За неформалниот документ што се однесува на идното проширување на ЕУ, а и на Македонија, нашиот весник побара мислење од дипломатските претставници на повеќе европски земји. До затворањето на денешното издание на весникот ги добивме мислењата од Словенија, Словачка и од Франција

Каков е ставот на меѓународната заедница и каква дебата надвор од Македонија предизвика обелоденувањето на францускиот нон пејпер наменет за идното проширување на ЕУ, кој како неформален документ од Париз веќе е доставен до сите земји-членки на Унијата и до македонските институции.

Нон пејперот доаѓа само еден ден пред седницата на Советот за општи работи на ЕУ на која, според најавите, се очекува шефовите на дипломатиите на земјите-членки да разговараат за иднината на процесот на проширувањето по неуспехот во октомври, на кој не се обезбеди консензус за почеток на преговорите за членство на Македонија.
Во тој правец „Нова Македонија“ ги сондираше мислењата на дипломатите во однос на овој неформален документ, кој цели на иднината на европските аспирации на нашата држава.

За потсетување, веднаш по неодамнешната француската блокада за доделување датум за преговори на земјата во ЕУ, меѓународната заедница го осуди чинот на францускиот претседател Емануел Макрон и му посочи дека тој стои сам во своето вето за проширување насочено кон државите од Западен Балкан. Како гледа Европа сега на нон пејперот и кој е нејзиниот став?

Францускиот амбасадор во земјава Кристиан Тимоние вели дека Франција најпрво ги очекува реакциите на нон пејперот од земјите-членки, но исто така со големо внимание ќе ги сослуша и забелешките и од македонската страна.

– Всушност тоа се француските размислувања доставени до сите земји-членки на ЕУ и по насоките од мојата влада јас ги доставив до властите на РСМ и ги очекуваме најпрво реакциите на земјите-членки, но исто така ќе бидеме мошне внимателни и ќе ги сослушаме забелешките од македонска страна – рече Тимоние.

Сепак, според Тимоние, најважно од сѐ е почитувањето и функционирањето во практика на правната држава и додаде дека тоа е работа за која се согласуваат сите.
Во изјава за „Нова Македонија“, aмбасадорот на Словенија во земјава Милан Јазбец вели дека Словенија поддржува суштински дискусии за процесот за проширување, кои водат кон полноправно членство на Северна Македонија како и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ.

– Францускиот предлог го сметаме, а наедно и очекуваме дека истиот тој ќе придонесе за појасна и поконкретна динамика на процесот за проширување во согласност со напредокот на поединечните земји-кандидатки и аспиранти. Според нашето мислење, сметаме дека Северна Македонија и во изминатиот период ги исполни сите неопходни услови и Словенија го поддржува претстојното започнување на овој процес. Сето тоа позитивно ќе влијае врз регионот, што е потребно за понатамошна демократизација и стабилизација, што исто така покажува интерес за зајакнување на соработката – вели Јазбец.

Од словачката амбасада, пак, за „Нова Македонија“ посочуваат дека станува збор за предлог што ќе биде дискутиран на релевантните форуми на ЕУ.

– Република Словачка во моментов го студира и ќе се обиде идната нова методологија за пристапниот процес да ги исполнува наведените цели во форма на побрз и поефективен процес и што поскора интеграција. Новиот пристап за нас е средство, приоритетна цел на Република Словачка е започнувањето на пристапните преговори без дополнителни одложувања. Од клучно значење за Република Словачка е Република Северна Македонија да биде вметната во директните преговори за пристапување, и во оваа смисла ќе ја поддржиме таквата форма на новата методологија, која ќе го олесни целиот процес и ќе доведе до навремено исполнување на европската перспектива на целиот регион на Западен Балкан со резултатот од самитот во Солун од јуни 2003 година – велат од амбасадата на Словачка.

Во меѓувреме, неименуван европски дипломат за американскиот магазин „Политико“, коментирајќи ги случувањата поврзани со последниот нон пејпер, вчера изјави дека сево ова не може да го прикрие фактот дека француските предлози не се однесуваат на реформа на пристапниот процес, туку ставаат крај на проширувањето на ЕУ.

– Тоа е отровна стрела за земји како Македонија, кои направиле многу за исполнување на строгите услови на ЕУ за да започнат разговори за пристапување. Ако Франција се приклучи на консензусот на ЕУ за овој процес, ние всушност би можеле да видиме повеќе реформи и поголем напредок на теренот отколку преку вклучување во долги дискусии за методологијата – вели неименуван дипломат за „Политико“.

Пјер Мирел некогашниот директор на Генералниот директорат на Европската комисија за проширување за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, коментирајќи ги последните настани, изјави дека француската резервираност за проширувањето на ЕУ е долга со децении и таа се темели на идејата Европа да биде повеќе интегрирана, односно „угоре високо удолу длабоко“.

Од друга страна, американскиот државен секретар Мајк Помпео и францускиот министер за надворешни, Жан-Ив Ле Дриан, на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за пораз на Исламската држава, разговарале за членство на Македонија во ЕУ, соопшти викендов Стејт департментот.

Според Стејт департментот, двете земји на состанокот разговарале за новите моменти на темите поврзани со важниот интерес од пристапувањето во ЕУ на Македонија.


Домашни реакции

По објавување на информацијата за францускиот нон-пејпер, се огласи и Владата, која истакна дека документот е за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја што ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.
– Многу е важно што рамката, која ја предлага Франција, го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува. Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ, која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите што ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ – велат од Владата.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека со нон пејперот на Франција, се покажува дека премиерот Зоран Заев ја извртувал вистината за тоа до каде се домашните реформи.


Што содржи нон пејперот

Франција испрати таканаречен нон пејпер до земјите-членки на ЕУ, барајќи „обновен пристап“ во процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Исто така, од Европската комисија Париз побара до јануари 2020 година да објави нова методологија во процесот на пристапување, што ќе се применува при започнување на пристапните преговори со земјите-кандидати.
На неформалниот документ на Париз на шест страници, е напишан новиот процес на пристапување, кој ќе се одвива постапно за приклучување во Унијата и тоа во седум чекори. Првата фаза е владеење на правото и основните права, втората е образование и истражување, третата е труд и социјални прашања, четвртата е финансиски работи, петтата е единствен пазар, земјоделство и риболов, шестата е надворешни работи и седмата се други области зависни за секоја земја посебно. Нон пејперот предвидува и дополнителна финансиска помош во претпристапниот период за Западен Балкан, а тоа значи пристап до структурните фондови, кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]