Фото: Игор Бансколиев

За првпат на овие избори ќе се користат читачи на отпечатоци од прст за време на изборите. ДИК ги задолжува сите градоначалници да организираат дезинфекција на сите гласачки места во објектите за гласање

В НЕДЕЛА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО МАКЕДОНИЈА

До вчера, 476 гласачи се пријавиле да гласаат в недела што се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.
Ова се последните бројки што ги има Државната изборна комисија, од каде што посочуваат дека општинската изборна комисија по службена должност набавува податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лицата што се пријавиле за гласање.
ДСЗИ во рок од 24 часа треба до општинските изборни комисии да достави известување дали навистина тие лица се со позитивен тест или се во самоизолација.
– На гласачите при влез на избирачкото место нема да им се мери температура.
Граѓаните ќе мора да носат маски. На гласачките места ќе има дезинфекциски средства. Лицата што ќе работат на избирачките места немаат обврска да бидат вакцинирани, а просториите ќе треба редовно да се проветруваат – посочуваат од ДИК.
Според протоколите на Државната изборна комисија, граѓаните што се со позитивен тест или се во самоизолација треба да достават известување до општинските изборни комисии преку полномошник или електронски до општинската изборна комисија најдоцна пет дена пред денот определен за гласање.
Полномошното лице што поднесува известување за гласањето на овие лица треба да гласи само на член од потесното семејство, а тие што немаат член од потесното семејство имаат право да му даваат полномоштво на друго лице што може да поднесе известување за гласање најмногу за две лица.
Тој што еднаш се пријавил како полномошник не може уште еднаш да поднесе полномоштво од друго лице.
При електронското поднесување мејл-адреса, може да се поднесе за најмногу две лица.
ДИК врз основа на одредбите од Изборниот законик ги задолжува сите градоначалници да организираат дезинфекција на сите гласачки места во објектите за гласање.

За оваа законска обврска ДИК во неколку наврати во изминатиот период писмено ги извести единиците на локалната самоуправа, за почитување на здравствените протоколи за спроведување на изборите, а поради заштита на здравјето на изборните органи, гласачите и учениците.
Во Македонија вторпат се одржуваат избори во време на коронавирус. Како и за парламентарните избори во 2020 година, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од ковид-19 и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата што ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.
Изборната кампања почна на 27 септември, а заврши на 15 октомври. На 16 октомври гласаат болните, немоќните, а на 17 октомври е денот на изборите.
Овие локални избори се седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и градот Скопје.
Државната изборна комисијата (ДИК) информира дека се потврдени 303 листи за градоначалници и 567 за советници за локални избори за 17 октомври. На изборите ќе може да гласаат 1.824.864 граѓани.
За првпат на овие избори ќе се користат читачи на отпечатоци од прст за време на изборите. Само претседателот на Избирачкиот одбор или неговиот заменик ќе имаат посебни идентификациски паметни картички и единствено тие ќе бидат овластени за управување со уредот за биометриска идентификација на граѓаните.


Изборите ќе ги следат 1.045 набљудувачи

За локалните избори што ќе се одржат в недела се акредитирани вкупно 1.045 домашни и странски набљудувачи и преведувачи. Според податоците од Државната изборна комисија, изборите ќе ги мониторираат 714 домашни набљудувачи. Акредитирани се 512 набљудувачи од граѓанската асоцијација АКСИОС 2017 Скопје, 190 набљудувачи од здружението ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје, како и 12 набљудувачи од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид – Скопје.
Акредитирани за набљудување се и 219 меѓународни набљудувачи и 40 преведувачи.
Специјалната мисија за процена на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи, Американската амбасада 15, британската амбасада во Скопје седуммина, амбасадите на Франција и на Унгарија по шестмина, ИФЕС и амбасадата на Албанија по петмина, амбасадите на Русија, Холандија и Италија по четворица, амбасадите на Чешка и Хрватска, и Централната изборна комисија на БиХ по тројца набљудувачи, амбасадите на Грција, Бугарија и на Шпанија по двајца и амбасадата на Белгија еден набљудувач.