Словенечкиот дипломат имал одлика да дејствува во сенка и да практикува „мека моќ“ во време кога во државата се случиле серија битни политички процеси. Дополнително, аналитичарите оценуваат и дека во овој период нашата земја не напреднала значително во својот пат кон Унијата

Мислења на професори, политичари и политички аналитичари за евроамбасадорот во заминување

По полни четири години минати во Македонија, првиот човек на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Словенецот Самуел Жбогар заминува од земјава, а на негово место доаѓа Белгиецот Дејвид Гер.
За време на мандатот на Жбогар во Македонија се случија серија битни општествено-политичко процеси што засекогаш го променија ликот на државата. Од 2016 година досега, онолку колку што е на функција Жбогар, во земјава се спроведе референдумот за промената на името, се потпишаа договорот од Преспа и договорот со Бугарија за добрососедство, беше формирано, но и заврши со работа Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а истовремено беа извршени серија изборни циклуси, од локални, претседателски па до парламентарни, управувањето на пржинската влада, како и трансферот на власта. Дополнително во овој период, кога со дипломатската мисија на ЕУ раководеше словенечкиот дипломат, поради францускиот нон пејпер беше променета и методологијата со која државите во иднина ќе пристапуваат кон Унијата.

Во сублимиран заклучок, во освртот на значењето на мандатот на Жбогар во Македонија, познавачи на политичките случувања во земјава со кои се консултиравме оценуваат дека словенечкиот дипломат имал одлика да дејствува во сенка и да практикува „мека моќ“ во време кога во државата се случиле серија битни политички процеси. Дополнително, аналитичарите оценуваат и дека во овој период нашата земја не напреднала значително во својот пат кон Унијата.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски размислува дека сите до еден преставници на мисијата на ЕУ во земјава во најголем дел позитивно си ја завршија својата работа.
– Но, сепак, динамиката и начинот на кој работат дипломатите зависат од личните карактеристики и од темпераментот на земјите од кои доаѓаат во Македонија – вели Давитковски.
Тој подвлекува дека за него лично можеби најдобар евроамбасадор во земјава бил Аиво Орав, со кого во голем број ситуации контактирал и професионално и приватно.
– Лично сметам дека Жбогар беше одличен во својата работа, а сето тоа не може јавно да се регистрира бидејќи тоа е одлика на неговиот карактер. Не е ист начинот на дејствување на дипломат што доаѓа од Северот на Европа и оној што доаѓа од Југот.

Дополнително, за мене лично најмногу „поени“ добиваат амбасадорите на САД и на Британија. Тие се многу важни партнери за нас, а истовремено со стапувањето на нивната функција веднаш го учат домашниот јазик во земјата во која пристигнуваат – вели Давитковски.
Професорот жали поради фактот дека домашната политичка елита не успеала максимално да го „искористи“ Жбогар, кој дојде тука од држава во соседството, за на тој начин да ги подобри сите можни релации и соработки меѓу Македонија и Словенија.
Од друга страна, политикологот Милан Стефаноски смета дека иако помина четири години во Македонија, словенечкиот дипломат не успеа да остави силен белег во македонската политика иако за тоа имаше многу шанси.
– Во најмала рака, Жбогар се чини работеше зад превезот на дискрецијата и немаше голем број јавни излагања и пресови во кои транспарентно ќе ја објаснеше позицијата на ЕУ по одредени прашања во Македонија, од која се очекува наскоро да стане нова членка на Унијата – вели Стефаноски.

Тој вели дека новиот амбасадор што ќе дојде на местото на Жбогар ќе треба да ја пополни празнината на дејствувањата, особено во помошта на ЕУ во забрзувањето на преговарачките процеси и во справувањето со пандемијата на коронавирусот.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во своја оцена на мандатот и дејствувањето на европскиот дипломат во нашата земја вели дека работата на Самуел Жбогар ќе се памети по резервираноста и дипломатски одмерениот речник, но со перманентна постојаност и низок интензитет во дејствувањето.
– Неговиот стил на дејствување беше „скромен и завиен во дипломатски речник“. Односно Жбогар, за разлика од неговиот претходник Авио Орав или, пак, можеби од најмаркантниот досега амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, го красеа дипломатски одмерен речник и константност во дејствувањето – вели Арсовски.
Тој смета дека наследникот на Жбогар ќе биде и првиот дипломат што во практична смисла ќе има голем импакт на брзината со која нашата земја ќе се движи кон Унијата.

Македонскиот долгогодишен политичар Петар Гошев, пак, вели дека амбасадорот Жбогар припаѓал на ерата на модерни дипломати. Меѓутоа, Гошев истакнува дека иако Жбогар си ја завршил функцијата максимално коректно и транспарентно, тој сепак бил одмерен, резервиран и не поседувал енергичност и импулсивност при претставувањето на Македонија пред ЕУ. Гошев направи и мала паралела помеѓу претходникот на Жбогар, Фуере, и евроамбасадорот во заминување.
– Фуере наспроти Жбогар беше крајно директен во спроведувањето на својата агенда. Фуере беше енергичен и импулсивен, но добронамерен кон нас, а тоа го докажа и по завршувањето на неговата функција, кога ја бранеше Македонија во европските лавиринти и кога тоа не му беше должност. Од друга страна, пак, Жбогар придонесе на пласирање позитивни импулси преку т.н. сталожено дејствување. Тој докажа дека сѐ уште чувствува врска со Македонија, бидејќи неговата земја потекнува од поранешна Југославија и својата функција му ја остава на наследникот со огромен број успешно завршени предмети – вели Гошев.

[email protected]