Северна Македонија има шанса да добие датум за преговори во јануари или февруари, ако го потпишат анексот од 12 точки што го доставивме, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов во телевизиско интервју.

Според него, Македонија имала шанса да одреди датум за преговори во ноември минатата година, но не сакала да го искористи тоа.

Каракачанов додаде и дека Бугарија не ставила вето, туку едноставно посочила оти нашата земја не е подготвена за датум за преговори.

– Во македонската свест постои негативна слика за Бугарија, со навредливи квалификации. Северна Македонија има шанса да добие датум за преговори во јануари или февруари, ако го потпишат анексот од 12 точки што го доставивме – изјави бугарскиот министер.

Според него, Бугарија е за проширување на ЕУ на Западен Балкан, но процесот го поречува говорот на омораза кон сè што е бугарско.

Тој додава дека ваквата омраза се заснова на, како што вели, грубо и грозоморно фалсификување на историјата.

Македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров пред неколку дена изјави дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања, алудирајќи на парламентарните избори што во Бугарија треба да се одржат во март.

– Штом завршат изборите да бидеме подготвени да влеземе во тој процес, да ги убедиме, дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ – го врати проширувањето на листата на приоритети на Унијата, не соодвествува со ова што сега ни го прави – посочи Димитров.


Мицкоски: Имам сознанија дека анексот е со многу лоши позиции за македонскиот идентитет

Министер од бугарската Влада денеска потврди дека постои анекс од 12 точки кој е даден до македонската Влада, а според информациите со кои располагам е со исклучително лоши позиции за македонскиот идентитет, објави на социјалните мрежи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој потсетува дека само пред три месеци во интервју посочил оти постои анекс на Договорот со Бугарија.

– Тогаш од Заев, неговите немоќни соработници и владината лажлива пропаганда бев нападнат дека ширам невистини – пишува Мицкоски додавајќи дека има две прашања до Владата.

„Ќе се извини ли власта што ширеше лажни вести и второто, што содржи анексот од 12 члена кој Владата го крие од очите на јавноста?“, јавно запраша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.