Како изгубивме еден Македонски Брод во 2020 година

Белата чума долго време е присутна кај нас, а тоа значи дека од година на година нѐ има сѐ помалку. Особено е за одбележување што во 2020 година коронавирусот си го зеде данокот, па затоа податоците се загрижувачки. Според претходните податоци за 2020 година, за периодот јануари – декември 2020 година, умрени се 4.603 лица повеќе од истиот период во 2019 година, што покажува дека продолжува негативниот демографски тренд.
Изминатата година првпат се појави негативен природен прираст на населението и се изгубија 601 жител, или тоа е колку 150 населени места што имале до девет жители според пописот од 2002 година. Да биде појасно и посликовито за 2020 година претставено и јасно, природниот прираст на населението е намален за 6.176, или останавме без една општина како што е Македонски Брод, или заедно Вевчани и Градско, Дебрца и Новаци, Лозово и Конче и други рурални општини што се со мал број на население, а не населени места. Впрочем, тоа значи дека во 2020 година живородени се 18.863 деца, а умрени се 25.049 лица и природниот прираст на населението е намален за 6.167. Појавата на зголемениот број умрени лица секако ни е позната и со појавата на пандемијата, односно на ковид-19, и не само кај нас туку и во целиот свет.

Доколку направиме длабинска анализа или анализа за период од пет години, од 2016 до 2020 година, можеме да констатираме дека бројот на живородени деца е намален за 4.139 или за 18,0 проценти, а во однос на 2019 година за 4,5 проценти.
Меѓутоа ако, пак, за истите периоди се направи анализа за умрените лица, ќе се констатира дека има зголемување за 4.628 лица или за 22,7 проценти, или за само една година бројот е зголемен за 4.603 или за 22,5 проценти (тоа е 2020-та во однос на 2019 година). Оваа состојба покажува дека бројот на умрените лица во подолг временски период бил константен околу 20.000. Но се проценува дека и во натамошниот период бројот на умрените лица ќе продолжи да расте, а наталитетот да опаѓа.
Претходните податоци за 2020 година покажуваат дека седум од осумте региони во земјава се со намалено население, а во 2019 година такви беа шест.
Состојбата со намалено население или намален природен прираст на населението врз основа на наталитетот и морталитетот по општини за 2020 година е загрижувачка од аспект на бројот на општините што имаат намалено население. Такви општини се 65, или 81,3 процент од општините во Северна Македонија, а само 15 имаа зголемување на населението, додека во 2019 година беа 47, или 58,7 проценти. Во 2020 година во три региони (Источниот, Пелагонискиот и Југоисточниот) сите општини се со намалено население, а тоа се 30. Во другите три региони (Југозападниот, Вардарскиот и Североисточниот) само по една општина е со зголемено население, во Полошкиот се две општини и во Скопскиот Регион, од 17 општини, десет се со зголемено население.
Најмногу умрени лица во 2020 година има во општините,. Битола 1.407, Куманово 1.323, Прилеп 1.204, Тетово 1.001, Гостивар 902, Гази Баба 856, Аеродром 851, Карпош 840, Кисела Вода 831, Охрид 754, како и Струмица итн.

Според наведените податоци и направените анализи, може да се замисли каква е пак состојбата со населението по населени места или колку населени места, покрај оние од пописот од 2002 година, кога 147 беа раселени и 160 беа со население до 10 жители, што има денес во нив од население и колку верувам дека речиси сите се раселени, а тоа набрзо ќе ни го покаже пописот што е во подготовка за спроведување.
Сметам дека наведените и анализирани податоци јасно говорат каква е демографската состојба во земјава, не само кај нас туку и во целиот свет. Затоа, имајќи ја предвид состојбата со пандемијата, се проценува дека морталитетот ќе продолжи да расте, а наталитетот да опаѓа, но може да има и нагло зголемување на раѓањата, нешто што не е остварено со пандемијата.
Затоа се поставува прашањето дали државата може да интервенира со некои мерки и популациона политика за давање можност за повеќе раѓања. Секако дека е потребна стратегија и за ублажување на иселувањето на младото репродуктивно население. Потребна е подготвеност на државата да почне да се занимава со решавање на сите нивоа на демографските прашања и проблеми. Бидејќи секоја земја што ќе се најде во ваква демографска состојба веднаш ги презема сите мерки и активности преку назначување или формирање соодветно министерство, изработка на стратегија со акциски план и други мерки и активности што се преземаат за да не се доведе во крајно лоша демографска состојба.

Зошто го велам ова или зошто пишувам за истото тоа, зошто кажувам, дебатирам и преку разни други форми апелирам и укажувам на ваквите демографски состојби? Посочувам и кои чекори да ги преземе државата за да застане на патот на демографскиот црн биланс, бидејќи со ваквите појави населението станува сѐ постаро, затоа што ќе се смали очекуваното траење на живот, затоа што ќе се намали работоспособното население и низа други несакани појави и последици,
На крајот сакам и апелирам да се направат длабински анализи во најскоро време, а особено и со податоците од пописот и неговите резултати од 2021 година, бидејќи моменталната состојба не е добра, а доколку не се преземат итно мерки, ќе биде уште полоша на ниво на држава, а катастрофална по региони, општини и населени места.

Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар