Да ги прашам тие никаквеци во американскиот Стејт департмент, каде видоа тие македонско малцинство? Какви репресирани Македонци има во Бугарија?!, кажа бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, реагирајќи на извештајот на Стејт департментот во кој се нотира кршење на правата на Македонците во Бугарија.

Во извештајот се наведува дека бугарските власти и натаму ја одбиваат регистрацијата на активистичките групи на етничките Македонци, како што се Организацијата „Илинден“, Здружението на прогонувани Македонци, жртвите на комунистичкиот терор и Македонскиот етнички клуб за толеранција во Бугарија, наспроти повеќе од десет претходни одлуки донесени од Европскиот суд за човекови права, во кои се истакнува дека одбивањата ги повредуваат правата на здружување на горенаведените групи.

Стејт департментот посочува и дека Советот на Европскиот комитет за превенција од тортур на 1 октомври издал привремена резолуција со „длабока загриженост“ до властите во Софија за „формалистичката примена на законските барања“, која се однесува на постојаното одбивање за регистрација на организацијата „Илинден“, како и на други слични организации од 2006 година.

Каракачанов реагираше дека во Стејт департментот не ги познаваат проблемите, додавајќи дека „тие земаат предвид некакви извештаи од соросоидни организации и невладини организации кои ги хранат за да плукаат на Бугарија“.