И покрај сите пораки упатени од маршот, интелектуалната јавност ваквата манифестација на барање поддршка од граѓаните од страна на некој што е на власт ја оценуваат, најблаго кажано, како невообичаена

Да се биде креативен во методите на политичката борба отсекогаш било инспирација за политичарите. Иновативноста и во политиката е поврзана со конкурентноста, со впечатливоста, па и со успешноста. Но креативноста во политиката со себе го носи и ризикот творечкиот порив и пораката што се пласира да не бидат разбрани онака како што сака творецот. Дури некогаш може и да се протолкува сосема спротивно од посакуваното. Организирањето јавни собири, протести, односно демонстрација на одредено (не)задоволство во општеството, според класичното толкување на демократијата, е „привилегија“ на какви било групации што не се во можност да практикуваат власт. Но кога таква демонстрација со некакво побарување организира некој што е во позиција, односно ги поседува „лостовите, инструментариумот и механизмите“ да го оствари тоа што се декларира дека е потребно за просперитет на граѓаните и општеството, секако ги надминува конвенционалните гледишта на практикување на демократијата. Како и да се наречат масовно искажаните чувства на граѓаните што излегоа во јавноста мотивирани од власта, тој феномен беше различно протолкуван од различните политички интересни групи, но и од аналитичарите.

Имено, „Марш за правда“ во Скопје, организиран од владејачката СДСМ, еден ден по распуштањето на Собранието и распишувањето на изборите, а наедно и еден ден по изгласувањето на и понатаму контроверзните закони за јавно обвинителство и за совет за јавни обвинители, отвори повеќе перспективи на толкување на намерите на организаторот. Додека опозицијата, која во Собранието не ги поддржа овие закони, и понатаму бара правен начин да го оспори нивното изгласување и тврди дека во нив е содржана скриена селективна амнестија за сегашната власт, претставниците на владејачката партија во поканата за маршот велат дека со тоа бараат поддршка од граѓаните. Се разбира дека приодот на опозицијата се разликува од приодот на власта, но и интелектуалците го изразија своето мислење за една ваква форма и специфичен облик на изразување на јавното мислење.

– Следува прочистување на правосудството. Тоа имаме да го порачаме и за тоа бараме поддршка, од вас, од граѓаните – порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во видеопораката за маршот.
И покрај сите пораки упатени од маршот, интелектуалната јавност ваквата манифестација на барање поддршка од граѓаните од страна на некој што е на власт ја оценуваат, најблаго кажано, како невообичаена.

– Ова го иницираа и предводеа луѓето што имаа шанса од позиција на власт да направат суштински промени во правосудниот систем, а не направија. Граѓанските организации маршираат за да може да се слушне гласот на граѓаните кога не се задоволни од политиките на оние што се на власт. СДСМ фактички е политичка партија што во моментов ја држи власта во државата. Значи, со овој марш СДСМ ни вели дека не знае што да прави со таа власт и не знае како да се справи со проблемот на владеење на неправото и повикува да дојде некој да го реши овој проблем. Јас и понатаму тврдам дека СДСМ е подобра партија од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа СДСМ не покажа дека има капацитет (морален и интелектуален) да го деконструира груевизмот. И јас немам верба дека може да го направи тоа. Вчерашниот марш само ми го потврди стравувањето. СДСМ полека но сигурно станува ВМРО-ДПМНЕ -остро порача професорката Мирјана Најчевска на социјалните мрежи.

Ваквиот облик на јавни собири професорот социолог Илија Ацески смета дека би можеле да го наречеме „македонски придонес во изразувањето на демократијата“.
– Работата е сериозна, но факт е дека таквиот феномен на протестирање од страна на власта не е познато дали се применува во некое друго демократско општество. Тој феномен на некој начин укажува дека кризата на институциите во државата е толку длабока што нејзиниот одраз во општеството е застрашувачки извитоперен. Како социолошки феномен, последниот марш на владејачката партија може да се толкува како перење на сопствената совест дека малку направила за да постигне целосно владеење на правото. Но, од друга страна, во светлината на претстојните избори, тоа може да се гледа и како барање доверба, во смисла „ако продолжиме да владееме и понатаму, ќе направиме повеќе“. Се плашам дека ваквата ситуација на условена правда ќе донесе голем немир – вели професорот Илија Ацески.

Креативноста во политиката со себе носи и ризик