ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИТЕ ВО УСТАВОТ

Веќе поминаа три од предвидените пет јавни расправи за четирите амандмани за промена на Уставот на Република Македонија со кои треба да се имплементира спогодбата од Мала Преспа. Во Собранието веќе е помината втората фаза од усвојувањето на уставните измени, односно прифатени се текстовите на нацрт-амандманите со општо парламентарно мнозинство, но премиерот Зоран Заев и самиот постојано апелира дека во овој процес „од посебен интерес за иднината за нашата земја се спроведување и организирање со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање на секое разумно и рационално дополнување и усовршување во духот на договорот од Преспа“. Оттаму, за пошироката јавност е интересно да се види какви предлози беа дадени досега во изминатите три јавни расправи.

Така на пример беше даден предлог да се набројат сите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, како правни решенија на кои се темели нашата државност, или пак да бидат собрани во еден уставноправен израз како конститутивни документи на нашата државност. Како предлог за кој треба да се размислува, премиерот Заев го спомена и предлогот од собраниската говорница според кој треба да се наведе дека Република Македонија, освен грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници.

Професорот Владо Поповски предложи во преамбулата на Уставот, во новиот текст, веднаш до граѓаните на Република Северна Македонија да стои – „македонскиот народ“. Поповски објасни дека прецизирањето на македонскиот народ е потребно зашто граѓаните на Република Македонија не се национален државен субјект, туку се колективен субјект што се бори за своја држава. Исто така, според Поповски треба да стои и „граѓани што се дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот и ромскиот народ“, а не како што сега е наведено во преамбулата „граѓани што живеат во нејзините граници“. Тој побара во преамбулата да стојат и решенијата од АСНОМ што имаат конститутивно значење, а да не се употребува прогласот, бидејќи тој е всушност само информација.

На истата дебата, професорот Љубомир Фрчковски, предложи во преамбулата да се вметне и Охридскиот договор, но не во иста реченица до историските договори и со Уставот од 1991 година. Според него, во третиот амандман треба да пишува дека Републиката се грижи за дијаспората, без да се наведуваат припадниците на македонскиот народ, или да се наведуваат други заедници.
Втората јавна дебата се одржа на факултетот ФОН, а на јавната расправа говореа и ректорот на универзитетот ФОН, професорот Нано Ружин, и професорот Темелко Ристевски.

Професорот Ристевски се задржа на придобивките од имплементирање на спогодбата со Грција, предлагајќи во амандманот 36, точка 3, кој вели „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ што живеат во странство“, да се додадат зборовите „и за припадниците на албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и припадниците на други народи што имаат македонско државјанство и живеат во странство“.
Од учесниците во дебатата на ФОН се слушнаа и предлози за внесување во личните документи и на припадноста на етничката заедница, освен изјаснувањето за државјанство.

Во текот на вчерашниот ден, петок, во МАНУ беше одржана и третата дебата од јавната расправа. На неа претседателот на академијата, Таки Фити, за договорот со Грција се изјасни дека „не е совршен, но со него дефинитивно земјава ќе може да фати приклучок кон ЕУ и НАТО“. Но како главно прашање на третата јавна дебата, министерот за надворешни работи Никола Димитров го наметна проблемот со непотпишувањето на спогодбата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, поради што тој не е стапен во сила и сѐ уште не е воведен во правниот систем, и како во иднина да се исклучат вакви ситуации. Академиците имаат различни размислувања како правно да се реши оваа уставна празнина. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, образложувајќи предлози што беа веќе кажани во Собранието и на други дебати во делот на преамбулата, рече дека треба да се предвиди член според кој доколку претседателот на државата не потпише вторпат донесен закон од Собранието, тој автоматски да стапи во сила.

Од друга страна, пак, професорот по уставно право Светомир Шкариќ предложи уште најмалку два амандмана на Уставот, што би се однесувале на прогласување на договорот од Преспа, односно негово стапување во сила, и ставот за државјанството да стане нов амандман.

– Предлагам договорот да се смести во посебен амандман. Предлагам 37-от амандман да гласи: Договорот, вака како што е формулиран, со сите негови елементи, да биде составен дел на уставниот поредок на Република Македонија – рече Шкариќ, додавајќи дека идејата е тој да биде дел од уставниот или правниот систем.
На ова се спротивстави академикот Владо Камбовски, кој смета дека станува збор за еден многу крупен проблем што прво треба да добие легитимитет, потсетувајќи дека тоа би можело да отвори долга дебата, а временските рамки за усвојување на уставните измени се веќе познати.

Во текот на наредната недела треба да се одржат уште две дебати од јавната расправа за уставните амандмани, во Тетово и во Штип, а по пет дена Владата ќе треба да достави извештај од јавната расправа до Собранието. Потоа претседателот на Собранието, Талат Џафери, за 30 дена треба да закаже пленарна седница на која е потребно двотретинско мнозинство за конечна одлука за менување на Уставот.