Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наместо независна и функционална парламентарна демократија, државата сѐ повеќе се претвора во класичен „премиерски систем“. Впечатокот е дека во текот на повеќе изборни циклуси т.н. „премиерски систем“ непречено се етаблира како модел за функционирање на власта во Македонија, во кој секаква политичка иницијатива, а особено големите одлуки зависат исклучиво од премиерот. Секако, таквиот (навистина неформален) принцип на функционирање на власта воопшто не му оди во прилог на практикувањето независно демократско мислење и одлучување на избраните пратеници во Собранието, како и независноста на правосудството, а честопати ги прави дискутабилни и самостојноста и интегритетот и на другите институции

Еден од синдромите на плуралистичкото дејствување на политичката сцена во македонското општество е внатрешното функционирање на партиите, според принципот, жаргонски наречен, султан-партија. Симптоматично е и тоа што, и по три децении независност на Македонија и декларирана намера за демократско уредување на општеството, тешко се наоѓа начин да се надмине таквиот принцип на партиско функционирање, кој понатаму се пренесува и како модел на функционирање во државните институции.
– Сите постојни партии од 1990 година до денес беа султански партии, каде што лидерот одлучуваше за сè. И тоа не би било толку трагично доколку не се пресликуваше на државно ниво, кога ќе дојдеа на власт. Ние немаме ниту претседателски, ниту парламентарен систем, туку имаме премиерски систем. За илустрација, Груевски беше дури и архитект. Заев почна да го води телото за реформи во правосудството, а при последната реконструкција сакаше да биде и министер за финансии. Навистина ли нема никој околу нив да им каже дека со седнувањето во премиерската фотелја, прекуноќ не се добива огромен квантум знаење од сите можни области. Ние, со новата Твоја партија, сакаме да направиме речиси сè спротивно од она што се правеше досега – вели адвокатот Алексндар Тортевски во едно неодамнешно интервју, во кое наедно ја најавува иницијативата за создавање нова партија, која би функционирала модерно, според демократските модели соодветни за партија од 21 век.

Сепак, во своето согледување на феноменот султан-партии, кој се пренесува од деведесеттите години на 20 век, Тортевски открива дека таквиот прифатен модел на внатрепартиска хиерархија и уредување неизбежно се одразува, и тоа негативно, на државата, кога партијата ќе дојде на власт, односно кога лидерот на партијата ќе стане премиер. Тој укажува дека лидерот на партијата, како прв човек на извршната власт, многу брзо успева доминантно да се наметне и над законодавната власт (Собранието) и над судската власт, па и над ингеренциите на претседателот на државата.

Впечатокот е дека во текот на повеќе изборни циклуси т.н. „премиерски систем“ непречено се етаблира како модел за функционирање на власта во Македонија, во кој секаква политичка иницијатива, а особено големите одлуки зависат исклучиво од премиерот. Секако, таквиот (навистина неформален) принцип на функционирање на власта воопшто не му оди во прилог на практикувањето на независното демократско мислење и одлучување на избраните пратеници во Собранието, како и независноста на правосудството, а честопати ги прави дискутабилни и самостојноста и интегритетот на претседателската функција.

– Условите за воспоставување т.н. „премиерски систем“ се создадоа со воведувањето на пропорционалниот модел и затворените изборни листи за парламентарните избори. Таквиот модел создава ситуација сите пратеници да зависат од лидерот на партијата, зашто тој избира и одлучува кој од членовите на партијата (а евентуално и од коалициските партии) ќе се најде на затворената изборна листа. Тоа ја концентрира моќта во лидерот на партијата, кој ако партијата победи на изборите, вообичаено станува и мандатар за составување влада, т.е. премиер. Исто така вообичаено, принципот на функционирање во партијата во која доминира лидерот се пресликува и во практикувањето на власта. Лидерот на партијата очекува и бара лојалност од пратениците што ги ставил на листата… – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски, наведувајќи ги основните причини за воспоставување и долгогодишно функционирање на своевидниот „премиерски систем“ во македонскиот политички амбиент.

Арсовски потсетува дека во периодот на мнозинскиот изборен систем, кога се гласаше за личности, лидерот на партијата сепак не бил толку доминантен. Комбинираниот мнозинско пропорционален изборен систем првпат е воведен на парламентарните избори во 1998 година, кога 80 пратеници беа избрани според мнозинскиот модел, а 40 од пропорционалните листи. Од изборите во 2002 година целосно се практикува пропорционалниот изборен модел.

– Воведувањето отворени изборни листи ќе значи и промена на изборниот модел и поголемо влијание на гласачите во изборот на претставниците на кои ќе им го пренесат своето право на одлучување. Таквиот модел секако ќе ја намали доминантната одлучувачка моќ на лидерот на партијата, која со актуелниот изборен модел се покажа како неприкосновена – констатира Петар Арсовски.

Во изминатите години, Собранието често беше доведувано во подредена улога
Фото: Игор Бансколиев

Македонска берлусконизација

Професорката по Уставно право и претседателска кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во својата објава на социјалните мрежи аферата „Рекет“, која веќе два месеца го обременува функционирањето на правнополитичкиот систем во Македонија, ја спореди со функционирањето на власта на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
– „Рекет“ е синоним за македонска берлусконизација по формулата: економска моќ + политичка моќ + „валкани крагни“ (лоша администрација) + медиумска моќ. „Заевисконизацијата“ или „зокисконизацијата“ се заокружи со создавањето на 1 ТВ како фабрика за провладини информации, како и појавата на инструментализирани портали до ниво на обожавање на премиерот и политичката елита – пишува професорката Гордана Силјановска-Давкова.