Фото: Игор Бансколиев

ВЛАЖНИОТ БРАН И ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ НОСАТ РИЗИК ОД ПОПЛАВИ

По релативно топлото и стабилно време, изминативе денови Македонија е зафатена со влажен бран, кој донесе интензивни врнежи од дожд низ целата држава, што, пак, го актуализира и прашањето за опасноста од поплави.
Неодамна Босна и Херцеговина беше погодена од обемни поплави, во кои, за среќа, немаше загуба на човечки животи, но беше причинета сериозна материјална штета на инфраструктурата на главниот град Сараево и на околните населени места. Во меѓувреме и во соседна Србија неодамна се одржа најголемата вежба во нејзината историја за превенција од поплави и природни непогоди, насловена „Систем 2021“, во која беа опфатени 50 града и населени места во Србија.
Македонија има свое горко искуство со поплавите. Во 2016 година од катастрофалните поплави што го зафатија Скопскиот Регион загинаа 21 лице во селото Стајковци, а само една година претходно во големи поплави настрадаа и села во Тетовскиот Регион каде што животот го изгубија пет лица.
Во контекст на актуелните случувања во соседството и временските услови, нашиот весник побара одговори од надлежните институции колку нашата земја ги следи состојбите и колку сме сега подготвени да реагираме во случај на поплави.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) предупредуваат на можност од поплави, кои не би биле од големи размери, но велат дека може да бидат поплавени земјоделско земјиште и куќи покрај одредени реки и суводолици.

Оттаму порачуваат институциите и граѓаните да бидат внимателни.
На листата со места што се критични се: сливот на реката Вардар, а најчесто има излевање на водата кај селата Јегуновце, Раотинце и Туденце, сливот на Треска, сливот на Црна Река, сливот на реката Струмица, конкретно Струмичко Поле е подложно на поплави при зголемување на водостојот на реките Струмица, Радовишка, Оравичка, Смилјанска, Плеваја и водотеците од планината Беласица…
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, вели дека Македонија во најголем дел е подготвена да реагира и да се справи со можните опасности.
Тој објаснува дека најголем дел од каналите се солидно исчистени, но потребно е да се продолжи со целосно дочистување.
– Заклучокот е дека најголем дел од примарните канали се исчистени, останува мал дел од нив да бидат исчистени. Секундарните канали, кои се под надзор на локалните власти и водостопанство, треба да бидат исчистени во голем дел за да бидат во добра кондиција и да бидат подготвени за временските состојби. Добро е дека на овие активности навремено се работи. Додека на локалните канали, кои поминуваат низ населени места, состојбата некаде е многу лоша и не би можеле да ја прифатат надојдената вода доколку несакано дојде до пообилни врнежи – вели Ангелов.
Тој апелира надлежните институции да продолжат со ваквото чистење и во следниот период за, како што рече, да не бидат изненадени од евентуални обилни врнежи.
Ангелов објаснува дека состојбата на теренот во Македонија е нетипична во пресрет на овие случувања споредбено со изминатите години.
– Ние годинава го имавме најтоплото лето во изминативе 30 години, а водата испари. Тоа значи дека нашите акумулации есенва и зимата би можеле да прифатат поголеми количества надојдена вода од обично. Но сепак, проблем е ако на терен на одредена локација, каде што каналите на регионално ниво не се исчистени, ни се случат обемни врнежи, тогаш може да имаме комплицирана состојба за која ќе треба бргу да реагираме – вели Ангелов.

Тој објаснува дека ЦУК изминатиов период навреме ги предупредил сите инволвирани актери во овој процес и се надева дека навреме ќе се спроведат од државата и од локалните власти сите планирани операции на ова поле.
Од друга страна, метеоролозите во Управата за хидрометеоролошки работи со внимание ги следат временските услови, а преку радарските системи на УХМР се следи и движењето на влажната воздушна маса.
Радарските системи им даваат и детални податоци за интензитетот и количеството врнежи што се очекуваат. Ако се приближува големо невреме, тогаш е момент да се вклучи хидроалармот и да се испрати предупредување до надлежните институции и до граѓаните.
УХМР располага со систем за рана најава и предупредување за временски непогоди. Станува збор за мрежа на станици, кои во реално време ги доставуваат информациите, како и радарски и сателитски мониторинг-систем – па така, покрај податоците се добива и визуализација преку слики и карти.
Според најавите на балканските хидрометеоролошки организации, есенва се очекуваат обилни врнежи на дожд во Македонија, а на некои места и до 30 и 50 милиметри во едно деноноќие, како места на кои во наредниот период можат да се очекуваат по обилни дождови се западните делови на земјата и регионот на Повардарието.

[email protected]