Неодамнешното вето за пристапни преговори со ЕУ на Македонија и Албанија од страна на францускиот претседател Емануел Макрон генерално е гледано како чекор назад од другите членки на Унијата. Но, Париз не ја оспорува перспективата на пристапување на Западен Балкан кон Унијата. Намерите на Макрон се опишани како обид за почнување на поширока дискусија за пристапниот процес и неговите способности за постигнување резултати. А тоа е со право. Сегашната политика за проширување на ЕУ е неисправна и главно се заснова врз взаемно лицемерие. Унијата се преправа дека е насочена кон проширување, а балканските земји се преправаат со реформите, пишува Весела Чернева во нејзината колумна „Француската врска: Како да се оживее процесот за проширување на ЕУ“, објавена од страна на „Европскиот совет за надворешни прашања“.

Комисијата за проширување изгуби голем дел од својата моќ над балканските земји со бескрајните одложувања и застои во процесот за проширување. За да се поправи проблемот со проширувањето, овој процес треба да биде реверзибилен, а ЕУ треба да запомни дека станува збор за заедница, а не за пазар што постојано се проширува. Затоа Макрон, но и мнозинството членки на ЕУ, се против проширувањето. Оваа, како и сите други одлуки, треба да се носат со заедничко гласање и компромис.

Ако земјите-кандидатки сакаат да имаат кредибилитет за пристапување кон ЕУ, тие не треба да чекаат Унијата да изврши притисок врз нив. Но, таа секогаш треба да биде подготвена да изврши притисок, доколку е потребно.

Со нон-пејперот што Франција неодамна го објави, таа се залага за процес од седум фази според кои земјите-кандидатки треба да се приближат до европските норми и стандарди. Нон-пејперот вклучува и компонента за реверзибилност, според која ЕУ може да ги прекине пристапните преговори доколку земјата-кандидатка повеќе не ги исполнува условите.

Новиот пристап на Франција се заснова на таканаречениот „хоризонтален метод“, со што кандидатките би постигнале реформи во одредени области, со тоа добивајќи пристап до одредени ЕУ-програми пред да добијат полноправно членство. Со тоа, чувството на создавање заедница се заснова врз размената на искуства и градењето пријателства.

Но, додека ЕУ ги испробува новите опции за пристапување на Западен Балкан, истовремено ризикува и да ги отуѓи земјите во регионот, потпалувајќи ги старите и нови национализми. Додека предлозите за ревизија на методологијата предвидуваат зголемување на финансирањето, ЕУ треба да одржи и контрола врз сите фондови и да го земе предвид капацитетот на апсорпција (се мисли на способноста на земјата за прифаќање на новите информации, со цел за нивно користење – н.з.) на земјите-кандидатки. Конечно, со отворањето пристапни преговори со Македонија и Албанија во март идната година, ЕУ ќе создаде политички замав потребен за спроведување на ваквите планови.