Како против бугарскиот политички мобинг врз Македонија?

Што се тркала зад Деве Баир?

Латентно чувствителната и загрижувачки опасната безбедносно-политичка состојба во односите меѓу двете соседни суверени балкански држави Република Северна Македонија и Република Бугарија, кои имаат турбулентно повеќевековно историско минато, неверојатно, го доживува своето крешчендо токму денес, во почетокот на 21 век, кога Република Бугарија како членка на НАТО и на Европската Унија, на својот прв сосед Република Северна Македонија, исто така од неодамна членка на НАТО и „вечен“ аспирант за влез во ЕУ, со ирационални и бесмислени политички пречки ѝ го попречува тоа право со ставањето вето за почнување на нејзините пристапни преговори во Унијата. И сето тоа на очиглед на господата од пантеонот на европската демократија, заедништво и безбедност во Европа – Брисел. Практично субјективно дозволувајќи им на бугарската надворешна политика и дипломатија да вршат своевиден политички мобинг и да ја условуваат и уценуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, со ирационални и во основа нереални политички барања, надвор од рамките и контекстот на сите општоприфатени и важечки меѓународни и меѓудржавни правни норми и договори. Уште повеќе, ако зад тоа всушност практично неуспешно се кријат флагрантни територијални претензии и еклатантно мешање во македонските внатрешни работи, и тоа на очиглед и неодобрување на најголем дел на македонската и на европската политичка јавност.

На таа линија, пренебрегнувајќи ги сите постојни и важечки билатерални македонско-бугарски документи, спогодби, договори и декларации, потврдени и прифатени од страна на највисоките законодавни институции на двете држави, бугарската дипломатија секојдневно упатува и шпекулира со нови и нереални барања и закани до македонската страна, кои без исклучок задираат во негирањето на посебноста на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и македонската историја и негирање на постоењето на македонско национално малцинство во Република Бугарија. Таков е и најновиот во најава анекс (со 12 точки) на Договорот за пријателство и соработка меѓу двете земји, со кој одредени бугарски политички челници од власта недолично и дрско манипулираат пред јавноста на двете држави, надевајќи се дека на тој начин на мала врата, со уцени и ултиматуми, ќе ги изнудат посакуваните отстапки на македонската страна во спорот, длабоко задирајќи во најсуптилните внатрешни работи на една суверена, меѓународно признаена земја, членка на ООН и НАТО и на личните определби на нејзиниот народ и граѓани.
Без подготвеност, добра волја и можност бугарските политички елити по дипломатски пат, цивилизирано и добрососедски да го решат Гордиевиот јазол на „македонско-бугарското прашање“ (дури и покрај некои најавени можни отстапки од страна на македонската дипломатија во преговорите), можеби е крајно време да се побара друго цивилизирано решавање на проблемот?

Голем број спорни меѓународни прашања, кои со децении постојат и не можат да се решат по пат на преговори и во континуитет ги подриваат политичките и други односи и ја загрозуваат безбедноста меѓу две или повеќе држави и народи, какви што се во случајов Северна Македонија и Република Бугарија, пред кои, еве, и обединета Европа е немоќна, останува можноста во тоа да помогнат компетентните меѓународни институции и постојните меѓународни организации и тела, применувајќи ги механизмите и нормите на меѓународното право и санкции. Во прв ред оние од Организацијата на ОН, кои се овластени и задолжени арбитражно да ги решаваат сите меѓународни проблеми што ги загрозуваат правата и слободите на одделни земји-членки, а кои претставуваат опасност за загрозување на мирот и безбедноста во нив, но и оние во регионот и во светот.
Македонските европски интеграции се трајна стратегиска определба на македонскиот народ и на македонската земја, која повеќе од три децении макотрпно чекори кон таа цел, остварувајќи видливи резултати и исполнувајќи значајни, политички, економски и социјални успеси на тој пат, но, сепак, таквата определба има и свои граници и одреден лимит, цена што никој во земјата не е овластен и веруваме нема да ја плати.