Фото: Игор Бансколиев

Како гледаат политичките партии во Македонија на новата методологија на ЕУ, што значи таа за државата и за граѓаните во иднина и дали ќе го забрза или, можеби, забави нашиот пат кон ЕУ? На овие прашање нашиот весник побара став од политичките партии во земјата.

Јагода Шахпаска од СДСМ од Комисијата за европски прашања вели дека за социјалдемократите овој импулс е оценет како добар и во голема мера ги одразува реформските заложби и евроатлантските перспективи на партијата.

– Од она што можеше да се прочита по медиумите во кластерите може да се препознае и константната определба на СДСМ за промовирање на европските вредности преку функционална правна држава и функционирање на демократските институции, која и досега е манифестирана во голем број процеси со европски вредности, како Пржинскиот договор, формирањето на СЈО, новиот закон за ЈО, дејствувањето на техничката влада и слично – објасни Шахпаска.

Таа резимира дека за СДСМ новата методологија одговара и стимулира и партијата е сериозен оптимист за иднината на земјата.

Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, вели дека за сериозна партија каква што е неговата, кога се говори за новата методологија за проширување на ЕУ, може да се каже дека овој документ е штотуку објавен и во моментов е прерано да се дадат сериозни процени како ќе се дејствува во иднина, но откога извештајот ќе биде изанализиран, наскоро партијата ќе излезе со свое видување.

– ВМРО-ДПМНЕ настојува Македонија што поскоро да добие датум за преговори, бидејќи изминатите две-три години државата загуби многу во трката кон ЕУ. Она што може да се забележи е недостиг од реформи и изгубени години со СДСМ на власт, а тоа го покажуваат релевантните меѓународни институции, имаме пад на листата за транспарентност за борбата против корупцијата. Овие се сериозни показатели за тоа каде може да води сиот овој процес – вели Стоилковски.

Реџеп Исмаил-Хактан од президиумот на Левица вели дека во однос на новонајавената методологија за проширување на ЕУ, партијата смета дека тоа е само промена во насока на геостратегиско маскирање на политичката волја на самата Унија, која очигледно нема интерес дополнително да се проширува, но има интерес да ги уценува државите од т.н. Западен Балкан, за да не посегнат случајно по некоја друга алтернатива на регионална или пак глобална соработка за да си ги остварат своите национални интереси.

– Оттука, најголем проблем во аспирацијата на Република Македонија кон ЕУ е тоа што при преговорите со Унијата постојат апсолутна некритичност и комплетно предадена сервилност на сите досегашни политички субјекти што биле на власт и го воделе овој процес – вели Исмаил-Хактан.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи од ДУИ вчера изјави дека чинот со објавување на новата методологија на ЕУ е многу важен ден по октомвриското разочарување.

– Ова е добра основа за враќање на кредибилитетот на Западен Балкан, затоа што се предвидени неколку чекори за финализирање на овој процес – смета Османи.
Тој истакна дека чествува оптимизам дека процесот за приближување кон ЕУ по новата методологија ќе биде и временски подинамичен.


Димитров: Веруваме во двојна победа во наредните недели

Ги поздравуваме напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров, коментирајќи ја новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ.
– Новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамизам, предвидливост и кредибилитет на процесот. Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес. Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие што одат назад врз основа на кредибилна објективна оцена за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање здрава реформска конкуренција во нашиот регион – истакна Димитров.