Лично не сум преговарала, ниту пак ми доаѓа на памет, ниту пак сум помислила да преговарам за нешто што воопшто не е прифатливо за мене, кажа поранешната министерка за култура и поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска, во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизија „Канал 5“, во однос на судскиот случај „Тендери“ што се води против неа.

– Немало никакви преговарања. Јас имам судски предмет кој сè уште тече, воопшто не сум се договарала за самиот предмет – тврди Канческа-Милевска.

Таа додаде дека во Собранието гласала по свое убедување за промена на уставното име на државата.

– Сум немала никаков притисок, ниту од мојата партија, ниту од страна на СДСМ. Лично, по мое сопствено убедување и сметав дека конечно сите треба да се издигнеме над партиските ставови кога станува збор за интересите на државата – категорична е Канческа-Милевска.