Истрагата ќе ги открие деталите за бегството на Груевски, но останува прашањето како четири земји, наши пријатели, го дозволиле тоа, запраша вчера премиерот Зоран Заев. Тој очекува јавноста многу брзо да биде информирана што точно се случувало во Македонија околу бегството на поранешниот премиер.

– Јас сум информиран од МВР и знам досега до каде се стигнати работите и верувам дека во многу брзо време на јавноста ќе ѝ бидат соопштени деталите што се случувало во Република Македонија, бидејќи знаеме што се случувало во Албанија, Црна Гора, Србија и во Унгарија. Останува прашањето како тоа наши пријатели, четири земји, го дозволиле тоа и, секако, останува прашањето како тоа во три земји-членки на НАТО, демонстрирајќи владение на правото, го кажувам тоа под наводници, во време кога македонското општество, македонскиот парламент сериозно е фокусиран заради огромната инспирација со право да се биде членка на ЕУ и НАТО, се случува токму тоа. Но затоа се истрагите, затоа се информациите што следуваат, да бидат споделени со јавноста – истакна Заев.

Заев жали што МВР сѐ уште не може да излезе со детална информација. Рече и дека го почитува тоа што Јавното обвинителство е во сериозна истрага и додека трае истрагата, не може да се соопштуваат сите детали.

Премиерот демантира дека комуницирал со Никола Груевски непосредно пред да ја напушти државата.

– Тамам работа, ќе излезе дека заедно сме го договарале тоа. Откога сум премиер, една и пол година, со господинот Груевски немам никакви контакти. Последните контакти беа кога беше заробен, заглавен парламентот во таа бесконечна дискусија пред да се случат немилите настани на 27 април. Тоа беше таму, во парламентот, кога разговаравме за одблокирање на процесот, дека е јасно оти мнозинството постои и да не ги мачиме Македонија и македонските институции. Тогаш беа последните разговори – истакна Заев.

Во меѓувреме и грчки европратеник од СИРИЗА, Стелиос Кулоглу, бара одговори од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, за одобрениот азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски од Унгарија.
– Се разгледува можноста да се побараат објаснувања од Унгарија за причината поради која му даде политички азил на господинот Груевски. Кои се следните чекори што планирате да ги преземете за да не може држава-членка да ја попречува работата на правдата во земја-кандидат за членство – се прашањата што Кулоглу ѝ ги поставува на Могерини.

Европратеникот истакна дека владеењето на правото е фундаментална вредност и за земјите-членки и за земјите-кандидати за членство и додава дека „премиерот Виктор Орбан, и покрај одлуките на ЕУ, не прима баратели на азил“.

– Ова очигледно не важеше во случајот на господинот Груевски, кој е осуден за сериозен криминал. Владеењето на правото останува фундаментална вредност како за државите-членки така и за кандидатите за членство. Унгарија ја поддржува интеграцијата на ПЈРМ во ЕУ, но, како што се чини, не смета дека земјата е безбедна, давајќи му азил на Груевски – пишува Кулоглу.