Како ќе се одвива заштитата во деновите на кампања / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државната изборна комисија и Комисијата за заразни болести предвидуваат протоколи за заштита од ширење на коронавирусот на денот на гласањето, но како ќе се одвива заштитата во деновите на кампања? Дали здравствените власти ќе можат да го регулираат целиот овој процес?

Една недела ја дели Македонија од почетокот на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули годинава, а заразата со коронавирусот не стивнува во државата. Иако партиите најавуваат дека нема да има масовни собири и митинзи, сепак отварањето на границите и ублажувањето на рестриктивните мерки дополнително ќе го зголемат раздвижувањето на населението.
Државната изборна комисија и Комисијата за заразни болести предвидуваат протоколи за заштита од ширење на коронавирусот на денот на гласањето, но како ќе се одвива заштитата во деновите на кампања? Дали здравствените власти ќе можат да го регулираат целиот овој процес? Можно ли е и понатаму да се применуваат ригорозните мерки за заштита со оглед на тоа што влегуваме во предизборна кампања? Од аспект на заштита на здравјето на граѓаните се потребни и неопходни, но од аспект на политиката тие се противречни.

Сите овие дилеми се исправени и пред здравствените власти, но и пред политичките партии, а секако и пред самите граѓани од кои се очекува голема одговорност во поглед на заштитата на здравјето.
ОБСЕ/ОДИХР веќе распиша конкурс за ангажирање експерти, кои треба да ги набљудуваат изборите, а избраните кандидати би требало да пристигнат во земјава за неколку дена.
Изминативе речиси три недели во Македонија како да се случува втор бран, со екстремно високи пикови и број на новозаразени што се мери во трицифрени бројки. За само седум изминати дена во државата беа регистрирани 934 нови случаи позитивни на ковид-19 и 33 починати лица во истиот период, што е драматичен пораст на статистиката во споредба со првиот бран од месеците март и април годинава.

Јавноста стравува дека овие бројки ќе продолжат и во следниот период, а можеби и ќе се зголемуваат, со оглед на тоа како се движат состојбите. Уште позагрижувачко е тоа што голем број пациенти позитивни на ковид-19 се на болничко лекување, а најалармантна е состојбата во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Микробиологот Никола Пановски анализирајќи ја последната состојба со пораст на бројот на заразени во земјава, во регионот, но и во некои од европските земји вели дека ширењето на вирусот не е стивнато, тој е присутен и така ќе биде и во следниот период.

– Не очекувам во следниот предизборен период да има воведување поголеми рестриктивни мерки. Комисијата предложи полициски час од 22 часот до 5 часот, што не беше прифатено. Сега мерките се лесни и се оставени на индивидуалната свест. Денот на изборниот процес не е ризичен за спроведување од аспект на ширење на вирусот, зашто можат да се предвидат прецизни протоколи – нагласи Пановски.
И министерот за здравство Венко Филипче пред два дена посочи дека е факт дека се соочуваме со силен бран на епидемијата.

– Тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика, кои се наоѓаат на домашно лекување – нагласи Филипче.

[email protected]