Фото: Маја Јаневска-Илиева

На политичките партии и кандидатите за градоначалници и советници им преостануваат уште осум дена да ја претстават својата програма пред граѓаните. Кампањата за претстојните локални избори завршува на 15 октомври на полноќ

Приближувањето кон Европската Унија, пожарот во тетовската модуларна болница, како и нови инвестициски проекти, покачување на минималната и просечната плата, но и редица други планови и проекти од комуналната сфера и од локално значење доминираа во излагањата на кандидатите и претставниците на партиите во изминатава втора недела од кампањата за претстојните локални избори.
На кандидатите за градоначалници и советници им преостануваат уште осум дена да ја претстават својата програма пред граѓаните.
И минатава недела на митинзи и средби со граѓаните во повеќе градови и населени места ги претставуваа изборните програми за локалните избори, закажани за 17 октомври годинава.
Кампањата за претстојните локални избори завршува на 15 октомври на полноќ.
Вториот круг на изборите, пак, ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за вториот круг ќе трае до 29 октомври.
Овие локални избори се седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и градот Скопје.


Најактивни коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ

Најактивни со предизборните митинзи се коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои во еден ден, преку два посебни карвани, од кои едниот го водат лидерите Кристијан Мицкоски и Зоран Заев, а вториот потпретседателите Александар Николовски и Сања Лукаревска, обиколуваат по неколку општини, со централен митинг навечер во поголемите општини.
Паралелно со партиите, главна битка за изборите водат кандидатите за градоначалник на Скопје, каде што учествуваат 12 кандидати.
Коалицијата „Живот во Македонија“, предводена од СДСМ, изминатата недела одржи средба со граѓани и во Чучер Сандево и митинзи во Шуто Оризари, Бутел и во Ѓорче Петров. Коалицијата со премиерот Зоран Заев вчера беше меѓу граѓаните на општините Карбинци, Штип и Конче, а учествуваше и на граѓанска трибина и промоција на кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници на Општина Радовиш. Вториот карван ќе биде во Општина Неготино, со заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.
Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, имаше средби со граѓаните во Могила и Новаци и митинзи во Ресен и во Битола. Својата изборна кампања „Создади нова иднина!“ ја претстави и во Дојран, Валандово, Богданци и Гевгелија.
Зелената партија ДОМ и ЛДП беа во Свети Николе и Штип, а од Левица имаа активности во Делчево. ДУИ во Тетово, а движењето Беса во Липково и Боговиње.


Заев: Иднината е во ЕУ

За претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изминатите четири години истовремено државата се развиваше дома и тргна по вистинскиот евроатлантски пат.
– Бев на самитот во Брдо, кај Крањ, најважните претставници на Европската Унија, Меркел, Мишел, Борел, Фон дер Лејен, Санчез, сите европски лидери, дадоа поддршка и го поздравија успехот што Македонија го постигна во последните четири години речиси во секоја сфера – истакна Заев во Пробиштип.
Претседателот на СДСМ најави и оти од 1 јануари 2022 година, просечната плата ќе биде 500 евра, а минималната плата 300 евра.


Шилегов: Скопје со најголема пешачка зона во Европа

Скопје град без сообраќаен метеж и со најголема пешачка зона во Европа во центарот од градот ветува Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на главниот град од СДСМ. За таа цел, актуелниот и кандидат за втор мандат за градоначалник на Скопје нуди три крупни решенија за растоварување на сообраќајот, проекти што се веќе започнати и се очекува да се завршат и стават во функција до 2024 година.
Пред неколку дена го претстави планот за затворање на Малиот ринг во Скопје, со што ќе се добие најголемата пешачка зона во Европа.
Град Скопје го ослободува овој простор од автомобили по примерот на европските метрополи.
– На овој потег од улицата ќе биде овозможено движење исклучиво за автобусите на БРТ-системот. Со тоа се овозможува непречено движење на пешаците од стара железничка до крајот на Бит-пазар и од Собранието до крстосницата кај „Палома Бјанка“ – изјави Шилегов.


