бидат опција, ќе се зајакнува ли принципот на масовни тестирања или, пак, состојбите ќе се одвиваат по инерција, со постепени зголемувања на рестриктивните мерки? Тоа се прашањата што ѝ се наметнуваат на јавноста откако есента само што почна, а бројот на новозаразени рапидно расте.
Светски здравствени експерти веќе јасно се декларираа дека одговор на овој втор бран на ковид-19 не може да биде политика на карантини, туку мора да се оди на нов модел, кој ќе значи заштита на ранливите категории. Но каков е тој нов пристап, какви ефекти може да даде тој и дали и Македонија ќе се приклучи кон него, се прашања на кои јавноста, исто така, чека одговори.
Засега домашните здравствени власти велат дека карантините не се опција, но немаат јасен одговор кој е планот Б, како да се одговори најсоодветно за да не се случи сериозен удар врз здравствениот систем од евентуално преголем број на заболени на кои ќе им биде потребно болничко лекување.
Токму тоа беше и главната причина зошто во март, светот како одговор го спроведуваше карантинот.

Турската влада најави строги казни, односно дека планира дополнително да ги заостри мерките за оние што ги кршат карантинските правила со затворска казна од три месеци до две години.
Илјадници научници и здравствени експерти се придружија кон глобално движење, кое предупредува на сериозните проблеми околу политиките на воведување карантин поради коронавирусот. Речиси 6.000 светски експерти сметаат дека овој пристап има уништувачко влијание врз физичкото и менталното здравје, како и врз општеството. Тие повикуваат заштитата да се фокусира на најранливите, додека здравите луѓе треба да се оставаат да го живеат животот. Од друга страна, многу европски држави веќе ги враќаат рестриктивните мерки, а некои држави ја воведуваат и вонредната состојба.
Македонските епидемиолози велат дека во моментов треба да се обидеме да се придржуваме само кон најновите пропишани мерки.
Епидемиологот Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје во Скопје, вели дека уште од почетокот на корона-кризата во земјата, здравствената политика била насочена кон заштита на ранливите категории граѓани, како старите лица, хронично болните и бремените жени.

– Имавме ограничување на движењето на овие лица за нивна поголема заштита од пренос на вирусот, но таа одлука ни ја укина Уставниот суд, како нарушување на човековите права. Тие лица сѐ уште се заштитени и за дел од нив важат мерки да не одат на работа. Затоа и бесплатната вакцинација против сезонски грип е насочена токму кон овие ранливи категории граѓани – посочува епидемиологот Стојанов.
Според него, државата ги следи европските и светските текови и информациите за тоа како другите земји се борат и се справуваат со оваа криза.
– Карантинот сега не е опција. Доволно е само прописно почитување на мерките, како одржување дистанца, носење маска и да нема масовно групирање, особено на младите – посочува д-р Стојанов.
Според него, состојбата во земјата ќе биде под контрола додека болничките капацитети не се полни и болниците не се оптоварени.
И министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека со моменталната состојба сѐ уште сме далеку од воведување на карантините, но дека ситуацијата е загрижувачка.
Движењето почна во САД и декларацијата „Грејт Барингтон“ досега ја потпишале речиси 6.000 научници и медицински експерти, како и 50.000 други луѓе. Тие велат дека одржувањето на карантинот сѐ додека не се пронајде вакцина против ковид-19 може да предизвика непоправлива штета, ќе се намали стапката на вакцинирањето на децата и ќе се влоши грижата за срцево болните и за пациентите со рак.
– Додека имунитетот се гради во населението, ризикот од заразувањето на сите, вклучувајќи ги и ранливите категории, опаѓа. Тоа би бил многу посочувствителен пристап – велат тие.

Тие, исто така, посочуваат дека ризикот од коронавирусот е илјада пати поголем за старите и немоќните, додека децата се во поголема опасност од сезонскиот грип отколку од ковид-19.
Инаку, пред два дена во земјава беше достигнат рекорд на позитивни случаи од почетокот на корона-кризата. За само еден ден од направени 1.990 теста беа регистрирани 317 нови случаи на ковид-19, од кои 182 беа само во Скопје.