Во Скопје некој си замислува дека Бугарија ќе направи отстапки поради братски чувства и солидарност. Тие сметаат и дека некој однадвор ќе изврши притисок врз Бугарија. Сепак, ова нема да се случи, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.

Според него, незамисливо е бугарското Собрание да гласа за отстапки и едно такво отстапување од позицијата на Бугарија не би поминало во ниту еден парламентарен состав.

– Ќе видиме што ќе се случи за една недела. Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивен. Нема да станат членки на Европската Унија со коминтерновско удирање по маса – изјави Каракачанов за бугарската телевизија БТВ.

Тој смета дека Договорот за добрососедство е „доволно добар, но само доколку се почитува“. Една година по неговото потпишување тој веќе не се почитува, смета Каракачанов, додавајќи дека склучувањето на договорот било услов за прием на Македонија во НАТО, а неговото почитување е услов за членство во ЕУ.

– Пријателството е пријателство, братството е братство, но договорите и доброто однесување мора да се почитуваат. Не сакаме да одиме низ Капали чаршија и да се расправаме чиј е Гоце Делчев – изјави Каракачанов, инсистирајќи на тоа дека Бугарија и бугарскиот народ мора да го бранат националниот интерес. Тој додава дека Бугарија не ги принудува Скопје и Македонците да се откажат од својот национален идентитет, но треба да бидат така добри и да го создаваат според фактите дека тој е создаден со оган и меч по 1944 година.