Во текот на последните девет месеци се слушнаа многу објаснувања за овие различни епидемиски варијабли – време, стара популација, витамин Д, претходен имунитет, имунитет на стадо итн. – но ниту една не ја објаснува временската рамка или размерот на овие драстични варијации. Сепак, постојат потенцијални занемарени начини за разбирање на оваа пандемија што може да помогнат да се одговори на овие прашања, да се прекинат многу жестоки расправии и, што е најважно, да ни помогнат да го ставиме под контрола ширењето на ковид-19.

Фељтон: Нови круцијални сознанија во врска со пандемијата на ковид-19 (3)

Цевик ги нагласува „продолжените контакти, слабата вентилација, многу заразната личност и метежот“ како клучни елементи за некој настан да се претвори во суперширител. Суперраспространувањето може да се случи и во затворен простор, кога не се следат упатствата за растојание од метар и половина, бидејќи САРС-КоВ-2, патогенот што го предизвикува ковид-19, може да патува низ воздухот и да се акумулира, особено ако вентилацијата е слаба. Со оглед на тоа што некои луѓе инфицираат други пред и тие самите да покажат симптоми или кога тие се многу слаби, не е секогаш можно да се знае дали и ние самите сме сериозно заразни. Не знаеме дури и дали постојат уште фактори што влијаат на суперширењето. Но дури и не треба да ги знаеме сите потребни фактори за да го избегнеме она што се чини како неопходен услов во повеќето случаи: многу луѓе, особено во лошо проветрено затворено опкружување, кои не носат маски. Како што вели Натали Дин, биостатистичар од Универзитетот во Флорида, со оглед на огромните бројки поврзани со овие жаришта, насочувањето токму кон овие фактори би било многу ефикасно во намалувањето на бројот на случаи на пренесување на инфекцијата.

Прекумерната дисперзија е исто така нешто што треба да се има предвид кога се обидувате да ги откриете контактите. Всушност, можеби ќе треба да свртиме сè наопаку. Во моментов многу држави се занимаваат со она што се нарекува наоѓање контакти однапред. Откако ќе се идентификува заразено лице, се прави обид да се открие со кого потоа комуницирало, за да можеме да ги предупредиме, тестираме, изолираме и да ги ставиме во карантин сите потенцијално изложени. Но тоа не е единствениот начин да барате контакти. Наместо тоа, во многу случаи треба да се обидеме да работиме наназад за да видиме кој прв го заразил конкретното лице.
Поради прекумерна дисперзија, повеќето луѓе ќе бидат заразени од некој што исто така заразил други луѓе, бидејќи мал процент од луѓето инфицираат многу луѓе истовремено, додека повеќето не инфицираат ниту една или можеби една личност. Како што објасни Адам Кухарски, епидемиолог и автор на книгата „Правила на инфекцијата“, ако со ретроспективно барање контакти можеме да го најдеме лицето што го заразило нашиот пациент и потоа да ги пронајдеме контактите на заразеното лице, ќе најдеме многу повеќе случаи во споредба со контактите на заболениот пациент што се следат однапред, со што само ќе се идентификува потенцијалната изложеност, што не мора да резултира со нови инфекции затоа што повеќето синџири на пренос и онака сами изумираат, пишува „Атлантик“.

„Парадоксот на пријателството“

Причината за барање контакти наназад е слична на она што социологот Скот Л. Фелд го нарече „парадокс на пријателството“: Вашите пријатели ќе имаат повеќе пријатели од вас во просек (Извинете!). Ова станува јасно кога ќе ги погледнете принципите на вмрежување. Пријателствата не се распределуваат еднакво; некои луѓе имаат многу пријатели, а во вашиот круг на пријатели најверојатно ќе бидат вклучени и оние многу дружељубивите луѓе, а зошто да не? Тие се спријателиле со вас, но и со други. И овие многу дружељубиви луѓе ќе го зголемат просечниот број на пријатели што вашите пријатели ги споредуваа со вас, обичната личност. (Се разбира, ова нема да важи за самите дружељубиви луѓе, но прекумерната дисперзија значи дека ги има многу помалку).
Слично на тоа, заразената личност што ја пренесува болеста е слична на пандемиска многу дружељубива личност: Просечниот број на лица што ќе ги зарази ќе биде многу поголем од повеќето популација, која ќе ја пренесува болеста многу поретко. Всушност, како што математички покажуваат Кухарски и неговите коавтори, прекумерната дисперзија значи дека „следењето однапред во просек може да го идентификува најмногу просечниот број на секундарни инфекции (т.е. Р)“; за разлика од тоа „гледањето наназад го зголемува овој максимален број на индивидуи што можат да се следат за фактор 2-3, бидејќи овие случаи имаат поголема веројатност да доаѓаат од некое жариште, отколку самиот случај да го создал жариштето“.
Дури и во премногу дисперзирана пандемија, не е бесмислено да се прави следење однапред за да може да ги предупредите и да ги тестирате луѓето доколку има дополнителни ресурси и капацитети за тестирање. Но нема смисла да се прави следење однапред, а да не се обезбедат доволно ресурси за следење наназад и пронаоѓање на жариштата што предизвикуваат толку многу штета.

Друга значајна последица од прекумерната дисперзија е тоа што ја нагласува важноста на одредени видови брзи евтини тестови. Да го разгледаме тековниот доминантен модел на тестирање и пребарување контакти. На многу места, здравствените работници се обидуваат да ги најдат понатамошните контакти на заразеното лице: сите оние со кои лицето е во контакт од моментот на инфекција. Потоа, тие се обидуваат да ги тестираат сите со скапи, бавни, но многу прецизни ПЦР-тестови (полимеразна верижна реакција). Но ова не е нужно најдобриот начин кога жариштата се толку важни за ширење на болести.
Тестовите со ПЦР ги идентификуваат сегментите на коронавирусна РНК во примероците од назални брисеви – како што е барањето на неговиот потпис. Ваквите дијагностички тестови се мерат преку две различни димензии: дали се добри во препознавање луѓе што не се заразени (специфичност) и дали се добри во препознавање заразени лица (чувствителност)? ПЦР-тестовите се многу точни за двете димензии. Сепак, тестовите за ПЦР се исто така бавни и скапи и бараат долго и непријатно земање брис од носот во медицинска установа. Долгото време на обработка значи дека луѓето не добиваат навремени информации кога им се потребни. Уште полошо, тестовите за ПЦР се толку чувствителни што може да најдат ситни остатоци од траги на коронавирус долго откако некој престанал да биде заразен, што може да доведе до непотребна самоизолација.

Предност на брзите тестови

Во меѓувреме, истражувачите утврдија дека брзите тестови што се многу точни во идентификувањето на луѓето што ја немаат оваа болест, но не се толку добри во идентификувањето на заразените лица, може да помогнат во борбата против оваа пандемија. Како што рече Дилан Морис, докторанд по екологија и еволутивна биологија на „Принстон“, евтините тестови со ниска чувствителност може да помогнат во ублажување на пандемијата дури и ако не е премногу распространета, но тие се особено важни за идентификување жаришта при прекумерна дисперзија. Ова е особено корисно затоа што некои од овие тестови можат да се користат со земање плунка и други помалку инвазивни методи и може да се користат надвор од медицинските установи.

(продолжува)