Мицкоски: Иднината на земјата е неизвесна

Околу интеграцијата на Западен Балкан и нашата држава во ЕУ се изјасни и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој изрази загриженост за пораките што стигнаа од Европската Унија.
– Иднината на Западен Балкан е сѐ понеизвесна и дури и во 2030 година не можеме да очекуваме целосна интеграција на Западен Балкан и нашата Македонија во ЕУ. Не само што со СДСМ нема датум туку и Македонија ја втурнаа во нова криза во европските интеграции – рече Мицкоски од Ѓорче Петров.


Арсовска: Пет нови мегапарка во Скопје

Независната кандидатка, пак, Данела Арсовска, која во трката за градоначалник е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, ветува дека Скопје ќе биде град со алтернативни форми на транспорт.
Минатата недела најави изградба на пет нови мегапарка во општините Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, по примерот на градскиот парк.
Според Арсовска, запоставениот градски парк и неспособноста за обезбедување повеќе зелени места во градот е еден од проблемите на скопјани.
– Последниве години сме сведоци дека останавме без дрвја за сметка на бетонизацијата. Овие неколку години Скопје доживеа урбан хаос, се градеше на места без долгорочен план и стратегија за иднината. Зеленилото е потреба на секој модерен град, а ние во континуитет го губиме. Скопјани имаат само еден парк и тој не е среден како што треба – рече Арсовска.
Арсовска рече дека се обврзува градот да засадува 100.000 нови садници секоја година.


Ахмети: Не можеме во ЕУ без канализација, вода и чист воздух

Демократската унија за интеграција (ДУИ) на централниот митинг во Општина Боговиње ја претстави програмата што се нуди пред гласачите. На митингот присуствуваше и дел од партиското раководство, предводено од претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
– Нашата агенда ќе биде полна со задачи, ние сме подготвени сите барања да ги исполниме, ова место да го подобриме. Како аспиранти за ЕУ, не може да бидеме членки без патишта, план за градење, без канализација, без снабдување со вода, стандарди за чистота на воздухот. Апел да ги вратиме реките какви што беа чисти, сите имаме морална обврска да ги исчистиме реките и амбиентот за нашите деца. Ова е живот, ова е нашата агенда. Има многу работа да се работи. Имаме кадар со свои идеи, со свои проекти, за да напредуваме сите ние како граѓани. Сите да работиме, зашто работиме за себе за да напредуваме – порача партискиот лидер Али Ахмети.


ЛДП и ДОМ за подобар квалитет на животот

Коалицијата „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП во Штип изминатата недела ги промовираа својот кандидат за градоначалник Ванчо Санев и советничката листа, чиј носител е Мартин Каровски.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачинин, истакна дека движењето „Одлучно за промени“ е со цел да се обезбеди здрав и квалитетен живот на граѓаните во сите општини.
Таа нагласи дека на нивните советнички листи и кандидати за градоначалници не се вклучени само партиски членови, туку и граѓанските активисти, непартиски граѓани и експерти од различни области.
Пред присутните се обрати и заменик-претседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ, кој акцентира дека квалитетот на животот на човекот зависи од квалитетот на животната средина, затоа двете партии ЛДП и ДОМ се здружиле на овие локални избори.


Левица со забелешки за рекламирањето

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, заедно со пратеникот Борислав Крмов, присуствуваше на отворањето на канцеларијата на партијата во Делчево. Тој потенцира дека Левица на локалните избори има 40 листи и осум кандидати за градоначалници.
За Апасиев, кампањата од самиот почетокот е нефер, бидејќи, како што рече, во делот на платеното политичко рекламирање, 90 проценти од „колачот“ земаат четири партии, а за помалите партии остануваат „трошки“ од седум проценти.