Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичките програми и партиските митинзи во предизборието промовираа предлози и заложби за унапредување и во сферата на медиумите и медиумскиот простор (и јавниот интерес забележан преку печатените и електронски гласила). Всушност, програмите и партиите детектираа недостатоци и слабости кај медиумите, непочитување на принципите и на кодексот и постоење на ниво далеку од професионалното. Ако вообичаено медиумите се тие што се коректори на јавните политики, овој пат во предизборната кампања партиите едногласно излегоа со предлози за унапредување на работењето во медиумскиот простор

Компаративна анализа на партиските програми за улогата на седмата сила во општеството

Зголемување на медиумската писменост, битка со лажните вести, воведување соодветни образовни предмети се само некои од конкретните забелешки што се однесуваат на медиумскиот сектор во државата, претставени во изборните кампањи на партиите за предвремените парламентарни избори, закажани за 15 јули.

СДСМ во системска битка со лажните вести

СДСМ во својата изборна програма, насловена „Можеме“, најавува дека доколку го добие мандатот од граѓаните, ќе креира алатки за новинарите и граѓаните, за брзо откривање и спречување на ширењето лажни вести. Социјалдемократите велат дека ќе работат на медиумската писменост, особено кај најмладата публика, преку воведување соодветни содржини во образовните предмети во основните и средните училишта, почнувајќи од учебната 2021/2022 година, и нивно редовно ажурирање во период од две до четири години.
– Во првата година од новиот мандат ќе поддржиме создавање истражувачка медиумска лабораторија, преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и лажните вести. Ќе обезбедиме поголема заштита на малолетната публика од штетните влијанија на онлајн медиумите, преку усогласување на националното законодавство со новата директива на ЕУ за аудиовизуелни правила што се однесуваат на видеошаринг-платформите – се нотира во програмата.

Натаму, социјалдемократите навестуваат дека во Собранието ќе формираат повеќепартиска група за систематска борба со лажните вести, која ќе ја следи работата на сите државни органи чија акција е неопходна во оваа борба.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поттикне професионализацијата на медиумите

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, „Обнова на Македонија“, пишува дека партијата, доколку дојде на власт, ќе иницира „формирање професионално тело за саморегулација на медиумите, под закрила на АВМУ, со учество на релевантните медиумски организации“.
Според замислата на оваа партија, намерата на ова тело ќе биде да ја намали потребата за ангажирање на другите државни институции, како судовите или обвинителството, во спорови што произлегуваат во медиумската сфера. Во програмата се предвидува и дека освен во случаи на судски спорови, телото може да дава свое мислење и за пријавени случаи на говор на омраза, ширење лажни вести и други кршења на општоприфатените правила на новинарската етика. Во партискиот документ, за по изборите се навестува дека оваа партија планира да отвори дијалог со медиумите за сите форми на регулаторни притисоци со кои се соочиле во изминатиот период и ќе ги прифати сите издржани предлози што ќе помогнат медиумите во иднина да можат да работат слободно.

– Ќе се преиспитаат непотребните регулаторни обврски при формирањето на медиумите, уредувањето на програмата, определувањето на уредувачката политика, сопственичката структура, јазикот и стилот на изразувањето, условите за работа. Наедно, ќе се спротивставиме на обидите за воспоставување нови регулаторни пречки и форми на притисоци врз новите видови електронски медиуми – интернет-порталите, интернет-телевизиите и социјалните мрежи, за да се заштити уставно загарантираната слобода на изразување. Секаде каде што е можно, постојната регулатива ќе се заменува со форми на саморегулација што ќе ги утврди медиумската заедница – се додава во програмата на оваа партија.

Глас за Македонија ќе воведе државна легитимација за медиумските работници

Во својата програма партијата Глас за Македонија на овие избори ќе атакува со стратегија за целосна деполитизација, департизација и декриминализација на медиумите во Македонија, како еден од носечките столбови на секое демократско општество. Партијата предвидува темелни реформи на законската регулатива за медиумите и медиумските услуги. Натаму, Глас за Македонија ветува преиспитување на финансирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, преку сведување на оптимално и реално работење во согласност со економската состојба на државата.
Во партискиот документ се искажани залагања за безусловно почитување на македонскиот културен идентитет, односно неговиот говор, јазик и писмо.
Потоа, Глас за Македонија има своја визија и за воведување државна легитимација за секој медиумски работник, како мерка за враќање на професионалноста на медиумските работници.

– Строго почитување на работничките права на медиумските работници. Почитување на регулативите за авторски права од страна на медиумските субјекти, како и од нивните коминтенти – пишува во програмата.
Во изборните ветувања, Глас за Македонија навестува и воведување инспекција на маркетинг-агенциите заради слободно и реално движење на рекламниот капитал и промотивно работење во медиумите, како и ограничување на политичкиот маркетинг исклучиво во предизборни кампањи и одвојување минимален простор за промоција, по симболична сума, како надомест за медиумите

Интегра им ветува на медиумите стимул за заштита на македонската култура и духовност

Во изборниот документ што се однесува на визијата на Интегра за медиумите се подвлекува дека медиумите ќе бидат стимулирани и поттикнати со измени и дополнувања во законската регулатива да ги промовираат сите македонски идентитетски одредници, особено македонскиот јазик, македонската историја, македонската култура и духовноста на нашиот македонски народ
Оваа партија во својата документација ветува дека ќе се почнат кампањи во печатените и електронските медиуми за употреба на нови корисни политики и економски мерки, како на пример промоција на ефикасни енергетски потрошувачи што треба да се променат за намалување на трошокот на населението.

[email protected]